Да и јас сум купен

30 Април 2014

 

Да и јас сум купен

 

Еве јас сум малку “спор” и не разбирам добро. Ајде некој нека ми ги објасни приказните за притисоци при гласање, или за “тргување” со гласовите. Нели, според опозицијата и нивните новинарски советници и хушкачи во обидот да се самораспушти и засекогаш исчезне од политичката сцена, изборите не биле легални и легитимни затоа што гласачите во “системска кражба” биле купени или уценети за да гласаат за власта.

Во ред. Може ли некој да ја разобличи оваа монструозно-конспиративно-орвеловска завера против опозицијата. Наводно се тргувало со гласовите. 10 гласови за владеачката коалиција значеле работно место, 5 гласови носеле субвенции и слично. Еве, јас да речеме сакам мојот глас и уште 9 други да ги продадам за работно место. И….??? На кој шалтер да се пријавам? Дали треба да аплицирам? Можеби сега власта има премногу гласови, па не прима од секого? И?

1. Како ќе ги убедам тие 9 луѓе да ми “помогнат” да “купам” работно место со тоа што ќе гласаат за ВМРО? (ќе апелирам на нивната совест и хуманост со ликот на Мајка Тереза истстовиран на срце, со киднапирање на член на фамилија, со оставање коњска глава во кревет или со ветување на 10 % од идната моја претпоставена плата)

2. Како ќе ми докажат тие луѓе на мене а потоа и јас на “трговецот”дека јас и тие 9 луѓе сме гласале за ВМРО? (со заколнување пред крст, кама и револвер на знамето од Кутлеш, секој да си отсече по еден прст од десна рака)

3. Кој ми гарантира дека навистина ќе добијам работно место? (со заколнување пред сликата на Грујо со новите фабрики во позадина или мора да бидеш коцкар или “шизик на ризик” затоа што на овие од власта ништо не можеш да им веруваш)

Просветлете ме. Не разбирам…сериозно…не разбирам. Има ли некој докази за овој нонсенс? Има ли било каква логика во ваквите тврдења?

Има ли некој кој не го знае вицот кој го шири опозицијата од типот…”….За да се вработиш, мораш да имаш партиска книшка од ВМРО…” Уф…а што убаво беше порано, бараа само секс. Ок. За каде да се вработам? Во локалниот кафе бар? Во фризерски салон “Вики Комерц”? Во Џонсон Контролс, во месарници “Промес”? И што… газдата ќе ми побара партиска книшка? Или во ВИП и ЕВН, или Дуна Копјутери и Тинекс, директорите на човечки ресурси ќе ми побараат партиска книшка? Еве, да речеме…во некој паралелен универзум во кој живеат лидерите на опозицијата и нивните мегафони, во некоја приватна фирма некој газда ќе ми побара партиска книшка. Ќе извадам партиска книшка. И? Што добил газдата и што добила партијата со тоа? Виртуелно членство. Кој им гарантира дека утре ќе го дадам мојот глас за нив. Јас можам да имам партиски книшки од седум партии, но на денот на гласањето, зад параванот, нема на челото да ми пишува за кого сум гласал. Или чекај…можеби книшките се донесени од некоја друга планета и имаат моќ да читаат мисли, или да ме убедат ако се пишманам и да ме посетат на мојата “обврска”. Аха…Исак Асимов и Стар Трек…

А што е со “уцените” кон вработените во државна служба? “Морале” да гласаат за владејачката партија? Па кој знае за кого ќе гласам? Јас сум сам зад параванот и можам да кажам дека сум гласал и за Далај Лама или Перо Антиќ. Кој ќе потврди? Луѓе бре…од пуста заслепеност од омраза и занесеност во квази елитизмот не гледате дека се однесувате како да живеете во друга димензија. Твајлајт зоун.

Луѓето гласале за владејачката коалиција затоа што биле купени? Веројатно да. И јас сум купен Како? Со тоа што општината ми ги направи улиците во соседството и ми напрви игралиште за децата во маало? Со тоа што пензијата на мајка ми постојано се покачува? Со тоа што се отвораат фабрики и работни места наместо да се затвораат како пред десетина-петнаесет години? Со тоа што главната сообраќајница која ме поврзува со Центар до вчера беше слепо црево а сега прераснува во првокласен булевар? Земјоделците се купени со субвенции кои до пред десетина години беа триесет пати помали. И младите се купени со погодности и поволни кредити за отворање бизнис или со државни стипендии за сите светски универзитети. Уметниците се купени со плати покачени за 3-4 пати и нов театар за кој сите сонувавме педесет години. Аааааа…а оградата од мостот што ја криете….???

Гласачите се “купени” со фактот дека никогаш порано не сме имале повеќе странски инвестиции во Македонија, дека никогаш порано не сме имале подобри улици и патишта, никогаш порано од центар, на пример преку новата Илинденска не се стигало побрзо до Ѓорче Петров, дека никогаш не сме имале повеќе и подобри градски автобуси, никогаш не сме имале повеќе туристи. Никогаш не сме имале подобри и повеќе спортски сали.Имаме стадион најдобар во Јужна Европа, салата Борис Трајковски е за гордост на секој нас. Училиштата се обновени, спортски сали се направени во секое селце. Здравството никогаш не ни било подобро. Се гледаат фабриките во Бунарџик, Штип, Битола, Велес, Кавадарци. Гасификација започната, два важни патини правци на исток за Штип и на запад до Охрид се на почеток на изградба, пари се обезбедени. Ова е фактичка состојба. Ааааа…а автобусите мораа ли да бидат црвени…???

Моите деца со подзинати усти ги гледаат спомениците низ центарот на Скопје, нашите легенди, нашите херои и творците на нашата историја и нација, кои порано дури ни на слики ги немаше по учебниците. Да, сега опозицијата ќе ми каже дека парите кои се потрошени се наши, од буџетот и владата не треба да се фали со тоа. Да, ама оваа е прва наша влада која покажува и отчет и на дело се гледаат нашите пари. Да, и јас сум купен. И не ми е важно кој е купецот и како се вика, се додека работи на моето и на доброто на моите деца, ќе ја има мојата подршка. Инаку, која би била алтернативата? Треба ли Владата наместо се ова погоре, да не работи, да ги затвора фабриките, да не гради туку да руши и уништува?

Опозицијата е во право. Кога ќе го погледнам се ова, и не ме изненадува што гласачите се купени. Но, фалинката е повторно кај опозицијата. Повторно при очи неможат да видат дека така се “купуваат” гласачите и во ЕУ и во САД. Не можат да сватат дека така треба да функционира секоја една влада во секоја нормална држава. Во функција на граѓаните и за нивно добро. Онаа влада која оваа едноставна вистина ја разбрала, онаа влада која работи за граѓаните, секогаш ќе ги добие гласовите на граѓаните. Без обзир на пустата желба за власт на безидејните и политички импотентни опозициски лидери и нивните медиумски апологети.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s