Една

27 март 2014

 

Една

 

Ете мики… дојде….пак е тој период од годината. Не, не мислам на времето кога  кочан зимските температури и маглиштата ко од фамозниот карпентеров блокбастер си отидоа а пушачите конечно можат без додатна арктичка опрема да отидат на кафе а да не се чуствуваат “пријатно”ко Обама во дуелот со Путин во кримската криза. Не мислев ни на враќањето на филмското биенале наречено избори, кои на огромна, овојпат двојна  радост на професионалните лепачи на плакати и етикети и интернет плукачите предводени од “интергалактичкиот бени хил ” Саше АНАЛитико и неговата “симпатија”новинарскиот “мистер бин” Геро, повторно се пред нас.

Мислев на периодот од годината кога по здодевната зимска сезона со островските поштари и водоводџии од фрикинг Сент Мирен или Честерфилд, конечно во вистински сјај ќе ја видиме и повторно до полн израз ќе дојде ЕДНА. Како која една? Па онаа, познатата душманка на секој чесен македонски фраер, маж, домаќин и посветен спортски работник, т.е. играч на спортска. Па како не знаеш? Мики, ЕДНА ти е најголемиот непријател на сите играчи на спортска, а најголем пријател на сите газди на кладилници. Многу битен елемент на социолошко-социјалниот  момент наречен кладилница и нашето легендарно…”ме заеба само ЕДНА”.

Да…завршија зимските паузи во сите фудбалски првенства и повторно можеме во целост да се посветиме на изучување на европската географија и регионалната поделба на ЕУ и да ги запознаеме градовите и селцата по Баварија, Каталонија или Северна Норвешка. Навистина е штета што немаме среќа и наместо Евровизија да се организира на пример Евробетија, како натпревар во спортска и познавање на европските трети, четврти или петти фудбалски лиги, клубовите и егзотичните имиња на селцата од каде што истите доаѓаат. Што? Шампиони сме сигурно. Мики, нема просечен македонски спортски “кладионичар” кој држи до себе и своето реноме а да не ги знае сите клубови од шведската трета лига, подгрупа Ц. Вистинските професионалци во мал прст ги имаат не само имињата на клубовите туку и имињата на сендвичарите пред стадионите каде што играат клубовите од четвртата шкотска лига. А нашите врвни кладилничарски глоубтротери ги знаат дури и имињата на конобарите во пивниците пред стадионите од петтата финска лига и цените на пивото во истите. Со соодветниот акцент во изговор на имињата.

Мики, најважната споредна работа во Македонија, кладењето, е збир на општествено-коцкарски активности поврзани со целодневно зевање во билтен или телетекст. Како последица на оваа активност последниве неколку години кај нас значајно се зголеми побарувачката на телевизори и првото и главно прашање на купувачите на телевизори е “…а телетекст има ли?…”. Активностите посебносе изразени за викенди иако за овие активности не постои празник а кладилниците влезните врати ги прават без клучеви. Кладењето се разбира е проследено со финансиска загуба на пари и материјални добра, пред се како израз на добра воља и финансиска помош кон газдите на кладилниците кои несебично ги отстапуваат своите скапо платени локали на располагање на напатените мажи во бегство од секојдневието на домашниот рај и турско-шпанско-индиските серии.

Битен и често присутен елемент на овој синдром е заборавање на дел од гардеробата, како чадор, јакна, џемпер или кеси од Веро, Тинекс и Рамсторво кладилница. Следствено на ова, а специфично за Аеродром и Лисиче, субјект на губење/заборавање е адидас тренерка-ГОРНА. Кладењето има значајно влијание во социолошко-фамилијарни односи во нашите семејства. Посебно кога елементот ЕДНА ќе стапи на сцена. Тогаш материјалното (дали столица, дал прозор) настрадува и се претвара во филозофско прашање (кај ли да најдам пари за поправка/нов прозор).

ЕДНА, исто така влијае и на редовно извршување на брачни обврски. И во двата случаја, кога е присутна а и кога не е во прашање, т.е. кога ја нема. Кога имаме влијание од “ЕДНА”, доаѓа до гореспоменатите нус појави(финансиско-материјално-филозофски) и загуба на финансии што предизвикува присуство на принудна брачна сексуална апстиненција под влијание на психолошката состојба наречена ЉУТА. Истата кај скопјани може да се сретне и дообјаснета со познатиот турцизам- ИФРИТ. Оваа состојба  главно настанува кога машкиот партнер е тој кој е субјект под влијание на ЕДНА, а женскиот партнер е ИФРИТ ЉУТА. Во такви околности  извршување на сексуални активности нема ни под разно. Не помага ни ветување за ванредно цело месечно усисавање на прашина и три пати прекуредно носење на аутото на перење. Во случај кога женскиот партнер е оној кој ги заборавил тренерката и кесите во кладилница, и подпаднал под влијание на ЕДНА, немаме сексуална апстиненција, т.е. на машкиот партнер не му пречи финансиско-материјално-филозфскиот момент од кладењето и загубата, и истиот е секогаш спремен да извршување брачни должности (не се мисли на изнесување на ѓубрето). Секогаш и во секоја прилика. Со или без госпожата.

Немаме извршување на брачни должости, да не речам секс и во случај да ЕДНА од кладилница не е присутна т.е. настанува ситуацијатапопозната како “фатив ливче”,при што доаѓа до значаен финансиски инпут во домашниот буџет. Тука имаме ситуација на друг момент исто така наречен ЕДНА, амаво сосема  друг контекст. Машкиот партнер пристапува кон прослава на настанот со најдобриот другар преку социолошко друштвената активност наречена …”На по ЕДНА”. Во зависност од место на живеење оваа активност се одвива  или пред гранапче, или пред кооперација, а многу често и во било која биртија, по можност најблиската, а трае се додека има од жолтата, или додека не дојде време за дератизација и дезинсекција на локалот. А тоа по автоматизам значи дека како и да е ти си во финансиска загуба, да не речам була, или по нашки немаш вода во очи се до следно коло, или до излегување на следна “допуна” на билтен. И така во круг…па до најблиската аптека…по дијазепамче.

 

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s