Кошот

22 Март 2014

Кошот

 

 

“You only live once, but if you do it right, once is enough.”

– Mae West

Сала Градски Парк. Сабота. Една сабота. Не можам точно да се сетам на годината. Убеден сум дека е  во прашање некаде 1981-82. Јас средношколец, веројатно прва година, можеби втора. Луди и незаборавни тинејџерски години. Со моите другари од основно, целата прва петорка од школскиот кошаркарски тим, сите бевме примени во Работнички. Нашиот сон се оствари, да тренираме со кадетите на легендарниот клуб од Градски Парк. Во тоа време Александар Књазев беше тренер на кадетите. Живеевме за кошарка. Игравме кошарка ко да нема утре…по цел ден. Трениравме и во салата во парк, и во школски кај нас, во Лисиче. На нашиот кош. Секогаш кога ќе начекавме дека нема никој од постарите. Тоа ретко се случуваше, ама ние бевме упорни. Гледавме кошарка секогаш и секаде. Во салата Градски Парк бевме на секој наш тренинг и секој викенд кога играше Работнички.

Таа сабота ја запаметив. Иако сосема обична сабота и обичен меч. На загревање ги гледав Среќко Јариќ и Мацура. Во то време играчишта. Скоро од калибар на Буштур, Далипагиќ, Мирза и Славниќ. Ја запамтив таа сабота не по кошарката, не по резултатот. Ја запамтив по еден гостински кошаркар. Дечко, од прилика на моја возраст, можеби година-две постар од мене,но сеуште тинејџер. Oнака слабичок, “пуцвал”, не премногу висок. Дресот ко да не беше за него, му висеше од страните. Исто  како на мене мојот, плавата кошаркарска Адидас десетка што ја добив од брат ми.

Шутираше лудо, неверојатно прецизно. Шутираше како да нема утре. Шутираше ко да е тоа наједноставната и најлесна работа на светот. Изгледаше како шутирањето, кошрката и потезите кои ги правеше, како се тоа за него да беше најнормална работа, инстинктиво, рефлексно како кога дишеш. Кога го гледав него, изгледаше како да нема ништо полесно на светов од играње  кошарка. Јас бев импресиониран, збунет, одушевен, среќен. Да, среќен. Како е можно некој толку млад, а веќе да биде во првиот тим и да е толку добар. Дечкото остана последен на загревањето, да дошутира. Шутна неколку пати и по крајот на мечот.  Како да не сакаше да остане должен уште некој потег, уште еден кош. Работнички изгуби. Од Шибенка. Подоцна разбрав. Младиот, со кадрава коса шеснаесет годишен кошаркар на гостите се викаше Дражен Петровиќ. Човекот кој ја напиша кошаркарската историја. Човекот кој влезе во НБА  и ФИБА Хал оф фејм. Хрватите му направија споменик. Легенда уште додека беше жив.

Се сетив на ова пред некој ден. Кога се вратив дома после шест месеци, а мојот петнаесетгодишен син со огромна страст и жар кои на времето ги имавме сите ние во маалото, страст која се гледаше во секој потег, во секој шут на еден вистински вљубеник во кошарката како легендата Дражен уште како тинејџер, ме праша …”кога ќе свртиме еден баскет…да видиш колку сум добар…”.  Во моето старо маало е школото и школскиот двор со игралиште за кошарка и ракомет. Тука израснав, тука ги учев сите детски игри, тука ги раскрварував колената учејки да возам точак. Тука учев да шутирам и да дриблам , тука игравме џамлии. Тука беше најважното. Тука беше кошот. Во Лисиче, во школски двор, кош од типот “направи сам”. Рачно направена дрвена табла со неправилен обрач, закачени на една топола во школскиот двор. Првиот наш кош на кој учевме да играме кошрка, за да бидеме исти ко Славниќ, Далипагиѓ, Делибашиќ, Ќосиќ, Буштур.

Едно време, ни здосади постојано да сечеме гранки од тополата кои ни пречеа, па постарите од маало се организираа. Не знам точно каде, ама најдоа некаде во Момин Поток во некој магацин голем железен столб/цевка тешка ко слон. Потоа се зборуваше по Лисиче дека од некој воен магацин го дрпнале, ама изгледа тоа само оние  од комшисконо маало ширеа инсинуации. Нормално без докази. Нејсе… дечкиве од мое мало бандерата на раце ја донесоа во школски  кај нас во Лисиче. Јас како помал учествував во тимот задолжен за ладна вода и зрели цреши од кај комшиите. Плус малку копав на дадената локација за поставување на кошот.

Операцијата беше успешна. Го исправивме столбот, го закопавме еден метар во земја, таблата беше за тоа време стејт оф ди арт, обрачот и мрежата за прв пат во Лисиче оргинални. Прајслес…Добивме кош во маало, во школски. Кош каков во тоа време не беше виден на далеку. Сами го направивме. А баскет играа луѓе  дури и од други населби. Ех, каков баскет се играше таму. Какви само таленти се раѓаа. Се чекаше за “бољи пар”, три на три, со саати. Се носеше закуска од дома, сендвичи и сокови и стрпливо се чекаше да дојдеш на ред. И така со години. Од далечната 1978 па наваму.

На последниот одмор дома, пред 6 месеци, изиграв 2-3 баскета со Дино. Еден на еден. Нормално дека ме растури. Талентиран е, брз, шутира, скока, трча, живее за кошарка. А има само 15 години. Игравме на истото игралиште, во школскиот двор, кај мене во маало. Кошот е сеуште таму. Столбот е истиот. Стариот столб кој цело маало го носеше на раце  преку пола Скопје. На истото место, каде што и јас копав дупка за него. Десетина табли и обрачи се сменети на него низ овие 35 години. Столбот уште стои гордо исправен. Како споменик, ко нем сведок на цела низа  генерации  кои под него учеа лисички маалски баскет и лекции од единствената и никогаш ненадмината школа наречена живот.

Не…не игравме на истиот кош. Јас и Дино игравме на новите кошеви, подобри, помодерни, тука, на истото игралиште. Тие беа празни. На стариот легендарен лисички кош имаше некои нови деца. Сеуште сите таму сакаат да играат. Помислив дека можеби и ним нивните татковците им раскажувале за кошот. А можеби само ја сум ваква сентиментална будала. На стариот кош и денес, по 35 години уште се чека ред, а мене деновите и саатите ми  беа броени. Не можев да чекам. Многу сакам, искрено се надевам дека и тие деца, и Дино еден ден ќе имаат на кого да му ја раскажат приказната за кошот, а тој уште ќе стои на истото место. А можеби е најдобро ако секоја генерација има некаков свој “кош” и своја приказна. Кој ќе знае. А јас деновиве ќе свртам еден баскет со син ми. На стариот маалски кош.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s