Вреди ли?

5 Ноември 2013

Вреди ли?

 

Веќе 46 месеци сум тука. Ме прашува еден стар пријател…

”Како издржа брат?”

Му реков…

“Прашај ги жена ми и децата како издржаа”

Мене одамна ми е јасно дека и несакајќи се навикнав на ова. Луѓе, настани, Талибанци, локации, гранати, хеликоптери, крвави стекови, безалкохолно пиво, прашина, змиишта и носталгија ми се измииксаа во глава и ме обзема филинг као да сум го живеел ова сто години.
Човек се навикнува на се. Само цената на тоа е различна. И без да знаеш, влегуваш во машина и продолжуваш да функционираш во ритам, ко клип на стара добро одржувана и разработена дизел машина со таман поминати километри и и вчера сменето уље .

Ти така мислиш. Се изгледа ок, ритамот те држи…те вози, одработуваш такт, ама битажата не ти е ок, ти бега. Од време на време се фаќаш за пичот, сакаш да го прилагодиш ритамот на нашиот седум осмински, јужњачки, врел и полн со емоции такт. Да, од прва се изгледа ок, само отпосле, кога ќе се замислиш, кога ќе се загледаш во својот одраз во пукнатото огледало ги приметуваш  гребаниците низ твојата меморијата и модриците распослани преку твоите чувства.

Од време на време денот, животот, кармата ќе те плесне во фаца како во холивудски класик од шеесетите кога цурата изнервирана од дрскоста на главниот јунак му истура во фаца чаша виски он д рокс. И ти веднаш знаеш дека таа всушност него го лајкнала од старт, ама мора да покаже малку став и пркос. Колку да ја направи приказната малку по фанки, колку да се случува нешто, да има малку тензија. Така, и ти знаеш дека кармата, животот е секогаш на твоја страна, само понекогаш сака да те шлапне во фаца, само колку да те шокира, и да те држи на штрек за да не претераш во уживање во убавините.

Ти тоа го разбираш во ситуации као моите, на пример, кога ќе чуеш дека синоќа некој решил да излезе од машината, да го прекине својот ритам . Капетанот кој до вчера си го гледал во ред пред дифек, или како игра баскет три на три, едноставно решил да стави точка на својата приказна. После телефонски повик од дома, и веста дека дефинитивно неговиот брак се распаднал и жена му ги земала децата и кредитните картички и го напуштила, човекот решил дека му е доволно од се и позади пералните кај што редовно фаќавме дебела сенка, ја скратил својата приказната.

Или кога во базата ќе довлечат шлепер натоварен со остатоци од срушен хеликоптер, а ти го гледаш кршот, купот згужван и подизгорен метал и знаеш дека некоја мајка, ќерка, сестра или жена во Висконсин ја добиле најлошата вест. Вест која никој никогаш не треба да ја слушне. А кармата е секогаш на твоја страна…некогаш со помалку некогаш со повеќе модрици.

“This is not a drill…I repeat… This is not a drill…there is an active shooter on the base…. I repeat… there is an active shooter on the base….”

Го мразам разгласот. Го мразам тој глас. Да…дефинитивно го мразам и почнав да добивам психосоматски реакции кога ќе го слушнам. Не знам дали сакам да го запознаам човекот, да му го видам изразот на лицето кога ќе му кажам дека ми доаѓа да излезам од сопственава кожа кога ќе го чујам. Веројатно за него се ова е само дел од работата. Да, тоа можам да го разберам, но знае ли тој дека на секое негово притискање на копчето “он” на микрофонот јас добивам нагон за повраќање и две нови брчки се појавуваат на моето чело.

Претерувам? А како тоа претерувам мики…како? Не, не е вежба. Навистина во базата има човек со пушка во рака кој иако не те познава  и нема никаква лична причина, сака да те убие. Иако нема поима дека ти имаш фамилија и сакаш пак да ги видиш. Него не го интересира што ти уште еднаш сакаш да го гледаш син ти како игра кошарка и полека прераснува во вистински кошаркар, здрав прав талентиран млад човек. Тој не знае дека уште еднаш сакаш да ја гушнеш саканата, твојата судбина и животна сопатничка или да отидеш во шопинг или на куглање со својата мала принцеза која веќе станала девојка, прекрасна млада девојка.

 Кога е вежба во прашање, ги мразиш сите затоа што мораш да одиш во бункер, а надвор е 60 степени во сенка. А кога е навистина, кога имаш непријател со пушка во базата и кој пука по секој кого ќе го види, тогаш најмногу на свет би сакал да се работи за вежба. Што си мислиш во такви моменти, ме прашува пријателот.

А што да мислам бе мики? Каде по ѓаволите сум јас? Нај црни мисли ми се мотаат по глава? Авганистан е зверот шо ме чека зад некоја кривина со отворена уста за да ме лапне. ММЕ, човек е чудна животиња и на се се навикнуе. За овие 46 месеци се навикнав на многу необични и страшни ситуации. Научив да живеам и со гранатирање, со рокет атак. За  првите 24 дена во Кандахар, имав преку дваесет напади, по некогаш и 2-3 дневно, некои и секој ден во исто време. Во даденото време, ние земавме кафе и сокче и точно пред да се огласат сирените одевме во бункер. Покасно, само си продолжувавме со кафето, каде и да бевме, и не реагиравме воопшто. Како да не не засега нас. Ко да не сме во најопасната земја на светот, на најгранатираното место кое го нарекуваат Рокет Сити.

Ама се ова му се случува на некој друг. И ти си продолжуваш така, иако ќе чуеш дека граната синоќа погодила контејнер со купатила и  тушеви и за среќа не есплодирала. Само скоро да му ја откинала раката на Амерот кој во тоа време се туширал. Дупката на контејнерот е закрпена, а јас  ја гледам на секое одење во Кандахар. Колку за потсетување. Или додека ти вечераш,  на двеста метри од тебе млада Кенијка за време на напад се враќала од работа си мислела дека нападот е далеку. Ко сите ние секогаш што си мислиме. Кармата имала друг план. РПГ-то паднало на 5-6 метра од неа и не експлдирало. За нејзина несреќа, рикоширало и ја погодило право во стомак. После собиравме парична помош за нејзиниот погреб. Штета. Дваесетгодишна девојка.

Авганистан е необично и чудно место. Најопасното парче земја на планетава, каде може со месеци ништо да не се случи, а во миг, во секунда се да заврши. Како Индиецот кој беше овде кај мене, и доби трансфер во друга база. Првиот ден во новата база  имало гранатирање и човекот го изгубил едното око. Или се е вообичаено и нормално, се додека една вечер група талибанци не успее да влезе во базата преку оградата и ти ќе завршиш цела ноќ во бункер, цврсто стискајки го малото ноже во десната рака и мобилниот во левата. За да можеш последен пат да се јавиш дома ако веќе навистина дојде крајот.

Ама се ова му се случува на некој друг. Секогаш си со таа мисла. Исто ко што сообраќајките во Скопје секогаш  му се случуваат на некој друг. Никогаш не можеш да знаеш дали  аутото што доаѓа кон тебе додека преминуваш пешачки кај Рекорд ќе застане или не, ќе те удри или не. Исто е и со гранатата….

 

П.С. Да…ќе заборавев. Прашањето беше вреди ли? Вреди…вреди и повторно би го направил истото. Се за да обезбедам подобра иднина за моите најмили…Па тоа е наша должност. Кога ќе створиме семејство да се грижиме за него и за среќата на најмилите. А цената? Имам една слика, како за документи, обично ја користам за кога аплицирам за виза кога одам на одмор преку Дубаи за дома. Се сликавме со Лаки цимерот во Кувајт, пред четири години. Ни бараа слики за некои беџеви додека бевме на процесинг во Кувајт, на пат за Авганистан. Пред некој ден некој од колегиве ја виде сликата и се шокираше. Вели човеку…си видел ли на сликава колку ти е црна косата? Се погледнав во огледало и ја погледнав сликата. По ова јас се шокирав. Човеку…сум побелел во косава. Обично поискусните контрактори ќе ти кажат…”Една година во Авганистан е исто како 4 години поминати дома.” Толку побрзо се старее овде. Но…сепак…вреди. А лузните ќе си ги лижам ко мачка кога ќе се вратам дома кај најмилите. Наскоро…

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s