Дунстер за политичка психологија

23 Ноември 2013

Дунстер за политичка психологија

A ете, од кога велам дека ни треба силна и конструктивна опозиција. Не дека сега јас открив дека водата е мокра, или дека Андроид е подобар од Иос и дека денес да се биде средношколец кај нас е ризично скоро исто како и да си мексикански полицаец на должност во Канкун. Не, сакав само да и понудам помош  на опозицијата зошто гледам некако се им оди надолу, се некако како да возат со дигната рачна а моторот само што не им продувал.

Од кога? Па посебно од кога почнаа да се градат спомениците од Скопје 2014, заради кои некои наши сограѓани веќе не одат на родендени и строго внимаваат каде се сликаат кога се низ центар, а на секоја слава или крштевка се караат со пола родбина од мајчина страна и упорно секоја недела наутро ги острат рачвастите седумнаесетки и шмишајбните за да им  се најдат кога ќе падне “окупаторот” од власт. Да, кога ќе падне, зошто со ваква “игра” опозицијата не да не може да ја сруши оваа власт, туку не можи ни до шеснаесетник да се приближи. Ма ни Мурињо не им помага. Да…да…некои наши опозициски настроени сограѓани одат до таму да секоја втора недела навечер (во време кога на елекшн деј обично се затвораат избирачките места) имаат тактичко-показна вежба со работен наслов “Како најбрзо и најефикасно да се демонтира душманскиот споменик”, со поднаслов “Шмишајбната-твојот најдобар пријател во борбата против барокот”, и “Топењето на бронза-процедура, потребни хемикалии и средства за складирање на течната бронза”.

Поекстремните борци против барокот имаат здружение во кое го канализираат револтот против тоа зло на денешницата. Барокот мики, тоа ти е најголемиот душман на граѓанството и на некогашните скопски шемаџии а денес остарени, осамени и прокелави стомаклии кои ете заради барокот и спомениците ги изгубија своите мрачни скопски ќошиња каде некогаш практикуваа петинг со младите и наивни студентки од внатрешноста. Ееее…сеќавања…Нејсе…

Редовна активност на анти барок првоборците  е и континуирано следење на стручната литература и периодичните изданија за архитектура за да можат адекватно и со контра аргументи (покрај пцуењето до трето колено на се живо) да се расправат по социјалните мрежи со подржувачите на барокот. Посебно внимание е посветено на изнаоѓање на роднини по Англија, Франција или Германија кои имаат прв или најмногу втор комшија архитект или човекот да има барем завршено Виша вечерна столарска. Откако ќе се најде соодветна личност, се проверува на кој начин може да се придобие неговата доверба и да се врбува за каузата. За таа цел се проверува…

–        дали ќерка му случајно го бендисала помалиот син на Јоце-Јоце од Слатино,

–         дали можеби колата ја носи во сервис кај Танаско на Штурмбарнфрајгедаген Штрасе 8,  или

–        дали можеби ја има бендисано туршијата на Стојне и домашната препеченица на Ангеле од Папрадиште.

Ако некој од овие елементи  е исполнет, се пристапува кон тактичко-техничка обработка на субјектот и за таа цел за ЕУ преку Миле од Лешани…Миле бе шоферот од Галеб, се шипуваат нови пратки од туршијата и ж`тата.

Целата операција завршува со авторски текст на дотичниот  во кој се оцрнува барокот и спомениците се прогласуваат за зачеток на идолопоклонство или кичерај поголем и од англиското племство и германскиот хип хоп и рап заедно, кој “архитектот-експерт” успева да го објави на сајт кој го води другар му од средно кој пак потајно се уште е заљубен во него. Потоа, нормално сите независни и непристрасни портали и весници кај нас ќе го преземат истиот текст и ќе го објавуваат непрекинато на хоум пејџ и насловна се до следните избори. Туку, друго нешто сакав…

Гледате ли како притисокот на опозицијата вроди плод. Да. Ама за власта. Сосема контрапродуктивно сите овие активности делумно објаснети погоре, и се што опозицијата и нејзините “леви сметала” невладиниот сектор кои постојано си даваат автоголови, плус амбициозните ама тотално збунети и ирелевантни вонаби новинари прават за да ја натераат власта да запре со својата “док траје обнова нема одмора” политика, само ја засилилува истата.

 Кога Коце “д мејор” Трајановски се нафати со мишн импосибл и почна да обновува улици и да средува сообраќај во Скопје, опозицијата излезе од кожа и со сите расположливи средства, па дури и со услугите на нужни зла како кратовскиот “идиотико” ги нападна неимарските активности на градските власти. И…??? Резултатот вели- Коце продолжи уште поинтензивно со обновата, гради кружни текови, во секое маало се средуваат улиците, уште дома што не ти дошле дворчето да ти го зачистат од шутот и искастрената жива ограда која комшијата стално ја префрла на твоја страна,  и плус како за инат, почна да крои планови за уште нови улици и булевари…дури и под земја.

Кога по селцата и населбите низ државава власта почна  гради спортски игралишта опозицијата ги дочека на нож. Стоп за не продуктивните  инвестиции. Како одговор власта изгради стадион најубав на Балканот и пошироко. Уште да ни тргне со фудбалот би било мерак. Ама , ете бар митинзи ќе има кај да се прават, а и Цеца и Аца Лукас со триење раце го поздравија овој потег.

Кога опозицијата го нападна каруселот како селски и непотребно трошење пари, власта одговори со план за милениумското тркало, скоро како она во Лондон. Кога опозицијата ги нападна плажите на Вардар и  Коцекабана…власта не прекина со активностите туку одговори со сплавови и едреници на Вардар, “бољи него у Београду”.

Кога дечките од опозиција го нападнаа обновениот со “нископрофилни” автобуси даблдекери Градски сообраќај, власта одговори со пајтонот со липицанери. Само што сега некои типови ќе бидат уште позбунети и дури сега нема да знаат дали се работи за комплимент или навреда кога некој ќе им каже “ист си како липицанер”.

Опозицијата ја нападна жичарата на Водно како најголем душман на спортскиот дух и спортскиот начин на живот на скопјаните кои пак секогаш кога одат на Водно, од спортски дух најчесто имаат само приврзок за клучевите од аутото со логото на спортската кладилница ”Спорт Лајф”. Власта одговори со АЕК-овата футуристичка телекомуникациска кула на врвот на Водно.  За која, патем еден генијалец од опозицијата (кој веројатно е голем фан на сајенс фикшн и Ајсак Асимов) претпостави дека ќе биде новото “Големо Уво” на власта за прислушкување на опозицијата. Плус, обвини дека истиот објект власта ќе го користи за со специјални зраци кои ќе се емитуваат од “злогласната кула на врвот” да им ги чита мислите на опозиционерите, или да ги маѓепсува и да им го пере мозокот на граѓаните. Чекај, па нели провладините медиуми го правеа тоа?

Значи, заклучокот се наметнува сам по себе.

Р`врс сајколоџи (Reverse psychology a method of getting another person to do what one wants by pretending not to want it or to want something else or something more…)

Кога син ми беше мал, 4-5 годишен воопшто не сакаше супа. И секогаш кога ќе му понудеа одбиваше и ништо не помогна да го натераме да ја изеде супата. Се додека не почнав да му велам…”Ма не…ти не можеш да ја изедеш супата”. И така, после неколку години тој почна на мене да ја практикува методата и да ми вели…”Ај не можеш да ми дадеш 50 евра” секогаш кога ќе сакаше да си купи нов дрес од Коби.

Опозицијата треба да почне да ја коисти оваа техника. Кога Коце ќе ископа подземен булевар, треба јавно да му се каже…”Одличен е булеварот, браво…треба да ископаш уште три…”…кога ќе биде готова “шпиунската кула” на Водно треба да се поздрави со мал митинг и музички хепенинг, млади активисти барем три пати неделно да одат на Водно со жичарата и редовно на своите ФБ профили да објавуваат фотки од спомениците од Скопје 2014. Секогаш да имаат шекерни коцки во џебовите за кога ќе ги видат липицанерите со пајтонот, а следниот конгрес на СДСМ да се одржи во Новиот театар или Музејот. Ако и ова не помогне да се сруши оваа “тиранија”, тогаш значи јас сум тотален дунстер за политичка психологија, патологија, геологија, зоологија и се останато од логии. Тогаш можеби не треба ни многу да се плеткам околу карбураторот на опелот на комшијата Цаци. Нешто почнала многу да му трокира колата и тоа не само на сабајле во понеделник, туку и во среда и петок исто така. Јас му велам, да не е во прашање горивото или паркирањето е, проверувавме неколку дена, дури и почна да се паркира на западна страна со резервоарот, за да го фаќа сонце и поплад….А што ни беше муабетот???

Аха…за советот за опозицијата. Нема за што…ју ар уелкм. Јас велам дека ни треба силна опозиција и секогаш сум тука да помогнам со совет. Макар и ваков навидум дунстерски. Па зарем малку вакви совети нашата опозиција добива од се некакви “анти талибански” првоборци и приучени експерти по демократија и стручњаци за депресијата на желките од Галапагос во време на парење. Еден помалку или повеќе нема да штети.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s