Кога голманот сака да биде капитен

27 Ноември 13

Кога голманот сака да биде капитен

Мачно ми е, под постојан стрес сум. Скоро и да не јадам…не можам ни да спијам, а ако заспијам ноќни мори ме напаѓаат и се мачам  како возач од Неготино додека вози по скопските гужви за време на штрајк на таксистите. И така со денови, со недели. Најцрни мисли и хорор соништа ме мачат. Тешко ми е…го преживувам можеби најтешкото нешто во мојот живот до сега. Ма ништо потешко и постресно не сум доживеал, а сум се возел и во приватна 19-ка за задушница, сум бил на Златна Бубамара, дури и сум возел ауто до Градиште и назад  за 2 Август. Да си скратам маки… да си се убијам…Да…помислив и на тоа. Прво да си направам харикири…па да се напијам цијанид и на крај да се обесам.

Нема друго чаре. Во безизлезна ситуација сум, се чуствувам како пакистански талибанец од долината Сват кога на хоризонтот ќе го здогледа американскиот дрон. Во глава ми се вртат сцени од карпентеровите филмови кои од време на време се миксаат со флешеви во кои гледам лица на страшни луѓе кои се доближуваат кон мене  и мафтаат со некакви листови, документи. Наликуваат на оние креатурите на грејвјардот кои излегуваат од земја во Трилер на Мајкл Џексон. Се обидувам да препознаам, да им ги видам ликовите, да разберам што велат. Не разбирливо ми е, но фор сам ризн јас сум уплашен и ладна пот ме облива ко да сум лисички клинец фатен качен на комшиската цреша. Да. Овошје. Слушам зборови….јаболка…не…дуњи..се споменува и некое дрво…елка, елко…не…јелко..или слично. Мајку му…од каде пак сега и фудбал ми се мота по глава во сонов, некое  име…Мијатовиќ…па филмови, филмови…Хобит..не..не…ховит е… И Филе Топки го спомнуваат. Тука некаде е, ама не го гледам чисто. Не…не е Филе…не е нај јасно, Фуле ќе да е. Па слушам ”извештај…извештај…извештај”…да…тоа е зборот кој постојано го слушам. Нешто звучи како чмар…не, чекај некои имиња…..бен, марко…марк…не, не бен….чмарк… Слобода, медиуми, новинари…новинари….повторно ”извештај…извештај…извештај”. Што е ова? До кога вака? Не се издржува. Притисокот е огромен. Ма скоро како пред писмена по математика во седмо, а јас јадник наместо да вежбам равенки, по цел ден зевам во Стрипотека и Лунов Магнус со Загор и Чико.

Луѓето  се доближуваат и сега веќе ги гледам појасно. Ма подобро да не ги видев, трансформирани се и од трилерџии сега изгледаат уште пострашно…сериозно…бирократски, европски…строго. Ма построго и од мајор-безбедњак во ЈНА или турски цариник на Ататурк. Постојано во ушите ми звони ”извештај…извештај…извештај…”. Неколку чудни животинки, пацови ли се, големи мутирани бубашваби ли се трчкараат наоколу и под нозете на ликовите и извикуваат…”…негативен…негативен…негативен…”. Одвреме на време некое од нив ќе заврши сплескано (ко кондом со одамна изминат рок на употреба во малото џепче на фармерките на студент од внатрешноста) под нозе на ликовите но тоа не ги спечува останатите упорно да трчаат наоколу и да галамат. Уф…соништа…пусти соништа…Се ближи декември…

Луѓе…црни мисли ме изедоа…што ќе ни се случи во декември? Што ќе правиме по декември?  Добро…Грујо излезе и кажа дека пак, и по декември ќе изгрее сонце, и за чудо, Заев не го демантираше. Да, ќе изгрее сонце, освен ако не заврне снег и пак ги изненади нашите комуналци и парламентарците од внатрешноста кои ете ќе сакаат, ама никако нема да можат да допатуваат на седница. Добро, кога ќе треба да се земаат дневниците ќе се снајдат некако, ќе се жртвуваат во интерес на гласачите, нели. Пола европски бирократи, кои патем на нашата ЕУ интеграција  се нафатираа како куќните помошнички на руските тајкуни, си ги исшколуваа децата и внуците по оксфорди и направија кариери за 16 страни резиме со тајмс њу роман десетка фонт, останаа шокирани и запрепастени од  дрскоста на таму некој премиер, на таму некоја си земја кандидат.

Замисли…само кандидат? Па знаете ли бре вие што е кандидат? На времето кај Вучиќ во петте минути кандидатите облечени влегуваа во базен за награда од 100 грама кафе. И тоа Рио. А вие како кандидати вака да се однесувате? Чаламџиски, како пубертетлија после првиот петинг со малата во парк кај Љунфер Брдо. Пих…кандидат. Па има бре мирно да стоиш кога ЕУ бирократите ќе кажат “Изве….” и додека не докажале …штај” да се подмочаш од трема и да ти побелат веѓите од страв. Па како? Извештај ли се подготвува или што? А ваму се занесуваш, а земјата сеуште само кандидат? Ма Мијатовичка има буден да ја сонуваш. И фрижидер кога ќе отвориш и од веце шоља има да ти се појавува и да ја гледаш насекаде по дома. Ма во огледало кога ќе се погледнеш, неа ќе ја видиш. Па дури и кога неконтролирано и недемократски и со тоталитаристички и режимски груби потези на твојата  десна рака ќе го грабнеш даљинското од телевизорот и наместо епизода од Величествениот или снимка од последниот протест на новинарите пред Музејот ти ќе пуштиш телетекс за да следиш резултати од фудбал во  четврта Ц  шкотска лига (никако Рејт Роверс да ти ја даде два у два). И тогаш има на Мијатовичка и Филе  да помислиш. И има веднаш да го оставиш даљинското на располагање на домашната демократска јавност  плус засилена со комшиката Мира кога ќе дојде на целодневен престој  како одговор на утринскиот меморандум од жена ти наречен  “Миро ај да пиеме кафе”. А за твоја несреќа и за среќа на демократските процеси кај нас,  Мира нервозна и ратревожена зошто ја пропуштила завчерашната 347-ма епизода и шесте репризи од Лисјата или Волците, ќе одговори “Немам време ама ќе наминам на кратко”. И ти има апсолутно демократски да ги испочитуваш нивните права на затупување со ефтини од типот “мајката-имала-дете-ама-не-знаела-дека-било-принц-кој-кога-праснал-ја-засакал-ќерката-на-најголемата-и-душманка-која-во-младоста-и-го-земала-дечкото-и-најверојатно-и-е-сестра-ама-од-друг-татко” серии. Па како? А ти кога се затупуваш со спортска, политика и понекогаш софт порнич после полноќ? И немој да ми глумиш исланѓанец или украинец. Ма има да биде демократски бре….

И само така можеме напред во европските интеграции. Оф топик….Не знам дали знаете, ама според најновите статистички податоци (секогаш кога сакаш луѓето да ти веруваат напиши “според статистичките податоци” или “научниците откриле дека”) терминот “евро-атлантски интеграции” е еден од топ 5 најупотребуваните термини во нашата понова историја. Редоследот е:

  1. Транзиција
  2. Евро-атлантски интеграции
  3. Ме заеба само една (во спортски контекст)
  4. Бранко е крив
  5. Барок

А многу ми е забавно кога гледам како опозицијата заедно со независните новинари и невладините (како нивни позадински батаљон за логистика и извидувачки активности) секогаш кога трилерџиите од ЕУ ни подготвуваат нов стрес тест во вид на извештај за нашиот напредок во европските интеграции, се однесуваат исто како јас кога во второ одделение играв фудбал. Да. Често ме мрзеше да трчам наоколу и наједноставно ми беше да бидам голман. И така, стоејки на голот здрвен ко млад активист осветлен од фаровите на полициски крајслер додека му ги буши гумите на координаторот на штабот на оние другите, јас се некако навивав противничкиот тим почесто да доаѓа на нашата половина. Да, навивав за противникот да напаѓа почесто и јас да имам можност да се истакнам како голман. Ма не е важно ако примаме голови и ако изгубиме. Што има сега ние таму да напаѓаме и некој центарфор да се истакнува со давање голови. Важно беше јас да се истaкнам, не беше важен тимот. Ете, признав. Како оправдување за мојата “субверзивна” ментална активност и навивањето за противникот со цел да се истакнам како голман, и со тоа полесно и побрзо да станам капитен на тимот без разлика дали ќе изгубиме, како олеснителна околност молам да ми се признае фактот дека сум имал само 8 години, плус мојата симпатија од второ В, Кики со киките ме гледаше секогаш кога бранев. Тоа е моето оправдување. Кое е оправдувањето на опозицијата и позадинскиот батаљон?

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s