Човекот кој никогаш не добил Златна Бубамара

12 Фебруари 2014

 

Човекот кој никогаш не добил Златна Бубамара

 

Сите знаеме дека фебруари е најбитен месец во годината. Па да….како не?  Не, не мислев заради олеснувањето кое го чуствува дел од нацијата откако храбро и ко транзициски политичар доследно, а по краткотрајна но напорна борба се откажа од новогодишните ветувања од типот “…од Нова година веќе не пушам… од Нова година не јадам бурек по полноќ…. од Нова година не се расправам на ФБ со луѓе кои не ми значат ништо… од Нова година  нема да му ја плукам кваката од влезната врата на комшијата…” и слично. Не само заради ова, фебруари секоја година сите нестрпливо го чекаат. Посебно во Скопје, каде што освен за кавги дали е во прашање Свети Три(п)фун или е Свети Валентајн,  фебруари служи и како месец на Златна Бубамара.

Уан оф а кајнд и многу значајна дешаванка за Македонија и пошироко па се до Виена. Да, дури до Виена, која пак колку што повеќе се доближуваме до ЕУ полека но сигурно се повеќе го заменува Стамбол како единица мерка за далеку, Да, колку далеку? До Табановце далеку…до Белград подалеку или Виена уџум далеку (јас во случајов сум вон конкуренција, т.е……“у п.м.” далеку). Но за тоа во друга прилика.  Да, знам и јас што претставува Златна Бубамара за нашата макроекономска политика и развојот на металопреработувачката индустрија и индустријата за преработка на легури. Посебно е значајна за новооснованиот  сектор  “Леење на Златни Бубамари” кој од година во година бележи се поголем раст на производството. Го знам јас добро сето тоа, ама после неколкугодишното следење на ивентот, и обемната анализа при која користев специјална, скоро генијална апликација наречена “Голден Лејдибаг винерс аналајзис енд статистикс”, мики јас тотално се шокирав. Ма си останав шокиран како Јеховиниот сведок што се шокира  кога ќе ти заѕвони на врата, а ти излегувајки само ќе го прашаш…”И…така викаш за Исус….Каде треба да потпишам пристапница?”

Тибам. Си гризнав долна усна од шок. Ма ми дојде да си го лижнам левиот лакт. Зар малку беше што божицата (и кралицата на јастуците и пубертетските сништа на неколку тин генерации а чија дуплерица можеше да се најде под сечиј кревет) Силвија Кристл, Бог да ја прости, не напушти и не остави во шок. И сега еве, на ваков начин да дознаам дека само јас од комшиите (па и подалеку до Белград а  може  дури и до Виена) и некој Саше…Саше… дечко од Тафталиџе (кој бил скаран со Ранко уште од второ оделение заради некој стрип со Загор што не му го вратил) немаме добиено Златна Бубамара.

Продавачката од месарата “Кеш-Комерц ДОО Три брата” не се смета за релевантна конкуренција затоа што, рака на срце и таа нема добиено Златна бубамара, ама кој и е крив кога три пати по ред на Ранко меленото месо му го пакува во 40 грамска хартија од тешката а позади вагата се гледа дека има 10 грамска немасна хартија. Па замисли и цвеќарката и слаткарката така да првеа? Што ќе ги красеше сега излозите на цвеќарата и слаткарата? Па кај одело добар бизнис без Златна бубамара во излог или на деск? Токму заради тоа експертите (додека ги гланцаат своите Бубамари освоени во категорија “Најдобар школски другар на Ранко кој не му се скарал зошто овој не му даде да препише лектира во втора година а сега е горд спонзор на Радио Бубамара/Златна Бубамара”) велат дека Ранко со ивентот многу придонесува за развојот на нашата економија. И сега, после толку години напорна работа на зголемување на БДП и стабилноста на стапката на инфлација, Ранко за најновата Златна Бубамара излезе со слоганот “ОД ПАРИ СЕ ЖИВЕЕ – НЕ ОД ВОЗДУХ!” и ги објави цените на влезниците. 3000 ДЕНАРИ. Добро, не скокај одма, таа цена е оформена најмногу заради говорот на Ранко кој оваа година ќе траел 50 минути, а не 40 како минатите години.

Ранко па Ранко…Го знаете де Ранко? Ранко Петровиќ (ака Ранко Бубамара) ти е фраер, градско дете или урбан лик по нашки, кој не простува кога нема да му вратиш стрип, посебно со Загор. Љубител на етно музика , Крушево и село(што е апсурд, затоа што е градско дете), угостител и туристички професионалец кој  порано многу почитуваше Маршал (не се мисли на музички појачала) и традиција. Дополнително  се бави со медиуми, во форма на радио и како голем филантроп (малку личи на Дедо Мраз, ама во фебруари) еднаш годишно собира одредена група на специјални луѓе, ги затвара во  Универзална пет и пол саата и на оној кој ќе го издржи до крај “мачењето” а да не се помоча (од смеење од на Сашко форите или  од трите пива за ручек) му дава награда и го пушта во тоалет за да се олесни. Токму заради Сашко и неговите фори, некои посетители почнаа манифестацијата да ја нарекуваат “3 часа стендап со Сашко Коцев и некои луѓе кои трошат 1 час додека да се качат на сцената и кажат фала мамо + говорот на Ранко + пола час чекање ред за во тоалет”

По скопските урбани кругови се раскажува мит дека еднаш на доделување на Златна Бубамара присуствавал гореспоменатиот Саше…Саше, и како “дух који хода”…се појавил за миг и веднаш исчезнал. Тоа е единствен пат во историјата кога некој кој никогаш не добил Бубамара, бил на лице место, да не речам он д фејс оф д плејс. Тимот на Бубамара задолжен за бунтовници кои не ја респектираат честа да добијат Златна Бубамара и со тоа да се чуствуваат рамноправни граѓани е на терен. Потрагата по Саше…Саше е во тек, а со оглед на тоа дека јас сум у п.м. далеку (едно ниво подалеку од Виена), Скопје за сега останува без “човек кој никад не добил Златна Бубамара”. Се додека повторно не се појави Саше…Саше.

Но него никогаш нема да го лоцираат (па џабе ли има читано “Загор Тенеј-дух који хода” како дете)  и да му дадат Бубмара. Има непотврдени информации дека постојат два лика кои само еднаш, повторувам…само еднаш добиле Златна Бубамара, ама тоа е само шпекулација бидејќи не постојат релевантни докази. Последните информации кои јас ги добив од инсајдери од хедквортерсот на Бубамарата, Ранко работи на поправање на потенцијалната грешка и на пронаоѓање на ликовите кои (непотврдено) добиле само една Златна Бубамара. А мене после овој еретички текст ќе ме прогласат за тотална “персона нон бубамара” и ќе ме стават на општонационален игнор и презир и нема да смеам да се вратам. Без гајле, Скопје и понатаму ќе има бунтовници, да не речам отпадници од Златна Бубамара или манифестацијата попозната како “Јас тебе војводо, ти мене сердаре и сите среќни”.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s