Крстови, води и лаптопи

20 Јануари 2014

Крстови, води и лаптопи

Уште еднаш многу успешно докажавме дека сме светски прваци во  дисциплината –

Како уште еден прекрасен ден и верски празник да претвориш во парада на кичот и првенство во  лакомост со  лактање и газење на противникот  во борба за лаптоп, телевизор и нешто потенцијален кеш во износ кој зависи од симпатиите и расположението на граѓаните кога ќе им тропнеш на врата со крстот во рака”

Секогаш кога ги гледав стампедата во Индија или Саудијска Арабија каде илјадници верници се газат едни со други а стотици гинат при тоа,  се чудев што е тоа што ги тера овие луѓе да го ставаат својот живот на коцка. Верска заслепеност, фанатизам, неедуцираност и глупава упорност да го правиш она кое сите гледаат дека е глупо и ризично, а само ти мислиш дека е доблесно и ќе те однесе во рајот. Во ред, очигледно не само ти, туку и тие неколку илјади јадници околу тебе. Добро, да речеме дека постои некакво оправдување или објаснување кое некој некаде во светот ќе го разбере. А што е со нашиот случај?

Обидете се случувањата кај нас по повод Богојавление- Водици и осветувањето на нашите води да му ги објасните на странец, на човек кој не знае што се случува. Ако не му ги кажете деталите околу наградата во форма на телевизор или лаптоп, и “најважниот” обичај  со фатениот крст да се оди од куќа до куќа и да се очекува парична награда од домаќините, тогаш странецот сигурно ќе помисли дека ние сме една Богу посветена и многу религиозна нација. Всушност не сме, но тој не знае и  подобро и немојте да му ги кажувате деталите. И никако немојте да му кажете дека е отидено до таму да почнаа напади врз оние кои го фатиле крстот, со цел да им се одземе истиот и потоа да се наплати “посветеноста на верата” одејќи по куќите на обичните, искрени верници и очекувајќи награда. Срамота е.

Нешто мора да се менува. Или Црквата, или народот треба нешто да смени. Или нашиот народ не ја заслужува оваа Црква, или оваа Црква не го заслужува овој народ. Добро…не целиот народ, ама барем овој дел од народот кој преку едно капење во јануарски студената вода очекува имотна корист како награда. Јас би им дал еден предлог на црковните власти. Следната година учеството во оваа манифестација да се наплаќа 1000 евра, а награди да не се даваат. Вистинскиот верник ќе најде начин и ќе учествува. На вистинскиот верник материјална награда по овој повод не му треба. А останатите, ќе се обидат да си заработат лаптоп и телевизор со свој труд, а не со газење по луѓе за време на јануарското капење.

Гледајќи ги последниве неколку години настаните за време на осветувањето на македонските води по повод  верскиот празник Богојавление Водици, гледам дека некои наши сограѓани наскоро ќе можат да отворат продавници за бела техника и телевизори. Толку често ги фаќаат крстовите. Јас наивен пак, се некако се надевам и очекувам кога конечно ќе се појави еден среќник кој го фатил крстот и кој ќе излезе  јавно и на некој Дом за деца без родители или на некоја  јавна кујна ќе им ги донира парите собрани од верниците кои го даруваат крстот.  Секоја чест на искрените верници и луѓето кои  со чиста душа се фрлаат во студените води на македонските реки, езера, базени и по некоја фонтана, ама имам чуство дека наскоро овој настан ќе прерасне во нов повод да се срамиме од нечии туѓи постапки. Се надевам и искрено сакам да не ни се случи да почнат тепачки по крстот и да видиме крвави македонски води. Не сакам да видам верата да прерасне во верски фанатизам. Ако ова за Водици ни се случува од верски причини, и од тие причини луѓето се дури и насилни за да дојдат до крстот, дури  и да е така, сепак ни тоа не можам да го разберам. Та нели, ако сум верник и добар христијанин, и ако Бог има план за сите нас, тогаш ако треба, крстот сам ќе го пронајде патот и ќе дојде до мене.

Јас сепак го бирам помалото зло и сакам да мислам дека идиотизмот и глупирањето при јануарското капење е само обид  низ манифестацијата  која некој си ја сватил како “Со крстот во рака до пари без мака”да се обезбеди мала имотна корист и застарен модел на лаптоп. Ееее.. а едно време му се смеевме на Вучиќ во “Вашите 5 минути”кога ги тераше луѓето во емисија облечени да влегуваат во базенче со вода за 200 грама кафе. Па тие барем беа во студио, на топло.

Моја новогодишна желба е оној дел од народот кој константно се глупира да престане со форсирање на дебилни “традиции” како пагански огнови и пијанчење и прејадување за време на постови за Бадник, џингл белс песничките и кристмас џингловите за католички Божик некој да ги преведе и да се пуштаат во етер по Нова година, турбофолк прославите и чочеците на маса кои прераснуваат во навреда за жените за 8 март да престанат да се третираат како “традиција” и жените масовно да ги одбиваат подароците на тој ден, скарата од 2 мај конечно да се префрли на 8 септември, а на ромчињата-коледари општините нека им организираат коледе и така нека добиваат дарови, а не и тој прекрасен ден и празник полека но сигурно да ни го претворат во фарса.

Јас би бил најсреќен кога и медиумите конечно ќе престанат да ги промовираат новите моронски “традиции” како што е “покатоличувањето” на Нова година и етерот за Божик, паганските бадникарски огнови, срамот и лакомоста за Водици и  идиотското форсирање на Сент Валентајн на штета на Свети Трипун. Време е конечно и да ги напуштиме и старите и глупави комунистички “традиции” од бившиот систем. И образованието и ние како родители треба да го дадеме својот придонес во градњето нови, здрави личности, а не млади луѓе кои утре ќе скокаат како пијани врачеви околу огновите за Бадник, ќе се тепаат во обид да дојдат до крстот како новокомпониран симбол на можност за технолошки напредок и апгрејд. Да не ствараме млади личности  кои утре нема да им посветуваат должно внимание на припадничките на понежниот пол освен на  8 март кој мора да  го поминат  во кафана на маса со турбофолк чочек, и млади за кои 2 мај е најголем национален празник, а за 2 Август мислат дека е само уште еден верски празник и не е интересен затоа што е за време на летен распуст па не се губат часови, и млади за кои 8 септември сеуште е светлосни години далеку од нивната свест. Јас ќе направам се што е во моја моќ  моите деца да не се такви.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s