Филе порача, па ти сеа види

10 Јуни 2014

 

Филе порача, па ти сеа види

 

Шокантно, сензационално, ексклузивно, драматично и скандалозно се термините кои се најупотребувани кај нашите интернетњуз и забавни портали. Кога ќе погледнеш подобро, навистина е шокантно колку дрматично се обидуваат да бидат ексклузивни и сензационални, а тие евидентементе, да не речам очигледно се скандалозно досадни и евтини. Добро…сепак во зависност од сезоната, нашиот виртуелен свет е бомбардиран и со поимите како на пример крстот, експерт, заклал, бојкот, Станија, името, убил, антиквизација, слобода, македонски Ерусалим, соросоиди, комшиката, предавник, Филе, барок, цицки, екстерно, тиранија, бадник, Парламент, участакот,криза, препорака и слично.

Очигледно сега се наоѓаме во предсезоната на “Препорака” шампионатот, кој обично секоја година се игра во периодот септември-октомври. Еден вид македонски хангер гејмс на денешницата. Кондициските подготовки се во завршна фаза и веќе почнаа и тренинг натпреварите. На таков тренинг меч во Брисел деновиве беа повикани главните играчи на опозицијата. По одиграната симултанка и презентацијата на тактичката и физичка подготвеност на опозицијата, врховниот лидер и семоќниот интергалактички комесар и судија Штефан Филе подготви писмо кое за нас е со епско значење еднакво на Светиот Грал. Ферманот содржи насоки за понатамошни активности на главните тимови а се со цел да се постигне оптималната форма за круцијалниот период кој следи во сезоната на “Препораката”.

И како што сите знеме ама не сите сакаме, овој процес на “препоракизација” треба да не искачи на еден повисок стадиум на човековото постоење каде стануваме посебни луѓе, т.н. европјани, горди граѓани на ЕУ. Да…тоа е таа истата ЕУ каде некни граѓаните најдемократски можно си гласаа и  во повеќе земји членки си изгласаа свои пратеници во ЕУ институциите. И тоа не обични пратеници, туку народни избраници кои се многу посветени на традицијата и застапуваат една стара идеја на една стара европска партија која многу сакаше да гради “работни“ логори по Европа и чие мото беше “Работата ќе те ослободи“. Ете великиот комесар несебично подава рака и сака да ни помогне да станеме дел од таа ЕУ.А нашите политички елити се испотепаа како пратеници во тајвански парламент за да ја прифатат подадената рака.

Нашите медиуми и јавноста, а посебно вечно загрижените експерти за препораки и првиот стадиум на остеопороза на желките од Галапагос се возбудија како турбофолкер кој дознал дека е одложен долго очекуваниот концерт на Аца Лукас и се збунија како кумановец на аеродром во Дубаи. Што по ѓаволите сакаше да каже комесарот свевишен? Преведувачи и толкувачи станаа барана роба на ниво на одговорите на прашањата од годинешново екстерно. Се бараше врвен квалитет, преведувачите скоро да мораа да исполнат олимписка норма во десетобој и полуфинале во “Кој сака да биде милионер“. Квалификантите мора да минат низ доплнителни проверките на резултатите на ТОЕФЛ тестовите по англиски. Се бараа под дрво и под камен деца од мешани македонско-англиски бракови со перфектно познавање и на англискиот и на македонскиот јазик за да се добие 100 % точен превод на ферманот.

Но…попусто. Превод добивме сите…точен од збор до збор. Но, кога го читаш преводот на ферманот на Бихачка б.б. до воздухот ли е, до водата ли е, или е до близината на МВР не знам,  ама некако се чини поразличен, со посебна внатреша енергија, метафизички пораки  и поинаква смисла. Зборовите се чинат накако длабоко симболички, скоро ко на Саше АНАЛитико пцовките а сепак едноставни и јасни, чиниш ко текстовите на Суперхикс. Од друга страна, кога го читаш преводот на Илинденска зборовте во ферманот од Филе се прво директни, јасни, едноставни и искрени како надградбата на “Програмата во сто чекори“ и “Отчетот” пред изборите, а сепак полни со симболика и скриени пријателски пораки исто како извештај на “Репортери без граници”.

По ѓаволите и морските длабочини, што сакаше да каже паневропскиот комесар над комесарите, великиот Филе? Мораше ли да е толку комплицирано? А да не е некаков тест во прашање?  Животот им се загорчи на партиските независни аналитичари, а богами и на министрите и министерствата за интеграции и агенцијата за дешифрирање чудни пораки. Граматичарите ги мереа буквите, запирките, а познавачите на синтаксата на англискиот и македонскиот јазик станаа поважни и од финансиерите на партијата и телохранителите на шефот заедно. Ферманот стана Каменот од Розета на нашата епоха. Некои експерти предложија целиот ферман да се изгравира во мермер и да се постави на Кале како споменик од денешницата за идните генерации. “Филе порача” е името кое само се наметнува.

Кога ќе размислиш малку, делува како великиот Филе намерно да ни пратил загатка, комлициран и заплеткан ко на Индијана Џонс и Николас Кејџ мапите, тест на нашата способност за анализа и детекција. На некој начин да ни помогне да развиеме иновативен дух и начин на размислување кај нашите политичари. Ех да непукнеш Филе мајсторе, комесару наш вечен ко нашата желба за ЕУ интеграции и најсакан ко нашата НАТО светла иднина…знаев дека не сакаш и секогаш арно ни правиш. Но, Филе не би бил лидер, генијален, строг а сепак правичен  како што е  ако во исто време со директивата не ни испрати и тактички генијално осмислен план за подигање на моралот и среќата на нацијата.

Па да. Мораш да бидеш целосно проевропски посветен на светлата наша интегративна иднина за да можеш да го перцепираш планот. Но кога ќе осознаеш и кога планот на Филе ќе те просветли, потоа животот станува вистинска бајка. Директивата е намерно напишана со супер избалансиран дипломатски речник и со скриени помирувачки тонови за да се овозможи и двете страни да извлечат победничка поента. Сите сме победници. Опозицијата е воодушевена. Филе нас не сака а оние другите ги кара. И обратно. Тактиката на комесарот е генијална. Вин-вин-вин ситуација.

Само, со сиот ризик да бидам прогласен за Јуда или да ме осудат како супер еретик број еден на Универзумот и пошироката околина и неверниот Тома на сегашноста и иднината, јас морам да забележам дека генијалниот план на комесарот баш и не функционира според сценариото. Кај нас не поминува. Нашите лидери, нивните апологети и независните медиуми како креатори на политичките платформи на партиите никако не успеваат докрај да го разберат планот, слабо тумачат скриена симболика и отворена подршка на избори и скоро да си извадија очи едни на други. Затоа во име на збунетите а жедни за интеграции и напредок јас ја праќам пораката до комесарот над комесарите. Се моли Филе следниот пат кога ќе ни праќа пресвета и многу почитувана и славена порака, да користи уште покомплициран речник и пораката да му биде уште “поурамнотежена и избалансирана”. Заради последнава се уште се мачиме и никако не успеваме да се испотепаме меѓу себе карајќи се кој победил. Можеби следната порака ќе биде таа која ќе не закрви до крај и неповратно. Така белки побрзо ќе не бендисаат по Европскиве соединети држави.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s