А ти сепак се враќаш

26 Мај 2014 

 

А ти сепак се враќаш

 

Инспирирно од… “Почнаа убавите летни скопски утра…”

 

Запишано ли е во праисконскиот код, космички сили се или едноставно кармата така сакала? Кој ќе знае, можеби од се по нешто. Сите светски тајни мирудии, врелото сонце и мистичната месечина на Кокино, вонземските минерали од Алшар, божјиот нектар од гроздовите прачки од југот, злите црни и моќните бели магии вмешале прсти во рецептот на врховниот алхемичар кој работел на креирање на нашиот ген и врелата јужњачка крв и тука ние ништо не можеме да смениме. Тие сме и такви сме. Единствени. Фалангата и војните, царствата и кралствата, верата, победите и робствата се нашата вечна судбина. Тешкото, манастирите, зајди зајди, комитите, кирилицата и глаголицата, копаничарството и т`га за југ, пирејот, седум осминскиот такт и Ленка се нашиот одговор на таа судбина која никогаш и за ништо не би ја менувале со ничија друга. И печалбарството. Пусто да е, пусто да остане. Печалбарството и туѓината се врежани во македонскиот колективен дух, во генот на секој од нас и нашите предци низ вековите, всадени во традицијата, во нашиот начин на живот. Наша судбина.

Ги гледам старите слики. Деца бевме. Камо да останевме деца подолго. Во моето маало од пред триесетина-четириесет години, од времето на пар-не пар возењето, СВОЗ и Брус Ли во кино Карпош, па до денес, скоро од секоја куќа недостасува барем по едно дете. Од нашата две. Некои беа само првооделенци, џивџани кога се отселија преку големата вода. Недостасуваат моите другари, моите врсници. Генерации од педесетите и шеесетите. Врсници со како Феникс од пепелот  воскреснатото Скопје. Се распрснавме по светов кој каде, кој до каде му стасале парите позајмени од другар или тетка. Кој подалеку. Скоро на секој континент. Како да се такмичевме…како да сакавме да си докажеме еден на друг кој може подалеку. Како што се такмичевме на маалскиоткош кој од подалеку ќе даде кош или кој подолго ќе издржи да оди бос по вжештениот ко рингла асфалт по скопските маала.  Кој од мака, кој од гордост или со генијален план, некој од немајкаде, од многу инат или следејќи ја својата судба, во потрага по капка љубов и трошка среќа. Заминавме. Ама ако, таква е нашата карма. Така било пишано. Ах ММЕ на тој што пишувал…што не ја прескокна мојата генерација.  Не може, велат така бил редот. Некој непишан ред и правило.  Дедо ми бил печалба, татко ми не. На мене ми е редот. А јас ќе инсистирам кај мојата судбина, ќе ја потсетам за случајно да не погреши…на син ми и ќерка ми не им е ред, остави ми ги дома.

Заминавме за да се враќаме. Постојано и упорно. Се надевам…сакам…знам дека никој не се кае. Оти никогаш во животот немој да се каеш за нешто што си направил, туку за нешто што требало да го направиш а не си го направил. Знам дека барем некој успеал да ја докаже својата вистина, да си докаже себе си дека може, дека знае , дека не се плаши од неуспех или осаменост.  Оти да си осамен не е страшно. Да си сам е ултимативната казна.

Се распрснавме кој каде за да избегаме од себе, за да се најдеме со судбината. Се распрснавме по светот и талкаме ко зомби по аеродроми и патишта. Се среќаваме случајно, на паркинг за кој не знаеме ни кога и како е изграден, но во детали ги памтиме чешмичката, клупата и трафиката кои некогаш стоеја тука, во стариот крај. Се среќаваме во лаунџови чекајќи авиони, ама пустото…се некако во спротивни правци. А ти би сакал секогаш да си на пат во вистинскиот правец. Срцето каде што покажува, кон вистинската страна и кон домот кој ко магнет те влече.  Оти домот е еден. Ама ако…таква ми е кармата. Знам дека со моите деца ќе биде помилостива.

Бесценето е чуството кога некој  на крајот од светот, седејќи на масата карши ќе ти прозбори на твојот мајчин јазик. Ех, ко рајска песна ќе ти прозвучи она…”…десно пријателе…малку подесно…”. Да, за твоја среќа човекот од карши го слушнал твојот македонски збогатен со сочните скопски пцовки додека се обидуваш да го кренеш шишето со пиво од подот на некој белосветски аеродром кој луѓето обично го гледаат ко некоја атракција од филмовите а ти го мразиш повеќе и од полната дупла седмица на ЈСП во фамозните скопски шпицеви во осумдесетите од минатиот век.  Ма… го мразиш проклетиот аеродром повеќе од  колку што како седмооделенец ги  мразеше  “кариките” и “разбојот” на час по физичко. Но за твоја несреќа, ни првото пиво до крај нема да го допиете, и без шанса да се ракувате…а  пријателот веќе стана и замина. Авионот  не чека. Проклетиот авион во спротивен правец. А колку само  се израдува на свој човек , на човек кому можеш да кажеш “на здравје”. Но ти веќе си навикнат пивото да го пиеш осамен. Проклетија. Се распославме по меридијаните светски. Ех, колку сонував за тие меридијани. Колку мечтаев за патувања и авантури по светските меридијани. Ех, колку ги мразам тие меридијани сега. Ко решетки ми стојат пред очи.

Ама ти се би фрлил низ Вардар и  со полно срце и со две раце попрво би потпишал за макар 2 часа поминати на Водно или само онака бесцелно шпартајки по Партизанска или по Јане Сандански. Домот… мој пријателе, домот ти е таму каде што си сакан и каде што љубиш. Домот ти е таму каде што се чуствуваш удобно во својата кожа, онаму каде што чекорејки по улиците препознаваш дел од своето детство и младост. Сеедно дали тоа ќе го видиш во  некој лик кој ти доаѓа од спротива додека шеташ по Илинденска, или во очите на синот на твојот другар од детство кој си игра во школскиот двор во твое маало или пак тоа е некоја клупа под липата на булевар ЈНА карши Тропикана. Знам, знам…Тропикана одамна не постои, веројатно и клупата и липата ги нема, ама спомените не се бришат лесно…па дури ни со булдожери.  Домот мој пријателе ти е онаму каде се чуствуваш свој на своето. Каде што дури и воздухот зачаден од Желазара и од ауспусите на половните БМВ-а и Голфови увезени од Минхен во колоната на Рекорд ти е мил и вкусен исто ко роденденската торта за твојот шести роденден.

Се распрснавме по светот. Ама ако…секој кој го разбира и го почуствувал чемерот за кој пишувам знае дека од крвта таткова и од мајчиното млеко не се бега. Кога тогаш се враќаш…те влече грутката…те влече маалскиот кош и  комшиската цреша, фудбалот на мали голчиња со две цигли место голови и Марти Мистерија на багремот до школото или сликичките од светското во Аргентина. Те влече таа….една, твојата грутката од Библиската земја, а другата пак, проклетија те стега во грло и пече…пече ко јулското сонце по азбестните кровови во Лисиче или Тафталиџе. Ама ако, ти знаеш дека сепак се враќаш…кога тогаш. Секогаш се враќаш дома. Оти домот е еден.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s