Кончита не е тоа што мислите

12 Мај 2014

 

Кончита не е тоа што мислите

 

Викендов се конституираше  новиот Парламент. Да. Шокирачки за  опозицијата, на изненадување на дел од јавноста кој сеуште живее во 1976, и за жал на западните амбасади кои мораа да се потрудат и дополнително  да смислат комплицирани и неразбирливи термини во очебијните обиди со  неутралните изјави и со  дипломатско- филозофско-метафизички речник да ни кажат дека ги заболе средно уво и домалото прсте за нашите глупирања. На разочарување на нивните брачни партнери кои непланирано мораат да ја откажат прославата на мандатот во најелитната локална кафана со певаљка која е плукната Цеца и да се простат од новиот мебел и патувањето во Хургада, новите несудени пратеници од опозицијата со потпис на нотар ги вратија назад мандатите и храбро и одлучно рекоа НЕ.

Нотарот нели му доаѓа нешто како врховен судија на Големото Царство и Светиот Грал.  Пред неговото Височество сите свечено се одрекоа од позицијата, европските плати и привилегиите за фри кафе и кисела вода и неплаќање патарина и паркинг кои таа ги носи и храбро му рекоа не на гласот на народот (не се мисли на емисијата на Томиќ). Па што имаме ние од народот никаков, чуму ни е гласот негов кога партијата вели одлучно и цврсто НЕ. Некои отишле чекор подалеку и слоганот “Партијата над се”, кој ко ѕвезда северница ги води во оваа битка против  злото наречено неправедни и нефер избориго истетовирале на левиот бицепс од внатре(поблиску до срце).

Но, ДИК најде генијално решение. ПТТ ќе заврши работа, се разбира доколку некој дечко од Топаанско случајно во гравчиња не види со кое возило, со какво обезбедување, во колку часот и по која улица ќе поминува пратката. Мандатите ќе бидат пратени по пошта. Арно ама, опозицијата има контра  решение. По темелната и опсежна обработка и анализа на статистичките податоци за поштарите и нивниот начин на работа со посебен осврт на нивниот страв од кучиња и од која раса најмногу, СДСМ на сите храбри пишман пратеници им обезбеди по еден ротвајлер за пред  домашната врата. Но пасаран.

Како потврда на лојалноста некои од “насилно и неправедно” избраните пратеници ги продадоа своите телевизори за да избегнат непотребна провокација од тв преносот и да не бидат соблазнети од чинот на конституирање на Парламентот. Се проширија информации дека некои оделе дотаму да планирале привремено бегство во манастир. Но, се предомислија. Со оглед на историското наследство, да не речам багаж кој го има оваа партија од времето на СВОЗ и самоуправувањето, овој потег можеше да биде погрешно протолкуван од јавноста како чин на помирување на партијата со религијата. Непотребно ќе го мачеа Маршалот и тој по којзнае кој пат ќе се превртеше во својот вечен дом на Ужичка 15.

Сериозно, со среќа новиот Парламент! Само, не сум сигурен како се честита некому нова работа во Парламент. На гробар, полицаец и пожарникар веројатно им порачуваме со среќа и што помалку работа да имаат, на хирурзите мирни и не прмногу лепливи прсти, на гинеколозите чиста работна околина и цветни мириси, а на бабиците што почесто да слушаат прв бебешки плач и малку потазе бонбониери и кафе од барем пола кило пакување да добиваат. Но како на нов пратеник да му честиташ нова работа? Ај со среќа и што повеќе успешни амадмани да имаш? Среќно и да не те фати некоја камера како за време на седница сурфаш по лајф бетинг сајтови, спортски кладилнициили играш кенди креш сага на Фејсбук? Ај со среќа и кога ќе се гласа буџет да бидеш на боледување? Како?

Шегата на страна. По којзнае кој пат покажавме дека по нешто сме единствени во светот. Па да, каде на друго место има насилно некој да те направи паратеник? Замисли…ти си одиш на партиски состаноци, редовно си плаќаш членарина, кога ќе ти дојде ред ја зачистуваш канцеларијата и тоа со воден џогер а не само со метла, кафе вариш за сите секој втор петок и оп…одеднаш стануваш пратеник? Добро, партијата е твој идеал, со пола роднини и пријатели не зборуваш одкако стана активен член , животот  ќе го дадеш за неа и не и замераш што те ставила на кандидатска листа за Парламентарни избори, ама што им е на овие од власта? Како смеат да ти верификуваат мандат и да те направат п(л)ратеник? А ти не сакаш.  Ма со право опозицијата и нивните подржувачи од независните медиуми тврдат дека кај нас има недостаток на демократија и човековите права се кршат на секој чекор. Нејсе.

Викендов нацијата многу ни се растревожи и вознемири. Не, не заради неуспехот на охриѓани конечно освен фамозните и здодевни термини “Градот на УНЕСКО” и  “македонскиот Ерусалим”, новинарите да почнат да го користат и новиот термин “Градот гинисов рекордер” кога пишуваат за Охрид. Орото не успеа да влезе во книгата на рекорди. Злобните скопјаништа ќе речат ете доказ дека сепак во “…Охрид немат љуѓе…”, а охриѓани ќе се жалат дека стружани орото го играле правото(три напред три назад), а пајдушкото требало  да се игра. Но, актуелните градски власти не очајуваат и наместо планираниот данок за туристи наречен “гинисарина”, сега планираат нова давачка која ќе се вика “играорина”. Односно секој турист кој не го знае пајдушкото ќе треба да платиТ порез. Проверка ќе се прави на Подмоље на специјално за тоа изграден полигон. Со средствата од оваа давачка ќе се отворат нови играорни друштва и се повеќе љуѓе и стружани ќе научат пајдушко за да го собориме рекордот. Ете.

Значи ни Парламентот и насилното претворање на  обични луѓе во пратеници ни неуспехот на охриѓани уште по нешто друго освен по ѓомлезето и конобарите да станат подобри од скопјани не ги изнервира Македонците викендов. Евровизија беше шокот за нацијата. Замисли, ние ни во финале не влеговме, а таму некоја Австрија со нешто кое има брада и носи фустани а има шпанско/месарско име победи? Да, Европа и Евровизија и победата на Кончита не извади од кожа.

Па како може бе? Каква е таа Евровизија? Какви се тие стандарди и европјани кога гласаат за ваков чуден створ? Машко ли е, женско ли е? Да не знаеш како да го/ја опцуеш. Нацијата збесна. Почнаа масовно анти ЕУ пораки да се шират по социјалните мрежи. Народот е разочаран и не сака да чуе за Европа. Ма какви бре? Срамота, безобразлук. Песната? Ма кој ја слуша песната, гледај кој ја пееше. И ние во таква Европа ќе влегуваме?  ЕУ скептицизмот рипна до плафон. Не у ЕУ.

Интересно. Не, не мислам на Евровизија. Мислам на реакциите на нацијата. Интересно е како тоа вакви анти ЕУ реакции немавме до сега кога ЕУ со години не држи во чекална и константно се обидува да не обезличи? Зошто низ државата не се ширеше анти ЕУ расположение кога ЕУ со години не тера да си го смениме името и идентитетот, а јазикот не ни го признава како македонски? Ахаааа…Кончита е проблемот….Кончита не боли….Зошто ЕУ да ја сака Кончита е најголемиот проблем на денешницата да дури почнавме да палиме знамиња на ЕУ? Сигурен сум дека некој од генијалните опозициски аналитичари ќе отиде до таму да изјави дека нашата власт ја “измисли” Кончита само за да го зголеми евроскептицизмот во Македонија и плус да ја дефокусира јавноста од конституирањето на Парламентот и насилното верифицирање на мандатите на пратениците. Веќе ништо не ме изненадува.

П.с. Ако добро сум разбрал од последните избори, сега Зоран Заев треба да биде кул дечко  со демократски манири и да ги праша оние 30 % од делегатите на Конгресот на СДСМ кои гласале против  негодали имале добра атмосфера за гласање,  да не речам климите во салата дали добро работеле.

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s