Автор: gosevski

Добредојде. Моето име е Томислав Гошевски, имам 48 години (знам, и јас се чудам...не е грешка, толку се,ама сум многу младолик), женет (доброволно), татко на 2 деца. Последниве четири години живеам (уживам) и работам (да знае само менаџерот колку, тешко мене) на Блискиот Исток. Од 26 ноември 2009 започна мојата Аваган(истан)тура најпрво во Кувајт па потоа во Авганистан во Американска воена база. Овде ги објавувам моите мисли и забелешки (мрчам) или илиустрирам на сите можни начини кои се достапни денес (мим, де-мотиватори, фејк фејсбук статуси и сл.) на теми од секојдневието кои ме интересираат (нервираат) и инспирираат. Не мора да се сложувате со моите ставови, но не мора ни заради тоа да ме мразите (да ме чекате во некоја темница со безбол палица). Можеби треба само да се замислите малку. Но хард филингс.

Во меѓувреме во Африка

Capturevoda_wm

Advertisements

Дома

Се започна многу порано од 26 Ноември 2009 кога за прв пат полетав кон Блискиот Исток на пат за Кувајт и потоа Авганистан како моја конечна дестинација. На мојата авгантура и претходеа дваесетина месеци аплицирање, непроспиени ноќи и висење по интернет форуми и портли за работа во воена зона и собирање информации како да се добие работа. Тие кои ме познаваат знаат најголем дел од мојата Авганистанска приказна. Тие кои не ме познаваат, можеби еден ден ќе имаат прилика моите мисли, сеќавања и приказни да ги прочитаат во некое печатено издание во вид на збирка раскази. Здравје.

1694. Толку денови поминаа од првиот лет во непознато. Толку ноќи поминаа во најголем дел преспани во шатор полн со граѓани од земји од Третиот свет, преполн со прашина, шкорпии, глувци и пајаци големи колку кутија за кондури и понекоја змија, нормално…отровна, затоа што во Авганистан не постојат не отровни змии. Половина од времето во овие 1694 деноноќија ги поминав во една канцеларија 2х2 со едно биро, две столчиња, една кинеска клима, корејски телевизор со индиски тв канали и јапонски фрижидер. И многу, многу тага и носталгија, по малку работа, многу одговорност,  нервоза, возбуда, онлајн среќни моменти со најблиските и пријателите, во живо несреќни моменти со гранатите и непријателите.

Видов и срушени хеликоптери, уништени тојоти како Хулк да ги згужвал и удрил од земја, пукање околу канцеларија…гранатирање и самоубиства…ранети и заробени талибанци…убиени војници додека играат фудбал…На едно место заградено со зидови од 4 метри,  со големина на едно просечно скопско маало а наречено ФОБ Апачи, видов и среќа и несреќа во количини колку за три просечни и нормални држави. Непосредно работев со дваесетина луѓе од 7 различни нации и уште поразлични карактери. Креирав преку 20 000 документи, испратив преку 13000 мејлови, примив уште повеќе. Заработив една пнеумонија, седа и проретчена коса, болки во кичмата од седење, стрес од алармите, пристојна сума долари на сметка и маки и јадови заради пропуштени мигови на радост и блискост со најмилите. Заработив и пријатели какви никаде и во никакви други животни ситуации и околности просечен човек нема шанси ни да ги сретне.

Дојде време да се заврши мојата Авганистанска авантура. Дојде време да ставам крај на едно поглавје од животот. Никогаш немој да жалиш за нешто што си направил во животот. Треба да ти е жал за нешто што си можел и си требал да го направиш, но не си го сторил тоа. Јас не жалам за ништо што сум направил во овие 1694 денови. Се надевам дека моите најблиски го мислат истото и дека ја разбраа мојата авгантура како неопходен дел од нашите животи. Знам дека е така, и токму заради тоа и заради нивната подршка јас се ова повторно би го направил.

На 18 Јули 2014 година завршува мојот престој во Авганистан. Се враќам дома.