наука

Opportunity

Земјата, нашата мајка планета е стара и уморна, но се уште полна со љубов и трпение кон нас. Иако ние безброј пати сме покажале дека не ја заслужуваме Земјата како наш дом, таа сепак не трпи и иако не си ја средуваме собата редовно, ѓубрето  не го изнесуваме, го оставаме насекаде пред врата, во влез. Не ги миеме садовите после јадење, зеленилото не го одржуваме…таа сепак не трпи.  Добро понекогаш ќе ни покаже дека не е задоволна со нашето поведение. Ќе ни испрати по некој ураган , земјотрес или цунами, како шамар…за да се освестиме. Но ние ги повторуваме грешките.  До кога?

Минатиот месец  го добивме седум милијардитиот жител. Што е многу, многу е. До каде ќе одиме вака…до колку жители ќе не трпи планетава. Некои проценки велат дека од настанокот на човештвото до сега се родиле околу 70 милијарди луѓе, а дури една десетитна од  нив моментално живее на малата сина планета. Фотографии како оваа погоре на земјата уште малку ќе биде тешко да се најде. Такви празни пространства тешко дека веќе ќе има на нашата планета. И тие ќе мора да ги населиме.

Инаку оваа фотографија е од околината на мојата база во Авганистан. Пусто…песок и по некоја карпеста планина расфрлана наоколу. Некој ќе рече ..”..па ова како да е на Марс…”. Да…токму така…се шегувам, ова фотографија не е од Авганистанските пустини, иако околината  многу личи. Ова е фотографија од Марс.

Возилото на НАСА, наречено Opportunity, ја има направено оваа фотографија на Марс. Роверот е во мисија на Марс  и после тригодишното талкање по пустините на Марс, пристигна до работ на огромниот, скоро 40 километри широк кратер именуван Endeavour, најголемиот од единаесетте кои ги има досега истражено. Научниците се надеваат дека ќе откријат материи кои досега не се откриени, исто така се надеваат на влага во карпите и можеби малку поподносливи услови за човекот. Првите резултати го потврдуваат тоа.

Инаку последното патување на роверот  Opportunity трае три години, но тој слетал на Марс уште во 2004 година. Одамна му е минат рокот на траење и гаранцијата(којзнае уљето од кога требало да го заменат), а десното предно тркало му е оштетено( нема никаков вулканизер во околина) па луѓето на НАСА кои ракуваат со него од земјата мораат повеќето од времето да го возат во рикверц. Второто возило на површината на Марс, инаку близнак на Opportunity , наречено Spirit, престана да комуницира со земјата во март(можеби е киднапиран, или лошо се паркирал па пајак го однел), па сега надежите на научниците се свртен кон Opportunity.

Целата сторија е овде

п.с. Туууу…opportunity…колку само можности ќе има за Геро и компанија да отвараат нови весници, и не мора да одат он лајн, кој сака да чита ќе си купи, ќе има во сите трафики по сите сателити…а?…Марс , ваму-таму…

Најнов модел на Јавачот на Апокалипсата

Advanced Hypersonic Weapon (AHW), тоа е името на најновото технолошко чудо на Американците. Проектил кој лета со брзина од 30 Маха и може да ја пренесе не нуклеарната боева глава било каде во светот за 30 минути. Се разбира дека во пакетот добивате и “даљинско”(батериите не се вклучени).

Добро, а некој да измислеше лек против рак или сида?

Дваесет години револуција…

20 години во човековиот живот е релативна бројка. И многу и малку. Зависи како се гледа и од кој аспект. Но последниве 20 години во историјата на планетва се во најмала рака револуционерни. Не дека изумите и откривањето на огнот, тркалото, пеницилинот,парната машина или електричната енергија не се револуционерни. И тоа како се значајни, но мислам дека технолошките откритија во дваесетиот век се вистинската револуција. Откритија кои тотално го сменија секојдневието и целокупниот човеков живот.

На денешен ден пред 20 години започна јавно да функционира Светската мрежа(World Wide Web). Интернетот стана достапен и бесплатен низ целиот свет. Тим Бернерс-Ли со објавената вест на alt.hypertext newsgroup се смета за таткото на интернетот каков денес го знаеме. Претходно постоела само мрежа која ја користеле научниците во CERN лабораториите во Швајцарија  за споделување на информации и документи.

Пораката вели: “WWW проектот има за цел да овозможи креирање и споделување на линкови до секоја информација  насекаде низ светот” . Оваа порака се смета за почеток на интернетот. Се потоа е историја.

Дали некој може денес да го замисли светот без интернет. Јас лично не. Какви само промени во човековиот живот донесе интернетот. Дали има нешто, било што на светов кое не е на интернет. Нашиот “најдобар”пријател Гугл е секогаш тука за нас. Се што не интересира, се што ни треба , се е присутно на Светската мрежа. Целата планета е поврзана благодарение на ова револуционерно откритие. Јас лично сум поврзан од 1996 година и не знам каков ке беше, или каков би бил мојот живот да не е интернетот. Дали некој може да претпостави што ке ни донесат следните дваесет години….

СЕТИ-или дали сме сами?


Не можам а повторно да не се навратам назад низ времето. Една вест која деновиве  ја сретнав на интернет ме потсети на нешто, ме врати 13 години назад. Се работи за СЕТИ Институтот од Mountain View, California ,непрофитна организација која се занимава со  истражување на универзумот со цел пронаоѓање на живот надвор од нашата планета.

Во своите истражувања СЕТИ користи радио и оптички телескопи со цел да пронајде траги од интелигенција надвор од нашата галаксија. Тоа го работи уште од 1984 година. До сега без резултат, но токму последниве месец-два добра вест стигна од НАСА. Имено нивното вселенско летало Кеплер кое е лансирано 2009 година а е дизајнирано и опремено за пронаоѓање на планети слични на земјата, конечно откри нешто. Откриени се 1235 планети многу слични на Земјата.

Но токму во овој период СЕТИ објави дека ке ги стави во мирување своите телескопи и ке ги замрзне понатамошните истражувања заради финансиски проблеми. Инаку проектот на почеток бил финансиран од НАСА, а подоцна кога конгресот одлучил дека ова “бркање Марсовци” е скапо и не дава резултат, фондовите секнале. За среќа, за опремување на целиот систем од сателитски антени и супер компјутери средства донирал коосновачот на Микрософт, Пол Ален. Но сега едноставно нема пари за тековните трошоци. Потребни се околу 5 милиони долари за следните 2 години, а од СЕТИ велат дека парите ке се обезбедат многу лесно, кога секој Американец, даночен обврзник би платил барем по 3 центи повеќе данок. Времето ке покаже што ке се случи со СЕТИ.

Оваа вест ме потсети на 1998 година кога се појави SETI@Home (или кога ние дознавме за него) научен експеримент кој во претрага на универзумот повика на помош и учество на секој поединец со персонален компјутер кој сака да даде придонес во обидот да се пронајде живот надвор од Земјата. Се работи за еден софтвер кој секој можеше да го стартува на својот компјутер и секогаш кога компјутерот е онлајн всушност тој софтвер даунлодира и врши проверка на податоците добиени од СЕТИ Институтот.

Огромниот број на податоци од преку 320-те антени едноставно е невозможно да се истражи без помош на обичните корисници на интернет. Колку што се сеќавам во 1999 година во SETI@Home беа вклучени неколку стотини илјади компјутери на обичните луѓе, ентузијасти од целиот свет кои сакаа да помогнат. Меѓу нив и јас и моите пријатели и колеги од работа дадовме свој придонес, во оваа, еден вид граѓанска иницијатива. Гледам SETI@Home сеуште постои и се обидува да прибере сретства од донатори за да целиот процес продолжи. Има луѓе кои се вклушени во проектот уште од 1999  година, и сеуште придонесуваат со своите компјутери. Се надевам дека ке успеат, а секако и дека ке се придружам на претрагата кога ке се вратам дома.

п.с. Еве еден пример до нашата општествено свесна и ангажирана младина како да се вклучат во некоја граѓански  акција која ке донесе општо добро. Да не губат време по улиците