А1

За измеќарите и честа

Кој со ѓаволот тикви сади, од глава ќе му се искршат. Народот наш мудар има изрека за секоја ситуација. Па дури и за случувањата со нашата новинарска фела, иако кога е ова прв пат кажано кој знае каде биле нај блиските новинари. Веројатно во Солун или Виена. Не сакам да звучи дека сега се ситам на нечија мака или гледам нечиј сеир, но можам да кажам…Нели ви реков.

Фактите и случувањата во последнава година околу А1, кривичното гонење на сопственикот, а подоцна и судскиот процес против него, и гаснењето, престанувањето на емитување на телевизијата веројатно сите ги знаете. Иако и околу сето ова имаше манипулации, конструкции и спинувања(се сеќаваме на она…”пуштете нееее…ние сме новинари…пуштете нееее  да работимееее…”, и мафтањето со неотпакувана кутија касети). Морам да забележам…и тогаш го дискутирав ова со пријателите, неверојатен беше жарот и еланот со кој поединци се трудеа до последен момент да ја “одбранат” телевизијата и газдата. Веројатно фанатизмот покажан тогаш може да се спореди само со фанатизмот на моиве соседи овде, талибанците. Неверојатно, да беше лично нивен имот, да беше нивниот дом во прашање немаше толку пожртвувано да го бранат, како што го бранеа газда Велија и А1. Веројатно целокупната јадна ситуација во општеството, а со тоа и кај новинарите доведе до таму да луѓе кои вчера завршиле факултет, и веднаш  им се посреќило или прифатиле да работат за просечна плата, таквата општа ситуација довела тие луѓе  очајно сакајки да ја зачуваат толку бараната работа да станат “поголеми католици од папата” и буквално да се истепаат со полицијата заради Велија.

Мала дигресија…потенцијалните работодавачи на споменатите новинари треба сериозно да го земат в обзир овој факт кога ќе решаваат дали ќе вработат некое од овие лица. Мора да бидеме искрени, покажаа невидена лојалност до последен момент, како да животот им зависеше од телевизијата.

Да се вратам на темата. Веќе имам напишано дека можам за себе да кажам(сигурен сум и оние кои ме познаваат лично) дека имам некое искуство со медиумите уште од времето на осамостојувањето на државава во почетокот на деведесетите на минатиот век, и тоа и како вработен  во медиум, а потоа и како сопственик на медиум. Значи не сум лаик и не пишувам овде прикаски од типот “како мали Ѓокица замишља”, туку од искуство и познавање на работите.

Апсолутно ми е јасна целата ситуација со А1 и како се работеше таму, и колку беше успешна телевизијата, и за личноста на Велија кого го знам уште пред да ја отвори телевизијата, а и потоа имав контакти на ниво на медиуми. Приказните кои се шират по јавноста, и за квалитетната опрема, и за добрите и професионални новинари и за квалитетната програма  се далеку од вистината. Тој што го тврди спротивното, не видел нити квалитетна опрема, нити гледал квалитетна програма нити пак знае што се  добри и професионални новинари.

Значи во една таква ситуација, во медиум за кој јавна тајна беше дека не работи законски(да не ги редам сега обвиненијата против Велија) обичниот гледач го гледа само финалниот производ, програмата. Но мора да признаеме дека и нивото на критериумите за квалитетна телевизиска програма е спуштено најдолу што може.  Да бидеме начисто. Квалитетна програма кај нашите телевизии нема. Кај сите…многу се ретки исклучоците, преовладува принципот “со малку пари да заработиме многу”. Па тука следуваат третокласни Шпанско-Индиско-Турски серии, детски цртани серии од многу сомнителен квалитет  и слично. Епа…. колку пари толку музика(еве уште една). Значи во такви услови, не може да се очекува програма освен информативна, која е нај евтина за правење. И тука доаѓаме до моментот. Сопственикот решава да прави пари преку тоа што го има, а  воедно му е нај евтино (преку информативната програма, преку новинарите). Нај евтино е на некој млад и не искусен новинар да му купиш автомобил и потоа е твој безрезервно.

Знаејки го ова, сопственикот, информативната програма, која скоро и да беше единствена во телевизијата, ја користи како оружје за пресметка со политичките не истомисленици на налогодавачот(секогаш има налогодавач) или со одредени бизнис кругови и конкуренцијата, а сето ова во крајна линија значи пари. За оние кои знаат што зборувам нема потреба да објансувам понатака(а оние кои не знаат, штом до сега не сватиле, попусто ќе им објаснувам).

Значи новинарите кои својот образ и својот личен интегритет го ставиле во служба на бизнис и политичките интереси на газдата, нормално е да очекуваат дека кога газдата ќе “падне” и тие прво да мораат да се борат до последен здив за него, за на крајот и тие да почуствуваат потрес од “падот”. И тука сега нема жалење и плачење. Сами сте си го одбрале патот. Кога си се фатил за орото, ќе играш до крај(уште една). Сигурен сум дека никој не употребил сила против вас за да се фатите за орото.

Деновиве почнаа валканиците од таквото однесување на  новинарите од медиумите на Велија и од целокупното работење на истите да излегуваат во јавноста. По интернет на неколку Фејсбук профили и портали се разгоре меѓусебното плукање и обвинување помеѓу бившите колеги  новинри од Перо Наков б.б. Дел од нив наводно се обиделе да добијат работа во “толку омразената” МРТВ, во “бастионот на Груевизмот”, како што велат овие другиве, кои останаа демек на линијата на отпорот, кои продолжија да пишуваат на новоформирани таканаречени њуз портали. “Независни” портали  за кои пишувале,  и каде немале големи плати, ама не биле “измеќари на Груевски”. Демек херои, првоборци против “не демократскиот режим на фамилијата” бреј….Се наежив.

А чии измеќари се сега? Овие де “првоборциве”.  До вчера на Перо Наков б.б.  чии измеќари беа? А…аха…знам…беа измеќари на “вистината, на идејата за повеќе демократија, човекови слободи и слободи на медиумите”…така…? Во ова ни нивните мајки и сопруги не веруваат а не некој друг. Па ние сите гледавме што се случуваше…гледавме телевизија А1. Зарем заборавате на тоа. Го гледавме јадот и бедата и дното до кое го доведовте новинарството. Гледавме како манипулиравте со информациите, како спинувавте вести, како безобразно калкулиравте и “перевте мозоци” со помош на вашите вести.  Се ова беше секојдневно пред нашите очи. Та не сме сите недоветни.

Овие кои побараа спас во МРТВ се првдаат дека веќе не можеле да седат без работа, дека имале семејства, и дека МРТВ сега ќе се реформирала и немала веќе да биде “бастион”. Сега колегите се раскараа и се закрвија. Луѓе…да не е смешно, би било трагично. Смешно е колку ниско паднавте сите и колку лесно дозволивте да ве купат и искористат како кондом.

Личниот интегритет и чистиот образ би требало секому да се приоритет во животот. Поточно, секој би требало тоа да го научи уште како дете. Велат личноста се оформува до 6-7 година од животот, потоа само се надградува. Ако некој ова не го научил и не го сватил во животот, тоа е негов личен проблем. Секој си е сам одговорен за своите постапки и треба да се соочи со последиците на истите. Ова секако важи и за новинарите, “белите мечки” како што ги нареков јас. Ова само како потсетување за новинарите од медиумите на Велија( не само А1, туку и пишаните Време и Шпиц) дека во животот што ќе си дробиш, тоа и ќе си сркаш(ете уште една).

Да завршам….во животот секој човек има падови и успеси, среќни и помалку среќни моменти и најважно од се е секогаш, во секоја ситуација да останеш човек, да го зачуваш образот, и да можеш со гордост да излезеш пред своите деца и да ги воспитуваш и да ги учиш дека да се биде чесен е нај важно во животот. Првата работа која треба да ја запаметат и секогаш да се трудат е да бидат луѓе со интегритет и со чист образ. Тоа е бесценето, а сите земски задоволства и лагодности како пари, имот и богатство се минлива категорија. Денес можеби ги имаш, а утре не. Ако научиш да бидеш чесен уште како дете, тоа останува за цел живот, и тоа е вистинското богатство.

Заради ова погоре, искрено, не ми е жал за нитуеден новинар кој останал без работа а кој спаѓа во категоријата погоре објаснета, категоријата која преовладуваше во медиумите на Перо Наков б.б. Човек не се раѓа како новинар, и заради тоа да мора цел живот само тоа да го работи. Има и други чесни работни места или професии кои секој кој сака , со малку труд и ангажман може да ги работи.  Ако веќе на новинарите од Перо Наков б.б. по нивна вина им се случи фијаско на професионален план, не мора да застанат, да тагуваат или да доживуваат стрес или трауми. Та не е крај на светот. Господа…работа кај нас има колку сакате. Насекаде. Има сигурен сум. За некои работни места дури и не треба преквалификација. Многу нормална и чесна работа е на пример продавач во маркет, или келнер или таксист…и многу наши сограѓани ги работат овие работи и чесно живеат. Да се разбереме…секој сака и кариера, и пари, и успех…само…не е секој спосбен за тоа. Ако веќе гледате дека не оди…а семејството бара финансиска подршка…не мора ничии измеќари да бидете. Бидете чесни, бидете луѓе со образ и свое јас. Бидете свои и работете некоја чесна работа за чесна плата. Не мора сите во оваа држава да бидат новинари. Та ќе преживееме де без нашите “борци за вистина и демократија”.

 

п.с.Ќе бидам искрен и ќе ви го кажам мојот пример. Јас изгубив и работа во медиум и мојот медиум го изгубив. Долга приказна. Но не сум помислил ни еден момент  да бидам нечесен, да правам криминал или да се продавам, никогаш. Заради тоа не се срамев да работам и продавач, и софтверџија и таксист и дури и во Авганистан да завршам. Ама затоа секогаш можам со чист образ и без срам да си ги погледнам децата во очи. Тоа е најголемата сатисвакција која со пари не се купува. Како кој го разбира животот.

Камелеони и двојни аршини

“Амбасадата имаше добра комуникација со Црвенковски. Но, тој е себепромотивен и камелеон кој се менува во променетата средина”

Амбасадорот на САД во Македонија,Филип Рикер, мај 2009, според Викиликс

Мислам дека ова најдобро ја отсликува идејата за овој пост.Како камелеонството стана еден од најпопуларните спортови кај нас?Кога лидерот и државник го практикува камелеонството,тоа е знак за сите следбеници да го практикуваат уште по жестоко и по ревносно.Па така, еден цел мини свет од новинари,интелектуалци,ситни бизнисмени кои плачат по владини тендери,твитерџии,борци за човекови права,НВО фолиранти и коленичари(како што вели Брат Љубе) целиот концепт на камелеонство го имаат доведено на едно уште повисоко ниво.

Еклатантен пример за горенаведеното се последниве настани поврзани со апсењето на Љубе Бошковски.Секако дека се сеќаваме на времето кога бившиот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски беше апсен по Хашкото обвинение.Во тоа време СДСМ беше на власт и секако се сеќаваме дека сите провладини медиуми и подржувачи на СДСМ со доза на потсмев се обраќаа кон Бошковски со Сестра Љубе,додека неговите сопартиијци го бранеа,и нормално го ословуваа со Брат Љубе.

Другото е историја.Човекот одлежа што одлежа во притворот во Хаг,доби ослободителна пресуда,подршка најмногу имаше од ВМРО ДПМНЕ(финансиска подршка и плаќање на адвокати) и се врати како победник-предавник.

Подоцна остана само предавник(за ВМРО)Сега е интересниот пресврт.Камелеонството се појави во вистинско светло.Сега одеднаш пријателот стана непријател и обратно.Сега и ВМРО се покажа како одличен играч во камелеонството-спортот број еден на политичарите.Сега Љубе Бошковски стана Сестра Љубе за ВМРО и неговите членови и симпатизери,а обратно,СДСМ и неговите симпатизери почнаа да го ословуваат со Брат Љубе.Интересно.Неговите пријатели и колеги,неговите бранители сега го напаѓаат и го обвинуваат за предавство. А најголемите негови непријатели и луѓето кои го испорачаа во Хаг сега станаа негови подржувачи и бранители.Дури и неговата кампања беше максимално подржана на А1.

Чист,школски пример за камелеонство.Сега повторно се разбудија неговите бивши непријатели и сега токму тие најмногу го бранат и најжестоко ја напаѓаат власта заради неговото вчерашно апсење.Сите тие кои плукаа по него сега се најжестоки во неговата одбрана.И обратно…тие кои го бранеа и собираа средства за неговата одбрана во Хаг,сега ја подржуваат власта во акцијата за негово апсење.Типично.Македонско политичко камелеонство.Спорт број еден не само за политичарите,туку и за нивните следбеници и подржувачи.Да не е смешно би било трагично.

 

Кога станавме Норвежани?

Конечно.И тоа се случи.Конечно успеавме да направиме избори без изборни неправилности и инциденти.Можеби досега нај мирни и со најмалку неправилности.Да бидам искрен, се изненадив.После толку негативна кампања,после толку зла крв меѓу главните играчи во кампањата,после толку негативна пропаганда помеѓу А1 и Сител,навистина сум изненаден од мирниот изборен ден.

Кампањата,посебно пропагандата на партиските гласила А1 и Сител кои беа толку “хушкачки” настроени и внесоа толку многу навреди и обвинувања, да навистина е изненадувачки како изборите минаа фер и без инциденти.Пропагандата која ја водеа во оваа кампања треба да влезе во учебниците како школски пример на применета Гебелсова пропаганда во изборни цели.

Да, покрај се имавме фер избори и тоа го потврдија сите учесници.Истото го потврдија и меѓународните и домашните набљудувачи како и сранските дипломати кај нас.Фер избори дури по фер не може да бидат.Можеби само по фер ке беше ако Груевски и Црвенковски “ферски” еден на еден се испотепаа.Но и без тоа беше доволно фер.

“Изборниот ден помина во фер и демократска атмосфера,  Сите ние заедно во Македонија сме победници, подвлече Груевски, бидејќи победи демократијата, волјата на мнозинството граѓани, победија фер и демократските избори во Република Македонија.

– Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се грижи и да работи за сите граѓани на Република Македонија независно од политичката, верската и етничката припадност.”

-изјави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски на прес – конференцијата прогласувајќи ја победата на седмите парламентарни избори во Република Македонија.

Лидерот на опозицијата пак рече:

” Народот е секогаш во право, дури и кога греши. Сакам да упатам честитки до сите граѓани кои денес гласаа посебно до оние што ни дадоа поддршка, изјави лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на вечерашното обраќање. И покрај сите притисоци, уцени, заплашувања во изминатите два месеци ги упатувам моите честитики до Груевски и покрај изборниот резултат”

Изјавите на сите кои освоија пратенички места се дека се задоволни од резултатот.Тачи вели дека “искрено му честита на Ахмети”.Нова Демократија и ДУИ ги отценија изборите како демократски и без никакви инциденти.

Другите партии и од инат направени партиички кои изгубија катастрофално не вреди ни да се споменат.Толку од нив.Крај.

Одлично.Значи покрај се` имавме Скандинавски избори и за тоа треба на сите да им се оддаде признание.Признание треба да им се оддаде најмногу на граѓаните.Тие не потпаднаа под влијание на валканата пропаганда на медиумските привезоци на партиите и подбуцнувачки настроени новинари и уредници.

На опозицијата не и успеаа никакви монтирани случаи на А1 и останатите поединци, измислени и монтирани приказни и притисоци со разноразни списоци за гласачи,не успеа ни “last minute” аферата со Викиликс.Нити сето ова и донесе нешто многу повеќе гласови на опозицијата,нити пак успеа да предизвика инциденти.

Ни власта не подпадна под влијание на повеќемесечната кампања.Атаците и местенките од А1 не беа доволни да ја натераат власта да се обиде да ги лажира изборите.

Кога ќе се погледнат бројките се чини дека и едните и другите загубија.Можеби малку повеќе загуби ВМРО ДПМНЕ,пред се во бројот на пратеници.Но затоа како утеха им остана што остануваат на власт.Загуби и СДСМ.Загубија една убава шанса,едноставно мораа да ја искористат оваа ситуација и да победат на изборите.Но прво и основно,кадровските грешки и крајно негативната кампања доведоа до ваквиот резултат.

Премногу форсираната поврзаност со А1,конструкциите на телевизијата и претераните често неаргументирани напади кон власта кај голем дел од неутрални гласачи сигурно предизвика контра ефект.И секако,арогантното и уличарско однесување на Црвенковски на митинзите си го направи своето.Но,нашиот народ вели од главата си патиме.

Се се` заврши толку фер и мирно дури човек да почне да мисли дека “утакмицата е наместена”.Дека на двата тима им е доволно по бод.Знам дека не е,би било премногу чудно такво нешто.Од друга страна…кај нас ништо не треба да не изненади,посебно кога е политиката во прашање.Можеби некогаш,во некој важен момент ке се појави нешто во врска со ова на Викиликс.

Фала му на Бога што не сме Конго

Закани и напади меѓу партиски активисти во Шутка
За навредите на Црвенковски веројатно е виновно вискито што го испил
Црвенковски: Горд сум на аболицијата на Заев
Груевски: Црвенковски ќе биде најмладиот пензионер
Оштетен штаб на СДСМ во Битола
Анкета „Павел Шатев„: Груевски и ВМРО-ДПМНЕ со најголема доверба
Манасијевски: Да си замине Груевски, да не се врати Црвенковски
За ВМРО-ДПМНЕ жртви, за СДСМ послушници
Груевски во Берово како Александар Македонски пред третоодделенчиња
ЛДП: Ни ја препишуваат програмата
ВМРО – ДПМНЕ: СДСМ го достигна моралното дно во оваа изборна кампања
ВМРО-ДПМНЕ: Наместо да се извини СДСМ продолжува да ги навредува стечајците
Го претепале откако им наредил да затворат штаб на ПЦЕР
Искршен штаб на СДСМ во Радовишко
Активист на ВМРО ДПМНЕ се жали дека крвнички го претепале петнаесетина поддржувачи на СДСМ
Сакал да запали штаб на СДСМ во Ваташа
Оштетени штабови на СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ
Оштетени штабови на ОМ, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ
ОМ: Ни ги демолираат штабовите
Се заострува битката кај aлбанскиот фактор
СДСМ: Лажни стечајци во кампањата на ДПМНЕ
СДСМ – „Дневник“ стана разузнавачко-валкана испостава на ДПМНЕ
Уништени штандови на СДСМ, МВР трага по сторителите
Група од 15 лица нападнале активисти на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица
Анкета ИПИС: За ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 22,6% од граѓаните, а за СДСМ 15,4%
Анкета ПРОГРЕС: За СДСМ ќе гласаат 22.9 %- за ВМРО-ДПМНЕ 19.6%

Дали треба уште нешто да додадам после ова.Ова се дел насловите од интернет вестите во последниве неколку дена.Се однесуваат на изборните активности на партиите. Неверојатно.Се прашувам дали некаде на друго место во светот се случува ова.

Што мислат партиските PR-и ,или говорниците на митинзите дека ќе постигнат ако ги навредуваат своите политички противници?Како со тоа мене ќе ме убедат да гласам за нив? Зошто толку многу ги потценуваат гласачите,и ја навредуваат нивната интелигенција?Веројатно затоа што најголемиот дел од нив не се ни приближно интелигентни како потенцијалните гласачи,а сметаат дека сите сме на нивното ниво.До кога со уличарски речник на митинзите?

Зошто не говорат за себе и за своите активности и планови туку говорат за противникот и го навредуваат?Веројатно ова повеќе говори за нив и нивниот интелектуален капацитет отколку за противникот.

Не можам да разберам со која цел се прави ова.Дали некој навистина мисли дека ке привлече повеќе гласачи,посебно од неопределените,ако отиде во некое село или месна заедница,и го искрши штабот на политичкиот противник.Или пак самите ќе го искршат својот штаб,и се разбира,ќе го обвинат политичкиот противник.

Штабот најчесто и не е на партиите,туку е изнајмен деловен простор.И најлошо што може да и се случи на партијата чиј штаб е искршен е да активистите мораат да го заменат стаклото на излогот.Се разбира, за да им е попријатно внатре додека го пијат кафето на раат, избегани од дома и од сопругите кои им здодеваат со домашни обврски. Значи повеќе работа за локалните стакларски дуќани,ништо друго.

Зарем мислат дека ќе поверуваме дека некој друг им го искршил штабот? Не верувам дека некоја партија ке ги прати своите активисти да го уништат штабот на противничката партија кога се знае дека за тоа ќе ги обвинат токму нив. Не верувам дека се до толку недоветни.

Не можам да ги разберам активистите на двете конкурентски коалиции.За што се толку запалени и закрвени.Што добиваат,или очекуваат да добијат.Ако е само 500 денари дневница,или по некоја маичка во прашање,тогаш е навистина поразително за сите нас.Ако заради тоа некој би ризикувал да одговара пред законот,или да добие ќотек од другата страна, тогаш тешко нам.

Или можеби очекуваат поголема награда,вработување или некоја привилегија.Или нај веројатно само ги користат караваните на партиите кои крстарат низ Македонија,па со бесплатен превоз да си ги посетат роднините кои одамна не си ги виделе.Патем ке си добијат и сендвич и по некој денар.

А медиумите,партиските мегафони само ја подгреваат атмосферата.Постојано на вестите се потенцитаат информациите за инциденти,кои додатно се филуваат и спинуваат во корист на своите нарачатели.И едните и другите викаат “Држете го крадецот”, а безобразно лажат и крадат каде ќе стигнат.Шират дезинформации и лаги во неограничени количини.

Дали во друга држава во светот има вакви смешни партиски “активности”.Всушност има.Има во Африка.И воопшто не се смешни.Во некои племиња во Конго се случува нешто пострашно.Имено,таму се гласа на племенски собир,со подигање на десната рака.Кога во селото,на племенски собир,ќе прашаат кој е за некоја  од партиите,секој кој е за треба да ја подигне високо десната рака. Како да се спречат луѓето да гласаат против,односно за противникот?

Лесно.Таму некоја партија ,некој многу умен се сетил и праќа свои партиски војници во селата каде има подржувачи на противничката партија,и на сите гласачи им ги сечат десните раце до лактот.Ги осакатуваат гласачите.Така сигурно нема да гласаат за противничката партија,дури и да сакаат.Туку….да не им давам јас идеии на некои вжештени глави кај нас.Да се задоволат само со искршени штабови,а?

Со визи?…без визи?…без веза…

Сесилиа Малмстром, Комесарот за внатрешни работи на Европска Унија вчера ја соопшти веста за одлуката на Европската Комисија во врска со безвизниот режим кон 41 држави од светот. Одлуката вели дека Комисијата донела заштитен механизам кој ја забрзува и поедноставува постапката на исклучување на некоја држава од безвизниот режим кон ЕУ.

Ова практично значи дека тој механизам ке им помогне на земјите членки на ЕУ да ја направат визната политика по ефикасна во случај на  непредвидени ситуации(голем бран на лица од една држава со илегален престој или како баратели на азил).

Секоја земја членка може да донесе одлука да исклучи некоја држава од безвизниот режим доколку одеднаш драстично се зголеми бројот на баратели на азил. Но земјата членка на ЕУ ќе мора пред Комисијата да докаже дека бројот на лица со илегален престој во земјата или баратели на азил  во последните 6 месеци се зголемил за 50 % од вкупниот број на лица во предходните 6 месеци. Значи жителите на овии 41 држави би можеле да имаат проблеми со користење на безвизниот режим ако се утврди дека истиот се злоупотребува.

Убаво. Не, веста не е многу убава. Убаво е напишано ова погоре. Така од овој настан известува Euobserver.com. Нема коментари или политички пораки. Чист новинарски извештај каде само се пренесува вест. А како тоа го прават нашите “врвни” новинарски имиња?

Па тоа зависи на која опција и припаќаат, односно за кого одработуваат. Во зависност од тоа едните ја гледаат “чашата до пола празна”, а  за другите “чашата е до пола полна”. А и едните и другите ја гледаат истата “чаша”.

Едните објавуваат како ударна вест дека визите за нашите граѓани за влез во ЕУ нема повторно да се воведат. Но не е до крај објаснета ново настанатата  ситуација, односно дека е можно сепак да се случи визите да бидат воведени, и дека секоја земја членка сега има поедноставен и побрз механизам да го стори истото, доколку е потребно.

Новинарка на другите пак во извештајот за одлука на Европската комисија во врска со безвизниот режим за Македонија не само што не ја презентира веста точно и целосно, туку и повеќе од половина време од прилогот и дели совети на власта што требала да направи за да немаме азиланти во ЕУ.Замислете, требало  власта да се грижи за загрозените категории граѓани,за да тие немаат потреба за барање азил. Безобразно и највулгарно спинување на една вест. Инаку,повеќе од 60 % граѓани во Македонија се финансиски загрозени,па не одат сите во ЕУ по азил.

И не само тоа, потоа имате нов прилог за да ја дополни оваа вест, за да ја исплука уште повеќе политиката на надлежните. Наводно човек близок на власта заработува со организиран превоз на азиланти во ЕУ. И како доказ за тоа се дава изјава на една жителка на Шуто Оризари, населбата од каде потекнуваат најголемиот број азиланти, која кажува кој е виновникот. Corpus delicti ,браво. ”Врв”на новинарството.

Прво, дали ваквите новинари мислат дека никој во Македонија освен нив не разбира Англиски, или не може да ја најде изјавата на интернет во изворна форма. Секој извештај е 80 % од времето искористен за праќање политички пораки до гледачите. Многу ме интересира зошто овие новинари не се во политиката, како некои кои веќе влегоа во политичките води.Ја погрешиле професијата. Или требало да бидат политичари,или да се занимаваат со најстариот занает на светот. Секако би  биле успешни и во двете бранши, сигурен сум.

И новинарството…се претера…

Добро, секој кој лично ме познава, знае дека може да се каже дека имам “некакво” искуство кога се во прашање медиумите. Искуство кое го имам стекнато  уште на почетокот на плурализмот, и почетокот на приватната иницијатива и независните медиуми. И не само како професионалец во браншата, туку сум се обидел и како инвеститор, односно како косопственик во еден медиум во средината на деведесетите. Значи искуството сум го стекнал во најважните, но и најтешките години за медиумите. Искуство кое ми дозволува да коментирам на ова тема.

Најголем дел од електронските медиуми во Македонија опстојуваат уште од почетокот или средината на деведесетите. Сите, исто како и јас ги поминале детските болести, финансиските проблеми, лошата законска регулатива, нелојалната конкуренција, малиот пазар, публика која во најголем дел не знае што сака, па и политичкиот притисок. Многу од нив преживеаа(за разлика од мене), и како така се уште функционираат.

И тоа е така, најмногу заради сопствениците и нивната умешност да одберат која страна кога да ја подржат. Велат нема вечни пријатели или непријатели,вечен е само интересот. И тој го движи медиумскиот бизнис,само интересот и ништо друго. Па најдобар доказ за тоа е самата програма на медиумите, односно уредувачката политика. Нај профитоабилните медиуми освен информативно-политичка програма и шпанско-турско-индиски серии и немаат ништо друго на програмата. И со цел да се добие што повеќе можност да се додвори на нарачателот, нашите медиуми и новинари пронаоѓаат нови начини за промовирање на “својата” опција или плукање по другата. Со таа цел измислија новинари презентери, наместо поранешните спикери кои само ги читаа вестите. Сега имаме дневник во кој новинарот презентер наместо да презентира вести цело време коментира и ја напаѓа другата страна,  што е сигурен сум единствен случај во Европа. Погледнете само едни вести на BBC  или CNN и ќе ја видите разликата.

Од друга страна пак имате новинари,репортери кои се користат да ја завршат задачата за оцрнување на противникот преку извештаите од некој настан. Е тука е дојдено скоро до перфекција.

Се ангажираат искусни новинари-коментатори кои одат на терен и прават вистинска мала гилотина од настанот за кој известуваат. Имате 2  минути извештај во кој 15 секунди се за самиот настан, а другото време се коментира најцрно што може. Како инаку да се оправда праќањето на искусен новинар да трчкара по прес конференции или други политички настани. Тој најдобро знае како да ја спинува веста во корист  на својот “газда”. Млад, не искусен новинар не може да ја заврши таа задача. Ако се ангажира млад новинар репортер, обично се праќа да известува од настани од црна хроника, Скопска рубрика,  за сообраќајни незгоди, или од некој музички настан. И тие јадните, одвај вчера го завршиле факултетот, не можат да состават две реченици без лапсус или јазични грешки. Не, кој да ангажира лектор, тоа е непотребен трошок. Подобро ќе купиме уште некоја епизода од разни “Волци” или “Лисја”. Да не е трагично би било смешно.

Потоа измислија ТВ колумна. Ете уште еден добар начин да се распали по противникот од сите раположиви орудија. Како инаку да се изведе тоа? Да се направи политичка емисија не е едноставно. Посебно ако противникот те игнорира,па ти мораш постојано да каниш едни исти самонаречени експерти и да си лаете заедно, сами во студиото. Вака, прочитај си ги блувотините за противникот, наплати си и уживај си.

Сето ова е многу провидно и ефтино направено, во нај мала рака навредливо за интелигенцијата на гледачите. Станува парадоксално, но толку многу е присутно по медиумите, што постепено стануваме зависни од таквите “мајстории” на нашите независни и слободни новинари. Едноставно, мазохистички уживаме во нив.

Но најлошо е што сето тоа се прави под плаштот на борба за независност и слобода на медиумите и спас на демократијата, а всушност нај бесрамно се одработува налогот на “газдата”. И заради таа наводна загрозеност се кодоши сопствената држава надвор и нејзините евро-атлански интеграции се доведуваат во опасност, односно се успоруваат.

Зборувањето дека независните медиуми се столб на демократијата, или дека “слободните” медиуми се спас за слободата на граѓаните е чиста демагогија и ништо друго. Затоа што не постои нешто што се нарекува независни медиуми или независно новинарство . Едноставно, сите се на некој начин, помалку или повеќе зависни. Тоа и самите тие го знаат, а и публиката го чуствува секојдневно преку етерот. На крајот, медиумите и сакаат да бидат зависни. Односно сопствениците го сакаат тоа . Многу сакаат да бидат во “врска”. Многу сакаат кога таа зависност ќе ја наплатат,и тоа со огромни суми, или уште поголеми привилегии.

Но проблемот настанува кога таа врска ќе пукне. Од било која причина, едноставно врската се прекинува. Е тогаш медиумот, како заљубена вереница која ја оставил вереникот, се пушта “во промет”, и легнува со кој ќе стигне, само за инат на бившиот.

Проблемот се продлабочува  кога таквите медиуми не сакајки да се декларираат дека се за една или друга опција и отворено да застанат зад неа, глумат неутралност и постојано се повикуваат на некаква загрозеност на независноста или слободата и разни политички притисоци. Се оди до таму што се напаѓаат и загрозуваат и виталните национални интереси, само да се “одработи” агендата на нарачателот. Не само како во народната “Да му умре козата на комшијата”, туку ако може да умре кошијата , па да му земеме се.

За жал, таква е ситуацијата со медиумите кај нас. Го спуштија квалитетот на програмата на најниско можно ниво, и со тоа ги затупуваат гледачите, а од друга страна а се продаваат за политички интерес нај скапо што може. Се продаваат како нај обични проститутки. Се проституираат пред очите на нивните гледачи, кои сигурен сум тоа го забележуваат и нема да им го простат.