Блиски Исток

Дома

Се започна многу порано од 26 Ноември 2009 кога за прв пат полетав кон Блискиот Исток на пат за Кувајт и потоа Авганистан како моја конечна дестинација. На мојата авгантура и претходеа дваесетина месеци аплицирање, непроспиени ноќи и висење по интернет форуми и портли за работа во воена зона и собирање информации како да се добие работа. Тие кои ме познаваат знаат најголем дел од мојата Авганистанска приказна. Тие кои не ме познаваат, можеби еден ден ќе имаат прилика моите мисли, сеќавања и приказни да ги прочитаат во некое печатено издание во вид на збирка раскази. Здравје.

1694. Толку денови поминаа од првиот лет во непознато. Толку ноќи поминаа во најголем дел преспани во шатор полн со граѓани од земји од Третиот свет, преполн со прашина, шкорпии, глувци и пајаци големи колку кутија за кондури и понекоја змија, нормално…отровна, затоа што во Авганистан не постојат не отровни змии. Половина од времето во овие 1694 деноноќија ги поминав во една канцеларија 2х2 со едно биро, две столчиња, една кинеска клима, корејски телевизор со индиски тв канали и јапонски фрижидер. И многу, многу тага и носталгија, по малку работа, многу одговорност,  нервоза, возбуда, онлајн среќни моменти со најблиските и пријателите, во живо несреќни моменти со гранатите и непријателите.

Видов и срушени хеликоптери, уништени тојоти како Хулк да ги згужвал и удрил од земја, пукање околу канцеларија…гранатирање и самоубиства…ранети и заробени талибанци…убиени војници додека играат фудбал…На едно место заградено со зидови од 4 метри,  со големина на едно просечно скопско маало а наречено ФОБ Апачи, видов и среќа и несреќа во количини колку за три просечни и нормални држави. Непосредно работев со дваесетина луѓе од 7 различни нации и уште поразлични карактери. Креирав преку 20 000 документи, испратив преку 13000 мејлови, примив уште повеќе. Заработив една пнеумонија, седа и проретчена коса, болки во кичмата од седење, стрес од алармите, пристојна сума долари на сметка и маки и јадови заради пропуштени мигови на радост и блискост со најмилите. Заработив и пријатели какви никаде и во никакви други животни ситуации и околности просечен човек нема шанси ни да ги сретне.

Дојде време да се заврши мојата Авганистанска авантура. Дојде време да ставам крај на едно поглавје од животот. Никогаш немој да жалиш за нешто што си направил во животот. Треба да ти е жал за нешто што си можел и си требал да го направиш, но не си го сторил тоа. Јас не жалам за ништо што сум направил во овие 1694 денови. Се надевам дека моите најблиски го мислат истото и дека ја разбраа мојата авгантура како неопходен дел од нашите животи. Знам дека е така, и токму заради тоа и заради нивната подршка јас се ова повторно би го направил.

На 18 Јули 2014 година завршува мојот престој во Авганистан. Се враќам дома.

 

Job well done

Ете….” Justice has been done”….како што вели Претседателот Обама. Најголемиот непријател на САД и на мирот Осама Бин Ладен е мртов. Човекот кој стои зад најголемите терористички напади на Американска територија е убиен при обидот на Американските специјални сили да го уапсат во близина на Исламабад, Пакистан. Пакистанските безбедносни сили помогнале со информации,а акцијата ја извеле Американските специјални сили.Целата операција траела 40 минути,и можно е да е убиен и еден од синовите на Бин Ладен, а уапсени се 2 од неговите жени и 4 деца. Job well done.

Безмалку после десет години од нападите на 9 септември 2001, правдата е задоволена. Ал Каеда остана без основачот, финансиерот и лидерот.

Добро…тоа се новинските извештаи, голите  факти. Што би значело ова практично? И што би значело ова за нас,овде во Авгантурава по Американските воени бази во Авганистан.

Прво, интересно…Осама живеел во вила во Исламабад , а не во пештерите во Авганистан. Попусто се плашевме од него…далеку бил. Шегата на страна. Ако е шефот мртов…не значи и дека организацијата е мртва.Секако, ова е голем удар за Ал Каеда, но не и крај.

Американскиот Стејт Департмент ги извести своите граѓани ширум светот дека се можни терористички акции против Американските граѓани. Се очекува одговор на Ал Каеда. Лошо…ова воопшто не е добро за нас овде.Ке видиме, времето ке покаже. Безбедноста е подигната на највисоко ниво.

Друго, веднаш почнаа реакции од колегите. Дали ова значи дека ке привршува ангажманот на Американските и НАТО силите овде? Дали и компаниите кои работат  ке имаат последици. Не. Нема никако да влијае на нашиот ангажман во Авганистан. Компаниите си имаат договори со Министерството за одбрана,и ке си продолжат со работа. Планот за повлекување на ИСАФ од Авганистан започнува во септември оваа година,но ќе трае до 2014. Со голема можност да продолжи и потоа.А LOGCAP IV договорот е до 2017 година.

Секако ова е важен историски настан,но се надевам ништо драматично нема да се случи со нас овде.

п.с.Драмата беше вчера кога Манчестер изгуби од Арсенал. Октај го искрши зидот од собата, а јас уживав. Што им требаше сега да го нервираат човекот пред пат за дома.

R.I.P. Барк

Повеќе од 6-7 години минала овде,во Апачи. Веројатно цел нејзин живот.Така ни пренесоа колегите кои беа подолго овде. Секогаш мирна, секогаш пријателски расположена. Освен кон локалните, Авганистански работници, и тоа оние кои повремено доаѓаат да работат овде. Нив не ги сакаше…постојано лаеше кога ке дојдеа во близина на бензинската каде работиме, а каде што таа живееше. Го штитеше својот дом.

Сите други беа за неа пријатели, посебно ние од бензиска. Пријатели повеке од 14 месеци колку сум овде. И сите колеги кои подоцна доаѓаа ја прифаќаа, а и таа нив. Имаше и други кучиња, доаѓаа и заминуваа. Таа беше постојано тука, дел од тимот, како член на семејството. Секое утро не дочекуваше со мил поглед и весело мафтање на опашот. Секоја вечер ја остававме со колегите од ноќната смена.

Неколку пати лошите луѓе се обидуваа да ја фатат, да ја отстранат од базата. Не разбирам зошто…никому не пречеше. Еднаш  ја фатија , ја однесоа…но таа се врати истата вечер. Не сакаше да го напушти својот дом.

Овој пат за жал успејаа. Не бев присутен, на појадок бев со Октај. Дошле неколкумина, ја нападнале во тесно, кај магацинот зад канцеларијата. Успеале да и стават инекција и да ја однесат. Ја нема од тогаш…веќе четврти ден. Беше стара,  уморна. Веројатно и здодеа да бега, веројатно почуствува дека и се ближи крајот.

Оаа го најдов некаде на интернет, убаво напишано за кучињата и луѓето.

“Грижи се за мене и кога ке остарам, оглувам, ослепам, кога забите ке ми паднат и кога ке бидам неподвижен. И за тебе некој ке се грижи. Староста е иста за сите. Испрати ме на мојот последен пат. Немој да речеш: не можам тоа да го поднесам или тоа нека се случи кога јас не сум присутен. Со тебе се е многу полесно, тоа ти е долг за верноста, за нашата убава младост.”

Мака ми е….многу ми е мака што не бев тука да ја испратам. А за лошите луѓе…се надевам дека нема да имаат ни пријатели ни живот, а ни старост каква имаше Барк. Знам дека таа сега е на подобро место, каде што нема лоши луѓе.