Жерновски

Во Општина Центар секогаш имало вистински естети

Capturezg_wm

Advertisements

Двојна апокалиптична петардијада

Покрај моите маки со змиите и шкорпиите, американскиот џанк фуд од  најортодоксен вид (чикен стекот е како да е измислен во лабораториите на Менгеле), досадните талибанци и нивните ракети, јавните тушеви и пустинската клима, јас до утрово си се тешев дека освен доларите, мојава авганистанска авантура има и уште една позитивна страна. Да бе Мики…овде едноставно нема празници. Барем не наши. Грејт!!!

Но…“Каде за Нова година?”, смеејќи се ме праша утрово, покрај мене единствениот скопјанец во базава, колегата Саше, и (ко нашите сограѓани што им ги растурија фискалните апарати на трговците во потрага по среќа и стан без мака) ми ги растури илузиите дека и оваа година ќе го избегнам најморонското прашање во нашата понова историја (по оној дел од референдумското за право за здружување со останати нации и како ли веќе беше).

Да, ова прашање кое благодарение на нашиот менталитет и всадените дебилни “традиции” за (мотивирано од снобизам и помодарство) славење на уште по дебилни празници, стана по дифолт неизбежен топик  во муабетите кај нас уште од средината на ноември, јас го немав слушнато неколку години. Но ете, благодарение на скопскиот сенс за “дупачка и јадачка” на Саше, јас добив еден добар врел ментален шамар и заеб од кој уште се освестувам. Традиција? Да де, кај нас било традиција да се пее џинглбел за Кристмас и да се слави и лумпува како да нема утре за обичната промена на календарот на 31 Декември. А не било традиција и смешно било кршење погача со паричка за Бадник и славењето на Божик.

20080626_214428_cigarettes-and-

А добро, ако веќе сакате да следите западни трендови, зарем не гледате дека западњаците всушност слават Божик и целиот калабалак е заради Божик а не заради 31 Декември? Дури и маркетиншки измислениот Дедо Мраз подароци дели за католички Божик а не за Нова година. Значи, Американците го слават Божик и целиот потрошувачки хаос и празничниот дух е присутен насекаде заради Божик, а не заради промената на календарот на 31 Декември. Кога во една Америка со околу 72 % христијанско население, 20 % атеисти, агностици и неопределени, и десетина проценти останати религии, целиот декември апсолутно и во сите области на животот е посветен на Божик, тогаш зошто и во Македонија со 69% Православно христијанско население не го правиме истото? Да, зошто? Треба ли да се срамиме од нашата вера? Па затоа Божик го заменивме со Нова година? Треба ли да прашаме за дозвола за да си ги почитуваме светците и празниците? Не, туку треба да направиме празнична, но Божикна атмосфера на крајот на декември и почетокот на јануари. А никако новогодишна. Дури и не е ни битно дали црквата ќе остане на стариот календар или можеби ќе го прифати новиот, па и ние како Православни христијани (како и Романците и Грците) ќе го славиме Божик на 25 Декември.

Првиот чекор треба да го направат медиумите и да прекинат со моронштината  со која подгреваат атмосфера на Кристмас и Нова година, и да прекинат да дозволуваат наивни и недоквакани деца да се занесуваат дека се новинари и да трујат по медиумите со некаква “новогодишна атмосфера” “најлудата ноќ” или “новогодишните празници”. И секој треба да го даде својот придонес. Ако сте верници, учете ги своите деца на вистински вредности на вашата вера. Ако не сте, почитувајте ги оние кои се. Сигурен сум дека сите останати сограѓани, сеедно на која религија и припаѓаат или се можеби атеисти, ќе ги почитуваат вашите религиозни чувства. Впрочем, и вие го правите истото за Бајрам, Кристмас или било кој друг празник.  Изгледа здраво ќе треба да се помачиме да си ги вратиме изворните или да ги изградиме новите вистински традиции. Но секако дека вреди. Нејсе.

Постојано ме прашуваат како е во Авганистан. Пријателите и роднините се интересираат има ли пукање, гранатирање, колку е опасно и како успеваш да издржиш. Мики, па сум огуглал, како. Да бе, па јас сум од Скопје, одговарам јас. Ехееее…сум бил на една прослава на Нова година на плоштад. Такво пукање и гранатирање како во Скопје за пречек на Нова година нема ни во Авганистан. Замисли еднаш со жена ми кога беше бремена бевме на плоштад за Нова година.“Ајде да прошетаме малку на воздух, плус има музика, луѓе…”…рече жена ми. Ме кандиса. Не се смеј…тогаш уште имаше воздух во Скопје. А и луѓе се наоѓаа, чат пат. Потоа моравме да бараме стручна помош за да се справиме со ПТСОДНГПС (пост трауматски стрес од дочек на Нова година на плоштад во Скопје) за трудници. Да…можеш да претпоставиш како ми било и колку сум се напатил со трудница дома која е дополнително трауматизирана од пречек на плоштад. Плус зовриените хормони…

Добив информација дека Талибанците (оргиналните де, не оние кои живеат во главата на АНАЛитико од кои не може да спие јадникот) побарале да им се дозволи да пратат свој претставник годинава да присуствува на оваа тактичко-показна здружена борбена вежба која ќе се случува во Скопје. Да стекнат нови знаења и искуство. Посебно се заинтересирале кога ја слушнале најновата вест. Ќе има две прослави за пречек на Нова година во центарот на Скопје.  Охоохоо…па ова има да биде како реплика на битките на Гвадалканал и Курск заедно со Д денот во Нормадија. Кој ќе преживее ќе раскажува. Замисли ја нормалната апокалиптична петардијада во Скопје само помножена со два.

Ќе имаме две Нови години? Што убаво , ќе речат некои, а други…малку ли беше ”Каде за Нова година” па сега “А каде за втората”. Плус, немојте да ја заборавате третата…Старата Нова година, што е уште поголема моронштина и од плачењето и молбите на вонаби дисидентот Саше АНАЛитико за доброволен прилог за обнова на неговиот мебел ( затоа што не верувам дека може да собере доволно за да ги исплати сите псовки и клеветењата кои постојано ги вади од ракав) . Добро де, ќе имаме две прослави за дочек на промената на календарот. Да, дочек на 1 Јануари, кој божем нема да дојде ако ние лицнати во светликави одела или цели во шљокици и на туфници запотени од блискоисточно-српско-босански турбофолк ритмови не локаме и ждереме по кафаните како провинциски партиски комесар кога слави парламентарна победа на вонредни избори. Да, ќе имаме две прослави на плоштад како дополнување на пречекот на Новата  година, нашата најидиотска “традиција” после второмајска скара на пољанче со обавезниот дожд од ведро небо, маратонското четиричасовно стискање бешика во Универзална наречено Златна Бубамара, снимањето на првото родено бебе во новата година  во скопските клиники и локањето греана ракија покрај маалските пагански ивенти за уништување дрва за Бадник.

Општина Центар и Жерновски со одлуката за организирање на втор новогодишен пречек на локација на само две кошаркарски игралишта од првиот, уште еднаш ни покажа дека инатот е најголем мотиватор на Македоците и дека во Македонија и покрај навидум непремостивите политички разлики и очи вадење по социјалните мрежи, само две кошаркарски игралишта се доволни за да ги одвојат најголемите политички противници. Изгледа не сме толку многу дистанцирани  и настрвени едни на  други како што ни се чини? Има ли  надеж? Ако не се бомбардираат едни со другите со најголемите пиратки или светлечки ракети и ако не си ги бушат едни на други басовите на озвучувањето, тогаш да.