Зоран Заев

Филе порача, па ти сеа види

Шокантно, сензационално, ексклузивно, драматично и скандалозно се термините кои се најупотребувани кај нашите интернетњуз и забавни портали. Кога ќе погледнеш подобро, навистина е шокантно колку дрматично се обидуваат да бидат ексклузивни и сензационални, а тие евидентементе, да не речам очигледно се скандалозно досадни и евтини. Добро…сепак во зависност од сезоната, нашиот виртуелен свет е бомбардиран и со поимите како на пример крстот, експерт, заклал, бојкот, Станија, името, убил, антиквизација, слобода, македонски Ерусалим, соросоиди, комшиката, предавник, Филе, барок, цицки, екстерно, тиранија, бадник, Парламент, участакот,криза, препорака и слично.

Очигледно сега се наоѓаме во предсезоната на “Препорака” шампионатот, кој обично секоја година се игра во периодот септември-октомври. Еден вид македонски хангер гејмс на денешницата. Кондициските подготовки се во завршна фаза и веќе почнаа и тренинг натпреварите. На таков тренинг меч во Брисел деновиве беа повикани главните играчи на опозицијата. По одиграната симултанка и презентацијата на тактичката и физичка подготвеност на опозицијата, врховниот лидер и семоќниот интергалактички комесар и судија Штефан Филе подготви писмо кое за нас е со епско значење еднакво на Светиот Грал. Ферманот содржи насоки за понатамошни активности на главните тимови а се со цел да се постигне оптималната форма за круцијалниот период кој следи во сезоната на “Препораката”.

you-are-being-monitored-sign

И како што сите знеме ама не сите сакаме, овој процес на “препоракизација” треба да не искачи на еден повисок стадиум на човековото постоење каде стануваме посебни луѓе, т.н. европјани, горди граѓани на ЕУ. Да…тоа е таа истата ЕУ каде некни граѓаните најдемократски можно си гласаа и  во повеќе земји членки си изгласаа свои пратеници во ЕУ институциите. И тоа не обични пратеници, туку народни избраници кои се многу посветени на традицијата и застапуваат една стара идеја на една стара европска партија која многу сакаше да гради “работни“ логори по Европа и чие мото беше “Работата ќе те ослободи“. Ете великиот комесар несебично подава рака и сака да ни помогне да станеме дел од таа ЕУ.А нашите политички елити се испотепаа како пратеници во тајвански парламент за да ја прифатат подадената рака.

Нашите медиуми и јавноста, а посебно вечно загрижените експерти за препораки и првиот стадиум на остеопороза на желките од Галапагос се возбудија како турбофолкер кој дознал дека е одложен долго очекуваниот концерт на Аца Лукас и се збунија како кумановец на аеродром во Дубаи. Што по ѓаволите сакаше да каже комесарот свевишен? Преведувачи и толкувачи станаа барана роба на ниво на одговорите на прашањата од годинешново екстерно. Се бараше врвен квалитет, преведувачите скоро да мораа да исполнат олимписка норма во десетобој и полуфинале во “Кој сака да биде милионер“. Квалификантите мора да минат низ доплнителни проверките на резултатите на ТОЕФЛ тестовите по англиски. Се бараа под дрво и под камен деца од мешани македонско-англиски бракови со перфектно познавање и на англискиот и на македонскиот јазик за да се добие 100 % точен превод на ферманот.

Но…попусто. Превод добивме сите…точен од збор до збор. Но, кога го читаш преводот на ферманот на Бихачка б.б. до воздухот ли е, до водата ли е, или е до близината на МВР не знам,  ама некако се чини поразличен, со посебна внатреша енергија, метафизички пораки  и поинаква смисла. Зборовите се чинат накако длабоко симболички, скоро ко на Саше АНАЛитико пцовките а сепак едноставни и јасни, чиниш ко текстовите на Суперхикс. Од друга страна, кога го читаш преводот на Илинденска зборовте во ферманот од Филе се прво директни, јасни, едноставни и искрени како надградбата на “Програмата во сто чекори“ и “Отчетот” пред изборите, а сепак полни со симболика и скриени пријателски пораки исто како извештај на “Репортери без граници”.

По ѓаволите и морските длабочини, што сакаше да каже паневропскиот комесар над комесарите, великиот Филе? Мораше ли да е толку комплицирано? А да не е некаков тест во прашање?  Животот им се загорчи на партиските независни аналитичари, а богами и на министрите и министерствата за интеграции и агенцијата за дешифрирање чудни пораки. Граматичарите ги мереа буквите, запирките, а познавачите на синтаксата на англискиот и македонскиот јазик станаа поважни и од финансиерите на партијата и телохранителите на шефот заедно. Ферманот стана Каменот од Розета на нашата епоха. Некои експерти предложија целиот ферман да се изгравира во мермер и да се постави на Кале како споменик од денешницата за идните генерации. “Филе порача” е името кое само се наметнува.

Кога ќе размислиш малку, делува како великиот Филе намерно да ни пратил загатка, комлициран и заплеткан ко на Индијана Џонс и Николас Кејџ мапите, тест на нашата способност за анализа и детекција. На некој начин да ни помогне да развиеме иновативен дух и начин на размислување кај нашите политичари. Ех да непукнеш Филе мајсторе, комесару наш вечен ко нашата желба за ЕУ интеграции и најсакан ко нашата НАТО светла иднина…знаев дека не сакаш и секогаш арно ни правиш. Но, Филе не би бил лидер, генијален, строг а сепак правичен  како што е  ако во исто време со директивата не ни испрати и тактички генијално осмислен план за подигање на моралот и среќата на нацијата.

Па да. Мораш да бидеш целосно проевропски посветен на светлата наша интегративна иднина за да можеш да го перцепираш планот. Но кога ќе осознаеш и кога планот на Филе ќе те просветли, потоа животот станува вистинска бајка. Директивата е намерно напишана со супер избалансиран дипломатски речник и со скриени помирувачки тонови за да се овозможи и двете страни да извлечат победничка поента. Сите сме победници. Опозицијата е воодушевена. Филе нас не сака а оние другите ги кара. И обратно. Тактиката на комесарот е генијална. Вин-вин-вин ситуација.

Само, со сиот ризик да бидам прогласен за Јуда или да ме осудат како супер еретик број еден на Универзумот и пошироката околина и неверниот Тома на сегашноста и иднината, јас морам да забележам дека генијалниот план на комесарот баш и не функционира според сценариото. Кај нас не поминува. Нашите лидери, нивните апологети и независните медиуми како креатори на политичките платформи на партиите никако не успеваат докрај да го разберат планот, слабо тумачат скриена симболика и отворена подршка на избори и скоро да си извадија очи едни на други. Затоа во име на збунетите а жедни за интеграции и напредок јас ја праќам пораката до комесарот над комесарите. Се моли Филе следниот пат кога ќе ни праќа пресвета и многу почитувана и славена порака, да користи уште покомплициран речник и пораката да му биде уште “поурамнотежена и избалансирана”. Заради последнава се уште се мачиме и никако не успеваме да се испотепаме меѓу себе карајќи се кој победил. Можеби следната порака ќе биде таа која ќе не закрви до крај и неповратно. Така белки побрзо ќе не бендисаат по Европскиве соединети држави.

 

Барањата на СДСМ за нови фер избори

Македонија е на крстопат. “Неделата на срамот” на 27 Април мина токму според предвидувањата на раководството на СДСМ на чело со визионерот Зоран Заев и загрижените за демократијата новинари на чело со медиумскиот могул и гениј на агитпропот, “новинарскиот Роналдо” Бранко Героски-Бојкот. Се мина според предвидувањата освен минорниот превид (за некои критизери наводно многу голем кикс) со синхронзацијата на часовникот на Заев, па наместо во 19.01, тој задоцни и своето историско обраќање “Не признавам” го упати во 19.03 часот. Но, тајмингот е од есенцијално значење за Македонија и за неколку денови следува Конгрес на партијата и секако дека на панел дискусијата и низ телата на партијата  ќе се утврдува одговорноста за овој превид. Зоран Заев ќе мора да ја докаже својата невиност за овој немил настан.

Некои злонамерни и необјективни критичари забележаа дека големиот лидер прво во “неделата на срамот” објави дека СДСМ не ги признава изборните резултати, а дури по неколку дена органите на партијата заседаваа и демократски донесоа едногласна одлука да не се признаат изборните резултати (исто му се фаќа) и пратеничките мандати со индигнација да се одбијат. Апсолутно не битен детал во високо демократскиот амбиент во кој функционира државотворната партија. СДСМ е на еден повисок степен на демократско одлучување од останатите партии и лидерот е телепатски поврзан со членовите на Централниот одбор и знаеше какви се нивните ставови по ова прашање. Уште еден доказ дека СДСМ е партија на иднината.

funny-dog-pictures-now-panic

СДСМ не ги признава резултатите од изборите во “Неделата на срамот” и бара рамноправни услови и демократски амбиент за остварување на намерата конечно да дојде на власт и со тоа да им се оддолжи на:

– членовите на СДСМ – кои се изначекаа и очекуваат победа и награда , согласно со антологиската изјава на лидерот Заев…”…да им кажете дека Заев беше  и рече дека ќе ги бркаме, ќе ги избркаме од работа и тоа да го знаат…” или парафразирано…”ќе бркаме се живо, од министер до портир и наши луѓе ќе вработуваме”

– Канибалите – кои се комплетно изгладнети и очекуваат победа, согласно со гурманската изјава на Заев…”…кога ќе дојдеме на власт живи луѓе ќе јадеме…”

-киропрактичарите, масажерите и ортопедите – кои очекуваат зголемен обем на работа по победата на СДСМ, согласно со изјавата на Заев за потребата од “свиткување на кичмата”

– независните новинари – кои се изначекаа и исцедија што дури и фикусите во независните “човек- порталче” редакции почнаа да им венат а и средствата за кафе и дневни трошоци одамна им се потрошија па мораат да брцнат в џеб (плус млекото денес е многу скапо-хинт АНАЛитико)

Од извори блиски до главниот принтер на Бихаќка успеавме да дојдеме до драфт верзијата на акциониот план и барањата на СДСМ за решавање на кризата настаната со “системската кражба” и “купените гласови” во “Неделата на срамот”.

Изборите минаа во не фер амбиент и системска кражба на гласовите со купување на гласачите. Бараме нови избори со мерки за обезбедување фер амбиент за гласање

  1. СДСМ бара Владата да не ги објавува новите странски инвестиции и отворањето на фабрики да остане во строга тајност. Новите вработени во овие странски инвестиции да не смеат никому да кажуваат дека се вработиле, а  и дома на жените никако да не им кажуваат дека одат на работа . Можат да кажат дека одат по риба со другар од средно. Новите кандидати за работа ако се интересираат за новите фабрики нека користат компјутер и преку Гугл Рт нека ја проверуват територијата на Македонија за евентуално нови фабрики. Оние кои ја немаат оваа можност  нека гледаат во гравчиња или на кафе каде се отворила фабрика, или со точак нека шпартаат по Бунарџик и другите зони.
  1. Гласачите кои добиваат субвенции никако да не ја шират таа вест по комшиите и со тоа да шират дезинформации  кај населението. Добивањето субвенции е лажен оптимизам и не е баш добра вест не само затоа што комшиите ќе им завидуваат и ќе им мочаат во парцелата со марули, туку и роднините од четврто колено ќе им бараат позајмица. Можат евентулно да кажат дека добиле на спортска некни кога ја фатија Барса “кец у два”
  1. Зголемувањата на пензиите никако да се објавуваат јавно, а  ако мора да се објават, да биде сторено по 21.00 односно во време кога пензионерите спијат.
  1. Да им се забрани гласање на сите кои ги лајкнале фејсбук страните на Јанко и Миленко, а посебно на оние гласачи кои лајкнале коментари или постови на истите, и за кои се утврди дека на своите фејсбук профили имаат повеќе од една фотографија со споменици од Скопје 2014 или знамето од Кутлеш.
  1. На Ивица Боцевски да му се дозволи во предизборниот период гостување на само 4 телевизии дневно и 2 изјави за онлајн портал, а за време на кампањата ова да се намали за 50%.
  1. Во кампањата да се забрани употреба на зборот проекти и било која цифра поголема од 100, а секоја употреба на зборот отчет по автоматизам да носи 100 гласа за СДСМ.
  1.  Преку колумна јавно дадениот глас за СДСМ од Александар Поповски да се важи за 100 гласа.
  1. Како одговор на предходната колумна, јавно дадениот глас за ВМРО ДПМНЕ на Тони Михајловски да се брои за  минус  10 000 гласа.
  1. Твитер заедницата во Македонија да биде прогласена за паралелен универзум и да им се дозволи таму да си изгласаат свои пратеници во виртуелниот Парламент.
  2.  На НВО Цивил да му се обезбедат средства од буџетот за да може во периодот на кампањата и на денот на гласањето да ангажира сервисери на лифтови во Капиштец и Центар. Сите лифтови мора да работат.
  3. Сите про опозициски портали да добијат рекламни банери од опозициска партија кои ќе бидат платени од специјален државен фонд и тоа по прогресивна стапка и цена на просторот. Правопропорционално, за повеќе навредливи текстови и неаргументирни обвинувања за власта сумата за маркетингот да биде поголема.
  4. Бранко Героски да биде шеф на ДИК-от

Со исполнувањто на овие услови СДСМ ќе прифати учество на нови избори на кои граѓаните слободно и демократски и во фер амбиент ќе можат да гласаат за СДСМ. Други кандидати и не мора да има.

Како слон во продавница за порцелан

Пустата желба за власт на шака пропаднати и безидејни,со еластична кичма и полтички импотентни луѓе од левицата и нивните апологети од новинарската фела не значи дека фактичката состојба во државата е очајна и дека ете, од “Бога дадените” мора да ја преземат власта и да не “спасат”. И тоа не со преземање на власт преку битка на идеи и понуда на решенија и квалитетни луѓе, преку демократски процес и на избори, туку со бунт, бојкот на институциите и демократските процеси или со помош на странска интервенција.

Се работи за лична перцепција на група новинари и квази елитисти од левицата дека кај нас нема демократија и слободи или заостануваме во реформите. Значи, господата сакаат да ни кажат дека пола милион луѓе кои во неколку изборни циклуси ја подржуваат владеачката десница се глупави што гледаат со свои очи напредок и во реформите на системот и приближување кон ЕУ кој патем е нотиран во 4-5 извештаи од ЕУ, и во економските показатели кои исто така се нотирани во извештаите на ЕУ, Светска Банка и останатите релевантни институции. А ние замисли да сме ти живееле во “фашизам со талибанско маоистички методи на тиранија зачинети со сталинизам”. Гласачите биле или под притисок или поткупени. Функционалната држава, странските инвестиции и вработувањето, субвенциите за земјоделците, зголемувањето на платите, зголемување на пензиите и социјалната помош, финасиска помош за младите за започнување бизнис и со тоа отворањенови работни места за овие луѓе било поткуп на гласачите. Не. Затоа што истите мерки се применуваат и во ЕУ. Не, затоа што овие мерки се само нормално функционирање на државата, нешто што овие луѓе никако не можат да го разберат и прифатат.

Capturegen

И не само тоа. Истите тие, една шака опседнати со власт и моќ новинарски лешинари одат до таму да отворено ја повикуваат опозицијата на бојкот и напуштање на институциите на системот и со тоа да предизвика парламентарна криза. Парламентот за нив не постоел. Други пак експерти (за пубертетот на поларните мечки) не советуваат дека морало нешто да преземеме затоа што само кај нас од целиот регион сеуште не бил запален Парламентот. Директен повик на насилство. Отворено ја негираат вољата на безмалку половина милион гласачи и изборите ги нарекуваат “кражба и кланица”. Истите избори кои во првиот круг според меѓународнната заедница и набљудувачите минаа во најдобар ред, беа фер и демократски и гласачите слободно можеа да ја изразат својата воља. Се обидувам да бидам толерантен, да имам разбирање за секоја индивидуа и различните политички гледишта или ставови спротивни на моите. Но ваквите повикувања и хушкања на методи кои можат само на сите да ни наштетат и да предизвикаат голема политичка и безбедносна криза едноставно не можам да ги разберам и да ги прифатам.

Не, не ми е мака заради 320 илјади гласови за опозицијата. Опзицијата и треба да има гласови и подржувачи. Силна опозиција само може да ни користи на сите нас, вклучувајќи ја и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Мака ми е само кога гледам дека има луѓе кои кликнале лајк и читаат порталина новинарикои директно повикуваат на политички потези кои нам како држава можат само да ни наштетат а на оние кои не не признаваат како македонска нација и држава само да им користат. Мачно ми е да гледам како на тие портали и медиуми народот кој има спротивно мислење, гласачите кои поинаку ја поимаат реалноста и секојдневието, постојано се жигосувани и навредувани.

Новинар кој пишува 20 години и кој е искусен треба да е мудар и да застане и да се освести дека никако нема да помогне да се срушат “талибанците ” со тоа што ги навредува обичните граѓани, гласачите. Тие исти граѓани утре зад параванот кога ќе треба да гласаат секако дека ќе се сетат дека некој новинар или “експерт”кој ја подржува СДСМ ги нарекувал “небањати”, “неписмена багра” или “антички сељаци” и “кучиња вмровски” или на Фејсбук им порачал “ви го начукавме шупци едни”. Па добро, кој тоа ја дели нацијата и ги закрвува комшиите а пријателите ги хушка едни против други?

И после вакви “мајстории” на “новинарските легенди” на нашата медиумска сцена, што друго да се каже? Со кого насекаде по социјалните мрежи и по интернет и во реалниот живот ние дискутитраме? Со кого разменуваме аргументи и браниме политички ставови? Овие луѓе се катастрофа за македонскиот медиумски простор. Катастрофа за Македонија. Невоспитани и арогантни, нетолерантни и без демократски капацитет да се прифати дека некој има спротивен став од нивниот. Да се прифати дека некој друг понудил подобра опција, програма и решенија кои на гласачите им нудат подобра иднина. Да прифатат дека мнозинството од гласачите подржува некоја друга опција а не нивната. И јас сега како гласач треба да го купам нивниот весник или да го отворам нивниот портал и да се информирам за политичката платформа на опозицијата, и утре да гласам за неа?

Здравиот разум и основната политичка писменост вели дека за Заев е подобро да излезе со соопштение дека се оградува и им се заблагодарува на вакви креатури да ги промовираат и бранат ставовите на СДСМ и со тоа веднаш ќе добие 20 % повеќе гласови. Но Заев ги демантира здравиот разум и политичките норми и повторно си пука во колено. Со однесувањето како “слон во продавница за порцелан” и најавата дека ако неговата партија не победи на изборите на 27 Април ќе повика на “улична демократија” која по дифолт значи и можни насилства, Заев само потврди дека е целосно политички неписмен, комплетно залутан во политиката и дека станува опасен за опстанокот на СДСМ како партија, но и за стабилноста на држават и мирот на граѓаните.

Има една работа која ја забораваат и Заев и неговите медиумски апологети. И покрај тоа што тие мислат дека народот е глупав и секогаш кога не гласа за нивната опција дека греши, се лажат. Со толку посветеност и жар се обидуваат да не убедат дека црното е бело и дека народот е мутав и заблуден, што не можат да видат дека го прават спротивното. Од својата суета и занесеност дека му прават услуга на “глупавиот и неписмен” народ и дека само тие можат да му ги отворат очите не можат да видат дека одамна се прочитани, и дека со нивните активности само предизвикуваат револт кај граѓаните и сосема спротивен ефект. Оружјето во вид на пенкало и гласачко ливче е кај гласачите. Одговорот следи.