маалски живот

Кошот

“You only live once, but if you do it right, once is enough.”

– Mae West

 

Сала Градски Парк. Сабота. Една сабота. Не можам точно да се сетам на годината. Убеден сум дека е  во прашање некаде 1981-82. Јас средношколец, веројатно прва година, можеби втора. Луди и незаборавни тинејџерски години. Со моите другари од основно, целата прва петорка од школскиот кошаркарски тим, сите бевме примени во Работнички. Нашиот сон се оствари, да тренираме со кадетите на легендарниот клуб од Градски Парк. Во тоа време Александар Књазев беше тренер на кадетите. Живеевме за кошарка. Игравме кошарка ко да нема утре…по цел ден. Трениравме и во салата во парк, и во школски кај нас, во Лисиче. На нашиот кош. Секогаш кога ќе начекавме дека нема никој од постарите. Тоа ретко се случуваше, ама ние бевме упорни. Гледавме кошарка секогаш и секаде. Во салата Градски Парк бевме на секој наш тренинг и секој викенд кога играше Работнички.

Таа сабота ја запаметив. Иако сосема обична сабота и обичен меч. На загревање ги гледав Среќко Јариќ и Мацура. Во то време играчишта. Скоро од калибар на Буштур, Далипагиќ, Мирза и Славниќ. Ја запамтив таа сабота не по кошарката, не по резултатот. Ја запамтив по еден гостински кошаркар. Дечко, од прилика на моја возраст, можеби година-две постар од мене,но сеуште тинејџер. Oнака слабичок, “пуцвал”, не премногу висок. Дресот ко да не беше за него, му висеше од страните. Исто  како на мене мојот, плавата кошаркарска Адидас десетка што ја добив од брат ми.

Шутираше лудо, неверојатно прецизно. Шутираше како да нема утре. Шутираше ко да е тоа наједноставната и најлесна работа на светот. Изгледаше како шутирањето, кошрката и потезите кои ги правеше, како се тоа за него да беше најнормална работа, инстинктиво, рефлексно како кога дишеш. Кога го гледав него, изгледаше како да нема ништо полесно на светов од играње  кошарка. Јас бев импресиониран, збунет, одушевен, среќен. Да, среќен. Како е можно некој толку млад, а веќе да биде во првиот тим и да е толку добар. Дечкото остана последен на загревањето, да дошутира. Шутна неколку пати и по крајот на мечот.  Како да не сакаше да остане должен уште некој потег, уште еден кош. Работнички изгуби. Од Шибенка. Подоцна разбрав. Младиот, со кадрава коса шеснаесет годишен кошаркар на гостите се викаше Дражен Петровиќ. Човекот кој ја напиша кошаркарската историја. Човекот кој влезе во НБА  и ФИБА Хал оф фејм. Хрватите му направија споменик. Легенда уште додека беше жив.

969128_10200501284309003_1868282330_n

Се сетив на ова пред некој ден. Кога се вратив дома после шест месеци, а мојот петнаесетгодишен син со огромна страст и жар кои на времето ги имавме сите ние во маалото, страст која се гледаше во секој потег, во секој шут на еден вистински вљубеник во кошарката како легендата Дражен уште како тинејџер, ме праша …”кога ќе свртиме еден баскет…да видиш колку сум добар…”.  Во моето старо маало е школото и школскиот двор со игралиште за кошарка и ракомет. Тука израснав, тука ги учев сите детски игри, тука ги раскрварував колената учејки да возам точак. Тука учев да шутирам и да дриблам , тука игравме џамлии. Тука беше најважното. Тука беше кошот. Во Лисиче, во школски двор, кош од типот “направи сам”. Рачно направена дрвена табла со неправилен обрач, закачени на една топола во школскиот двор. Првиот наш кош на кој учевме да играме кошрка, за да бидеме исти ко Славниќ, Далипагиѓ, Делибашиќ, Ќосиќ, Буштур.

 Едно време, ни здосади постојано да сечеме гранки од тополата кои ни пречеа, па постарите од маало се организираа. Не знам точно каде, ама најдоа некаде во Момин Поток во некој магацин голем железен столб/цевка тешка ко слон. Потоа се зборуваше по Лисиче дека од некој воен магацин го дрпнале, ама изгледа тоа само оние  од комшисконо маало ширеа инсинуации. Нормално без докази. Нејсе… дечкиве од мое мало бандерата на раце ја донесоа во школски  кај нас во Лисиче. Јас како помал учествував во тимот задолжен за ладна вода и зрели цреши од кај комшиите. Плус малку копав на дадената локација за поставување на кошот.

Операцијата беше успешна. Го исправивме столбот, го закопавме еден метар во земја, таблата беше за тоа време стејт оф ди арт, обрачот и мрежата за прв пат во Лисиче оргинални. Прајслес…Добивме кош во маало, во школски. Кош каков во тоа време не беше виден на далеку. Сами го направивме. А баскет играа луѓе  дури и од други населби. Ех, каков баскет се играше таму. Какви само таленти се раѓаа. Се чекаше за “бољи пар”, три на три, со саати. Се носеше закуска од дома, сендвичи и сокови и стрпливо се чекаше да дојдеш на ред. И така со години. Од далечната 1978 па наваму.

На последниот одмор дома, пред 6 месеци, изиграв 2-3 баскета со Дино. Еден на еден. Нормално дека ме растури. Талентиран е, брз, шутира, скока, трча, живее за кошарка. А има само 15 години. Игравме на истото игралиште, во школскиот двор, кај мене во маало. Кошот е сеуште таму. Столбот е истиот. Стариот столб кој цело маало го носеше на раце  преку пола Скопје. На истото место, каде што и јас копав дупка за него. Десетина табли и обрачи се сменети на него низ овие 35 години. Столбот уште стои гордо исправен. Како споменик, ко нем сведок на цела низа  генерации  кои под него учеа лисички маалски баскет и лекции од единствената и никогаш ненадмината школа наречена живот.

Не…не игравме на истиот кош. Јас и Дино игравме на новите кошеви, подобри, помодерни, тука, на истото игралиште. Тие беа празни. На стариот легендарен лисички кош имаше некои нови деца. Сеуште сите таму сакаат да играат. Помислив дека можеби и ним нивните татковците им раскажувале за кошот. А можеби само ја сум ваква сентиментална будала. На стариот кош и денес, по 35 години уште се чека ред, а мене деновите и саатите ми  беа броени. Не можев да чекам. Многу сакам, искрено се надевам дека и тие деца, и Дино еден ден ќе имаат на кого да му ја раскажат приказната за кошот, а тој уште ќе стои на истото место. А можеби е најдобро ако секоја генерација има некаков свој “кош” и своја приказна. Кој ќе знае. А јас деновиве ќе свртам еден баскет со син ми. На стариот маалски кош.

Advertisements

Шопинг

И така додека ние со нашите комшии и пријатели се расправаме кој поголема штета или корист му нанел на македонскиот народ, Тито или Цар Душан,  и дали опасно заразниот комунизам од споменикот на Тито зрачи и влегува во нас низ се па дури и низ маиците со апликација на сонцето од Кутлеш, и додека србијанството од  споменикот на Душан страшно,  злобно и невидливо ама сигурно се шири и всадува во земјата та дури и преку Вардар, накај Чаир, забележаувам дека “трулиот капиталистички” запад се занимава со некои многу по прозаични и секојдневни теми.

Што шопинг? Аха…да, Амазон и летачкиот дрон што ќе ги испорачувал сите нарачки за 30 минути. Ехееее…каде бе мики. Па како тоа  Амазон сега излегува со ваква “генијална” идеја за полесен, побрз и по практичен шопинг? Па ние сега можеме да го тужиме за многу пари. Авторизација да платат, па како? Ееее…од кога го практикувавме ние ваквиот, па и посовршен начин на достава при купување. Па како каде? Во секое скопско маало. Па колку само  сме биле ние прогресивни и пред времето. Да бе мики. Истото ова со дронот.

Во принцип се работи за иста работа, само нијансите се различни, и името не е исто. Нашиот не се викаше ДРОН, туку имаше неколку имиња, кои имаа исто значење. Некаде беше нарекуван МАЛИ, во некои маала го викаа ДЕТЕ, додека најортодоксните скопјаништа го нарекуваа КОПИЉ. Функцијата му беше иста, посакуваните артикли од најблискиот маалски стор “Жане комерц” или “Центро”да стигнат до негово височество, маалскиот кингпин и бос кој пали и гаси, човекот кој одобрува фер тепачки еден на еден позади трафика и суди на истите или потврдува право на дипс на женската  од Тафталиџе која е дојдена на гости кај Саше од позади школо. Како функционира?

21

Па вака некако. Амазон нивниот дрон го праќа по воздушна линија да ги испорачува вашите нарачки до вашиот дом. Нашиот систем работеше многу посовршено, многу поевтино (постои можност за фри шипинг) и практично без ризик да не ја достави робата или да закасни. Еве неколку од најдобрите карактеристики на двата система.

Амазон ДРОН:

  1. Никогаш нема да ти побара гриз од сендвичот или голтка од коктата кои ги испорачува
  2. Никогаш нема по пат да застане на еден жетон на флиперите кај Карпа
  3. Никогаш нема да те опцуе кога ќе му мавнеш ластик зошто место бурек со месо ти донел баничка со сирење.

Маалско ДЕТЕ, МАЛИ, КОПИЉ:

  1. Секогаш знае каде точно си во моментот на достава и со најголема прецизност го наоѓа најкусиот пат до тебе, дури и да си на кафе кај Јасна или на партија бељот кај Јоцо во гаража.
  2. Никогаш нема батериите да му откажат или некој од маалските бандити да го собори со мрежа или камен и да го ограби.
  3. Секогаш можеш многу лесно по системот “клоца у г`з” да го вратиш да ја замени пратката без никаква надокнада или финансиски трошок.
  4. Нема потреба од пристап до интернет или компјутер. Се активира со едноставна усна наредба:
  • “КОПИЉ, трк да ми земеш една Дрина без филтер, ама сараевска”
  • “МАЛИ ај рипни да ми купиш четврт со месо и пола литро јогурт”
  • “ДЕТЕ, дојди да ти дадам пари да ми земеш београдски Спорт и две зидарски Скопски, глеј да бидат зелени флаши”
  1. По желба, побрзата испораката се мотивира со додатни инструкции изречени строго и со остар  поглед
  • “КОПИЉ, трк и немој да те сањам”
  • “ДЕТЕ, ја да те мислам дека идеш натака, а ти да се враќаш”

Од погоре изнесеното јасно е видливо дека нашиот маалски  КОПИЉ систем беше многу подобар и поефтин од амазонскиот ДРОН систем. И супер беше додека траеше, се додека не се појавија некои досадни луѓе кои тврдеа дека се работи за злоупотреба на детскиот труд и децата и почнаа да спомнуваат некакви човекови права. Разбрав дека овој систем е скоро комплетно исфрлен од употреба по скопските маала, најмногу заради тоа што ДЕТЕ или КОПИЉ во денешно време е тешко да се најде и ако има по некое, главно одбиваат да учествуваат во оваа традиционална маалска активност заради отсуство на чуството “почит кон маалскиот фраер”

Што дали сакам? Шопинг? Кој? Јас? Не дека сум многу голем фан на шопинг, но би издржал ако се мора. Не сакам да делувам локал патриотски, ама како скопјаничиште нормално дека го преферирам скопскиот шопинг, кој заради спецификите на Скопје и скопјаните е можеби по малку и необичен и неразбирлив за луѓето од страна.

Не дека на пример и охридскиот шопинг не е добар. Не викам не. Охриѓаните се надалеку познати по услужноста и љубезноста. Како на пример, кога некаде во Охрид ќе подзастанеш набрзинка да си купиш бурек, а продавачката отечена во прекрасните “ко водана кај биљанини” зелени  очи и не наспана и исцедена  од вчерашната журка во Кадмо нај љубезно ќе ти рече “…држ…” дур ти ги враќа парите да одиш да раситниш кај комшикана. Таа би отишла, ама не збори со неа зошто се скарале кога оваа почнала да зборува за неа дека сакала дечкото (оној де…од Швајцарија што доаѓа секое лето) да и го украде. Наводно ја виделе како 5-6 пати излегува во 3 по полноќ од кај него целата разбушавена. А не е вистина… Прво само двапати било, и тоа не во 3, туку после 5.  И не била разбушавена, мори сељанко една непрошетана…туку таква е новата фризура што е ин по сите светски модни кругови.

Ти секако ќе сакаш да и учиниш и да излезеш џентлмен. Посебно зошто ја примети пред некој ден во Градиште на третана како елегантно го шеташе новиот црвен бикини кој за беља и беше 3-4 броја помал и атрибутите се некако бесрамно и излегуваа на виделина и се брануваа ко езероно кај Трпејца во ноември. И така,  додека безуспешно се обидуваш преку белиот пекарски мантил да провериш дали  можеби атрибутите и се ок, случајно да не изгореле на прекрасното попладневно охридско сонце, ќе видиш дека бурекот и не е така евтин во Охрид. Посебно ако излегувајќи надвор го видиш чичкото полицаец кој озарен и окезен ко струмичанец кој по 3 месеци неуспешни обиди конечно ќе влезе на техно журка во Колосеум, ти ја пишува казната за непрописно паркирање. Нејсе…

Вистинските скопјани генерално многу не обожаваат шопинг, ама кога ќе решат да и удоволат  на страстите (не скокај, не се мисли на сексуални, зошто за тоа не треба решавање, туку само џаст ду ит ени тајм енивер) на поубавата половина и да го направат тоа, тогаш го прават во голем стил. Како? Еве…

Правиш план и програма на активности:

  1. проверуваш мапа на потенцијалната траса и околината  ја анализираш на Гугл `рт и мапс за евентуални измени од времето на последниот ивент (многу се гради човече)
  2. се консултираш со канцеларијата на Градоначалникот за локациите каде што во моментот работат багерите на Коце
  3. ги проверуваш новинските извештаи за политички и социјални проблеми
  4. за можни апансас штрајкови и протести бараш потврда кај другар ти Мики што иде со онаа плавата, високата од трет влез која има братучед во опозициската партија
  5. конечно ја трасираш рутата на движење

Планираш каде се оди прво, кој шопинг мол или трговски, каде се паркираш, дали другар ти кој работи во Градски паркинг на каса е на смена и ако не, како се избегнува плаќање паркинг. Проектот “шопинг со најмилата” го завршуваш со посебен безбедносен додаток-проверка дали безбол палицата е во гепек за во случај на непочитување на познатото скопско право на предимство на минување на раскрсница без светлосна сигнализација  кое вели…

”Прв поминува кој прв си каже, кој има појака сирена и браници или кој е нај нервозен, што се утврдува според брзината на изрекување пцовки, нивниот квалитет и сочност и нивото на децибели при изрекување на истите”.

Кој не го знае ова правило најчесто завршува како жртва на веќе споменатата безбол палица, која само кај нас се користи за се живо само не за безбол.

Самиот шопинг се одвива во три етапи.

Прва етапа

  • се закажува контакт во живо со стари другари од маало “на по една” на локација по можност во самиот  шопинг мол или во круг со радиус не поголем од 400 метра колку што е доволно во случај на потреба да се стигне на време за да се спречи катастрофа од евентуално несакано опуштање и прекумерна потрошувачка на значајни парични средства од страна на госпожата

Втора етапа

  • убедување на понежниот пол дека контактот е многу битен…”Ти ќе си гледаш сандалки, а ја морам да се видам со човекот. Па знаеш дека Мики има човек кој знае еден дечко  кој има братучед чија тетка работи во пошта. Е она има внука која има дечко кој може да ми најде муштерија за моторчето што сто години ми седи во подрум. После од парите  ќе купиме нови завеси”. Дитеилс бејб, дитејлс. Никогаш не заборавај дека лажгата наjдобро поминува ако е полна со информации и детали.

Трета етапа

  • понежниот пол пристапува  на извршување на самиот шопинг, а скопјанецот на извршуење на контактот…”на по една”

Епилогот е најчесто следниот….

Понежниот пол завршува со шопинг и најчесто купува сосема тринаеста работа која требало да ја купи прошлиот мај, ама ете дури денес ја имале вистинската боја, а скопјанецот завршува со контактот “на по една”  негде околу полноќ, ама следниот ден. Сметката  од двете социјално економски дешаванки вика дека овој случај не смее да стане пракса повеќе од два пати месечно, во спротивно следи финасиски крах на домашниот буџет како крахот на Милан годинава во калчо.