Македонија

Што научивме вчера бр.5

АДИ

Кај нас “…познат скопски бизнисмен…” се уште звучи пострашно и посрамно одколку ”…добро познат на органите на прогонот…”

Немало вулкан? Веднаш Владата да покаже претприемачки дух и сенс за бизнис и да пронајде странски инвеститор кој ќе го рестартира охридскиот вулкан. Или ќе ископа нов ако треба.

Кога првата танга на базен Бисер е топ вест кај нас, а Гангам стајл на Јутјуб го виделе 2 милијарди луѓе немојте да се чудите зошто вонземјаните не ни зборуваат.

Внимавајте, во Скопје паркинг ќе се наплаќа до 23 часот. Стартуваше летна наплата и одењето на родендени, слави и крштевки 1 час подоцна.

Во моментов има точно 5644 слободни работни места во Македонија. Да, да…разбуди го “малиот на мама”,  врзи му два шамара, објасни му дека не мора да студира до 35 години и прати го нека се испоти малку и нека стане свој човек.

Во судскиот процес на Груевски против Заев кој ќе суди? Пак Бранко?

Ако заглавите во долгови, нема се што имате да ви земат одеднаш па да приумрете од глад. Ќе ви оставаат по малку секој месец колку да преживеете и да земате плата, за да можат да си наплатат се до последен денар. Не, не е мафијата…нашите извршители се.

Екстерното го мразат и децата и родителите и наставниците и опозицијата. Значи дека е вистински проект и одлично решение.

#ШтоНаучивмеВчера

Advertisements

А ти сепак се враќаш

Инспирирно од… “Почнаа убавите летни скопски утра…”

Запишано ли е во праисконскиот код, космички сили се или едноставно кармата така сакала? Кој ќе знае, можеби од се по нешто. Сите светски тајни мирудии, врелото сонце и мистичната месечина на Кокино, вонземските минерали од Алшар, божјиот нектар од гроздовите прачки од југот, злите црни и моќните бели магии вмешале прсти во рецептот на врховниот алхемичар кој работел на креирање на нашиот ген и врелата јужњачка крв и тука ние ништо не можеме да смениме. Тие сме и такви сме. Единствени. Фалангата и војните, царствата и кралствата, верата, победите и робствата се нашата вечна судбина. Тешкото, манастирите, зајди зајди, комитите, кирилицата и глаголицата, копаничарството и т`га за југ, пирејот, седум осминскиот такт и Ленка се нашиот одговор на таа судбина која никогаш и за ништо не би ја менувале со ничија друга. И печалбарството. Пусто да е, пусто да остане. Печалбарството и туѓината се врежани во македонскиот колективен дух, во генот на секој од нас и нашите предци низ вековите, всадени во традицијата, во нашиот начин на живот. Наша судбина.

Ги гледам старите слики. Деца бевме. Камо да останевме деца подолго. Во моето маало од пред триесетина-четириесет години, од времето на пар-не пар возењето, СВОЗ и Брус Ли во кино Карпош, па до денес, скоро од секоја куќа недостасува барем по едно дете. Од нашата две. Некои беа само првооделенци, џивџани кога се отселија преку големата вода. Недостасуваат моите другари, моите врсници. Генерации од педесетите и шеесетите. Врсници со како Феникс од пепелот  воскреснатото Скопје. Се распрснавме по светов кој каде, кој до каде му стасале парите позајмени од другар или тетка. Кој подалеку. Скоро на секој континент. Како да се такмичевме…како да сакавме да си докажеме еден на друг кој може подалеку. Како што се такмичевме на маалскиоткош кој од подалеку ќе даде кош или кој подолго ќе издржи да оди бос по вжештениот ко рингла асфалт по скопските маала.  Кој од мака, кој од гордост или со генијален план, некој од немајкаде, од многу инат или следејќи ја својата судба, во потрага по капка љубов и трошка среќа. Заминавме. Ама ако, таква е нашата карма. Така било пишано. Ах ММЕ на тој што пишувал…што не ја прескокна мојата генерација.  Не може, велат така бил редот. Некој непишан ред и правило.  Дедо ми бил печалба, татко ми не. На мене ми е редот. А јас ќе инсистирам кај мојата судбина, ќе ја потсетам за случајно да не погреши…на син ми и ќерка ми не им е ред, остави ми ги дома.

20120909_071313_Jean_Rain_Film

Заминавме за да се враќаме. Постојано и упорно. Се надевам…сакам…знам дека никој не се кае. Оти никогаш во животот немој да се каеш за нешто што си направил, туку за нешто што требало да го направиш а не си го направил. Знам дека барем некој успеал да ја докаже својата вистина, да си докаже себе си дека може, дека знае , дека не се плаши од неуспех или осаменост.  Оти да си сам не е страшно. Да си осамен е ултимативната казна.

Се распрснавме кој каде за да избегаме од себе, за да се најдеме со судбината. Се распрснавме по светот и талкаме ко зомби по аеродроми и патишта. Се среќаваме случајно, на паркинг за кој не знаеме ни кога и како е изграден, но во детали ги памтиме чешмичката, клупата и трафиката кои некогаш стоеја тука, во стариот крај. Се среќаваме во лаунџови чекајќи авиони, ама пустото…се некако во спротивни правци. А ти би сакал секогаш да си на пат во вистинскиот правец. Срцето каде што покажува, кон вистинската страна и кон домот кој ко магнет те влече.  Оти домот е еден. Ама ако…таква ми е кармата. Знам дека со моите деца ќе биде помилостива.

Бесценето е чуството кога некој  на крајот од светот, седејќи на масата карши ќе ти прозбори на твојот мајчин јазик. Ех, ко рајска песна ќе ти прозвучи она…”…десно пријателе…малку подесно…”. Да, за твоја среќа човекот од карши го слушнал твојот македонски збогатен со сочните скопски пцовки додека се обидуваш да го кренеш шишето со пиво од подот на некој белосветски аеродром кој луѓето обично го гледаат ко некоја атракција од филмовите а ти го мразиш повеќе и од полната дупла седмица на ЈСП во фамозните скопски шпицеви во осумдесетите од минатиот век.  Ма… го мразиш проклетиот аеродром повеќе од  колку што како седмооделенец ги  мразеше  “кариките” и “разбојот” на час по физичко. Но за твоја несреќа, ни првото пиво до крај нема да го допиете, и без шанса да се ракувате…а  пријателот веќе стана и замина. Авионот  не чека. Проклетиот авион во спротивен правец. А колку само  се израдува на свој човек , на човек кому можеш да кажеш “на здравје”. Но ти веќе си навикнат пивото да го пиеш осамен. Проклетија. Се распославме по меридијаните светски. Ех, колку сонував за тие меридијани. Колку мечтаев за патувања и авантури по светските меридијани. Ех, колку ги мразам тие меридијани сега. Ко решетки ми стојат пред очи.

Ама ти се би фрлил низ Вардар и  со полно срце и со две раце попрво би потпишал за макар 2 часа поминати на Водно или само онака бесцелно шпартајки по Партизанска или по Јане Сандански. Домот… мој пријателе, домот ти е таму каде што си сакан и каде што љубиш. Домот ти е таму каде што се чуствуваш удобно во својата кожа, онаму каде што чекорејки по улиците препознаваш дел од своето детство и младост. Сеедно дали тоа ќе го видиш во  некој лик кој ти доаѓа од спротива додека шеташ по Илинденска, или во очите на синот на твојот другар од детство кој си игра во школскиот двор во твое маало или пак тоа е некоја клупа под липата на булевар ЈНА карши Тропикана. Знам, знам…Тропикана одамна не постои, веројатно и клупата и липата ги нема, ама спомените не се бришат лесно…па дури ни со булдожери.  Домот мој пријателе ти е онаму каде се чуствуваш свој на своето. Каде што дури и воздухот зачаден од Желазара и од ауспусите на половните БМВ-а и Голфови увезени од Минхен во колоната на Рекорд ти е мил и вкусен исто ко роденденската торта за твојот шести роденден.

Се распрснавме по светот. Ама ако…секој кој го разбира и го почуствувал чемерот за кој пишувам знае дека од крвта таткова и од мајчиното млеко не се бега. Кога тогаш се враќаш…те влече грутката…те влече маалскиот кош и  комшиската цреша, фудбалот на мали голчиња со две цигли место голови и Марти Мистерија на багремот до школото или сликичките од светското во Аргентина. Те влече таа….една, твојата грутката од Библиската земја, а другата пак, проклетија те стега во грло и пече…пече ко јулското сонце по азбестните кровови во Лисиче или Тафталиџе. Ама ако, ти знаеш дека сепак се враќаш…кога тогаш. Секогаш се враќаш дома. Оти домот е еден.

Библиска земја

“Да се биде Македонец, најпрвин е света работа,а дури потоа проклетство и немир.”

Петре М. Андреевски

Мај 2010. Американска воена база во Југоисточен Авганистан.  Што би рекле во некој холивудски блокбастер или во извештај на CNN, на “андисклоуст локејшн” за пошироката јавност. Одев од стариот фјул поинт кон канцеларијата наречена  “Операции” и кај големиот бункер подзастанав малку,да ѕирнам, да проверам да не има некој, да не прекинам нечии емотивен момент, или сикрет неп после ручек. Имаше ден-два пред овој настан на истото место еден пар во љубавен занес и размена на емоции, па не сакав повторно да бидам лево сметало. Погледнав надолу, десно низ бункерот. Беше празен. Имаше војник, но на крајот од бункерот. Стоеше и зборуваше на телефон. Појдовме од надворешната страна, покрај бункерот еден спрема друг. Базата во тоа време беше мала…само двеста-триста војници и цивили и се знаевме сите и секогаш од куртоазија се поздравувавме барем со едно “Морнин` ср”. На разминување подзапрев и го погледнав во очи, колку да го поздравам. Забележав дека е црвен во лицето, ко рак, како да е надуен црвен балон, ко секој миг да ќе експлодира. Нормално, како и 102,3 % од американците, зборуваше на Ајфон, а кога дојде уште поблиску видов дека е многу исунчан. Пустинското сонце го ишарало по лицето. Делот од лицето околу очите, кој што го покривале наочарите беше бел, а остатокот жар црвен, како маицата која ја носев.

aleksander_the_great_08 (1)

Погледна кон мене, се загледа, ме изгледа од глава до петици, ме фати за рамо и ме запре. Телефонот ќе му паднеше. Се збунив, застанав. Од секогаш сум имал респект кон војниците во базава. Не заради друго, туку од една проста причина и заради еден статистички податок. Имаат пушки и пиштоли, а статистиката вели дека во просечна американска база годишно има 8 убиства и уште нешто повеќе самоубиства.  Тој  гледа немо…ме загледува во маицата, ококорен и среќен, ко Саше АНАЛитико кога ќе види дека Геро го споменал во колумна, или ко Геро кога ќе види дека Миленко го споменал на фејсбук. Носев обична црвена маица, купена за 300 денари од Трговски, од трафиката за сувенири на излезот кон Холидеј ин. На предниот и на задниот дел на маицата имаше  голема апликација со Сонцето од Кутлеш и натпис Македонија на латиница и кирилица.

-“Macedonia….Macedonia from the Bible, Macedonia …… Unbelievable,that’s great idea for t-shirt. Is this Macedonia where the Apostle Paul first went to evangelize? Is it in Europe, Middle East, where is it … in which country? Where did you found this shirt dude…???  ”

Се насмеав. Му објаснив дека денес постои држава Македонија и дека јас сум Македонец. Ме грабна и ме прегрна…искрено и топло ме гушна. Не…тотали нон геј…чисто френдли. Човекот само беше одушевен што ме сретнал, што дозна дека има Македонци и Македонија и денес, и што сеуште постојат Библиската земја и нејзините чеда. Почна некако да ме фаќа чуство,  некој филинг, ко да сум ретка зверка, како да сум Амурски Леопард или Пелистерски Рис. Нeесакав да одам со нашата позната реплика која ја користи пола нација секогаш кога разговараме со странци:

“Маседониа из а смол бат бјутифул кантри уит вери френдли енд кајнд пипл”

Ме мрзеше да му објаснувам цела наша приказна, само му реков дека е добредојден во Македонија, и дека имаме сонце, љубов и вино за три света (Џафер, парафразиран). Потоа си помислив, а што ако сите овие добри луѓе што сум ги поканил да дојдат во Македонија, еден ден дојдат сите наеднаш? Ќе имам невидена меѓународна журка, на ниво на мала олимпијада.

”Please brother, bring me some Macedonian soil, a piece of land from Biblical Macedonia” -беа неговите зборови кога му кажав дека скоро одам дома на одмор.

Земја? Па нормално дека на враќање не донесов парче македонска земја. Немаме ние многу земја за раздавање. Ма не…само останав непланирано долго на одмор, и занев дека неговата едница е веќе замината во времето коа требаше да се вратам. Не разменивме контакт информации, ама батката знаеше дека е добредојден во Македонија. Секогаш. Ко и секој добар човек со добри намери. Нормално дека пушката ќе ја остави  во Сакраменто, Калифорнија.

Ракометарите дефокусираат

1211112g36p6_wm