младост

Или мајор или ништо….

Невработеност,  инфлација, сиромаштија и мизерија често ги слушаме овие термини, посебно последниве неколку  дена, по објавувањето на фамозната табела на Економист за сиромаштијата и мизеријата во светот. Само накусо  за табелата. Релативни се податоците, посебно ако се земе в предвид  дека се вкалкулирани  само некои 60% од светот и дека Македонија е во најлоша позиција само заради невработеноста, која е меѓу највисоките. Инфлацијата е во Европски рамки. За невработеноста има многу да се дискутира, но сите знаеме дека таа бројка е не реална, односно знаеме дека има еден голем број на лица кои се водат како невработени, а всушност работат  во сивата економија.

-Што сакаш да бидеш…го прашале Рамче кога отишол во војска, му дале шанса да одбере кој род од армијата да биде.

-Друже поручник…ако може, за почеток да бидам мајор, а за после ќе се договориме.

Се сетив на ова кога пред некој ден имав една дискусија во врска со вработувањето и невработеноста кај нас. Во една политичка емисија на телевизија, меѓу другите гостуваше Орце Камчев, сопственикот на Орка и Систина, и човекот кој пред некој месец направи одлична зделка со позната Турска болница Аџибадем . Пред неколку дена истиот бизнисмен склучи договор за купување на Медиа Принт Македонија, во чија сопственост се неколку наши дневни весници.

Имено…Камчев, во оваа дебата се пожали дека во Македонија не е можно да се најдат луѓе за работа во текстилна фабрика. Водителот на емисијата додаде дека други бизнисмени се жалат дека не можат да најдат луѓе кои би работеле во сточарство или како овчари. Значи во Македонија со 32% невработеност, и  цела една армија главно млади луѓе, барем според официјалните податоци преку 300 000 невработени, бизнисмените не можат да најдат работници.

Чудно? За кого како, а за нас, кои го познаваме нашиот менталитет и состојбите во нашата држава и стопанство ова е стара вест. Ова сме го слушале и од други сопственици на мали фабрики и бизниси. Едноставно…младите, посебно ако е во прашање првото вработување, тешко се одлучуваат да прифатат работа во фабрика, во производниот сектор. Значи кога е во прашање добивање работа на таканаречениот ентри левел, или интерн(приправнички) работни позиции, младите едноставно многу ретко би работеле во производството. Практично нема работници за некоја работна позиција која во нашиот ментален склоп и во нашата социјална средина се смета за “недостојна” и таква работа се смета за навреда.

Дали ова значи дека младите, кога се работи за вработување  сакаат да бидат “за почеток мајор”, или пренесено во сферата на бизнисот , сите би сакале да добијат дрим џоб позиција? Има тука неколку моменти кои го објаснуваат овој своевиден феномен. Прво и основно, домашното воспитување е главниот фактор кој го одредува односот на секој млад човек кон  вработувањето. Семејните односи, финансиската ситуација во семејството секако се клучни за тоа како младите размислуваат на оваа тема. Желбата на поединецот за осамостојување и независност, или слабата финансиска моќ во семејството може да придонесе за рано прифаќање на некаква работа, дури и да е од списокот на “недостојните” или работа која не е по струката за која сме школувани. Но и обратно, финансиската сигурност на семејството, обезбедениот лагоден живот, и релативно финансиски обезбедена иднина , едноставно не го мотивира младиот човек да работи било каква работа. Едноставно или ќе чека дрим џоб, или нема да работи било што. Но вистински апсурд е кога млади одбиваат или бираат работа, а нити имаат финансиска сигурност на семејството, нити пак имаат некоја професија кој би можела да им обезбеди шанси за добивање  атрактивна работа.

Има еден момент кој секако многу влијае на тоа дали младите би работеле нешто, макар и слабо платено, и не атрактивно. Тоа е дали и колку се добри законите кои ја регулираат оваа  област и дали се почитуваат истите. И дали оваа наводна лоша регулатива и бизнисмени кои не ги почитуваат законите  всушност не се оправдување за неприфаќањето на неатрактивни работни позиции. Дали во денешно време важи онаа старата…”Џабе  работи, џабе не седи”? Младите велат дека нема да работат за “смешни” 8000 денари, а нивните родители работат за толку и со таквите примања успеваат да го минат месецот и нив да ги школуваат. Американците кога се запознаваат прашуваат “what you doing for living”, или што работиш за живејачка, а не што си по професија. Велат некој живее за да работи, а некој работи за да живее. Ако вторава философија ти е поблиска, нема многу да ти е битно што работиш, се додека тоа ти овозможува да живееш. Кај нас работата не се зема заради живејачка, туку за “кариера” или за чалам. Кај нас парите не се вложуваат во себе и во свое унапредување, усовршување туку веќе од третата плата натака се зема кредит и се купува кола која нити имаш каде да ја возиш, нити имаш каде да ја паркираш, а за неа секој месец треба да плаќаш 12000 денари рата. Па нормално дека за 8000 нема  да работиш, кога за колата треба да плаќаш двојно повеќе. Ќе чекаш да се појави “добрата” работа, за да имаш за кола, која не ти треба, и така ќе остариш.

Некако се испревртени овие работи и сваќањата на младите за вработувањето и кариерата. Менталниот склоп на голем дел од младите им наложува дека е срамота да се работи во фабрика, или како обичен занаетчија, да не споменувам овчар, иако за таа работа например се зборува дека се нудат навистина пристојни плати. Не…подобро ќе висам пред компјутерот цел ден и ќе глумам интелектуалец и ќе бистрам политика, или ќе висам од кафе на кафе по цел ден по градската шема, а што вели народот ”куче нема за што да ме касне”.

Еве едно прашање за размислување. Дали попрво би работеле во Македонија за  10 000 во трговија или за 18 000 некоја административна позиција или во јавното здравство за 24 000      (можеби сумите не се реални, но тука некаде се)или во Авганистан да чистите тоалет за 50 000 денари? Знам дека сигурно има многу млади кои ништо од ова не би прифатиле(би сакале да бидат мајор уште од почеток).  Пред десетина години престојував некое време во Италија и во неврзан разговор со еден Италијанец , тој ме праша што сум по струка и општо околу школувањето и условите за работа кај нас. По разговорот неговиот заклучок и прашање беше…”Работи ли некој кај вас, или сите студирате до 30 годишна возраст?…”Тоа за нив, посебно во помалите градови беше несватливо. Таму во едно четворочлено семејство, најчесто тројца а во многу случаи сите четворица работат и тоа во фабрика. Децата кога ќе завршат средно училиште, веднаш започнуваат со работа, и тоа најчесто во фабрика, на машина. Е сега…за воља на вистината, платата за почеток му е 1000-1500 евра, а и животот е поскап, но не бираат работа или да се срамат од неа.

Дали системот на школување кај нас и квотите на образование се погрешни? Дали имаме премногу правници и лекари, а немаме шивачи и сточари, на пример? Дали тука и државата не греши со форсирањето на високо образование по секоја цена, и отварање на факултети по градовите низ цела Македонија? Официјални податоци велат дека 90 % од средношколците го продолжуваат  школувањето на факултет. Дали ни требаат работници со средно образование? Да се разбереме, нема штета од едуцирање и високото образование е добро, но вака, по некоја година ќе имаме огромно мнозинство од население кое е со високо образование, а кое  ќе биде преквалификувано за “обична” работа. Дали ќе треба да увезуваме работници, а имаме(според официјалните податоци) преку 300 000 невработени?

 

п.с. Само за информација, не сакам некој да рече дека ете мене ми е лесно да “солам” памет од Авганистан, со стабилна работа и добра плата, дека треба од терен, од Македонија да почуствувам како е, па потоа да пишувам на оваа тема. Јас во Македонија работев од својата седумнаесета година, и тоа започнав како чистач на магацини на Технометал, а сум работел сигурно десетина различни работи, од берба на овошје и растоварање камиони, до кондуктер и таксист, трговец, софтверџија и сопственик на приватно радио и печалбар во Авганистан. Тој што работи не треба да се срами од ниедна работа, се додека тоа го прави чесно и најдобро што може .

Advertisements

Линч за колумнистите и неистомислениците

Не можам да верувам. Каква мрачна, жална и  јадна ни е интернет јавноста. Колку зли и лоши луѓе имаме во Македонските  интернет кругови.  Колку несреќни и исфрустрирани и изманипулирани  млади луѓе висат по социјалните мрежи, по блоговите и форумите. Колку само зла крв има меѓу нашата интелектуална младина. Дојде до таму да луѓето се напаѓаат, навредуваат на лична основа, се етикетираат и осудуваат само заради изнесен став, заради изречено или напишано мислење. Браво.  Успеа политиката да не раздели и доведе до дното. Дојдовме до таму да безмалку  сакаат да  линчуваат човек заради тоа што неговиот став, неговите размисли се различни од нивните.  До таму ли дојде? Ајде генијалци потсетете ме кој убиваше и линчуваше заради идеи и изразени ставови?

Колумната на Тони Науновски во Нова Македонија предизвика огромен број реакции и вистински фронтален напад  врз него, посебно на твитер и на фејсбук. Човекот е навредуван на лична основа, и тоа толку многу и толку одвратно да моето домашно воспитување не ми дозволува да пишувам за тоа. Нормално, нема контра аргументи и аргументирано полемизирање, туку анализа на авторот, неговата елоквенција, способност за анализа и извлекување заклучоци, неговите интелектуални способности, па кој му ја дал дипломата,  па дека бил доктор ајван и да си ја запали дипломата. Инаку, Тони Науновски е еден од нашите најмлади доктори на науки, на 28 години.

Срамно и бедно е како се однесувате и го навредувате на лична основа. Па тој никаде никого не спомена по име и не навреди лично. Ако не ви се допаѓаат неговите идеи, полемизирајте или едноставно игнорирајте. Со однесувањето на цела една генерација млади “интелектуалци” на социјалните мрежи и во јавниот живот ние само добиваме потврда дека едноставно нам ни фали национална свест. Како инаку да протолкуваме хејтање на се што барем ќе замириса на национално или обид за потенцирање на националното. И тоа зошто? Заради тоа што спротиставената политичка партија го прави тој обид за подигање на националната свест.

Неверојатно е како заради смешни партиски препукувања, многу млади не можеа да си дозволат да се израдуваат на 20 годишнина на независност.  Повторно, заради тоа што другата партија е организатор. Или заради партиска нетрпеливост да не се подржи изградба на споменик на личности од нашата национална историја, напротив, да се исмеваат и личностите, и градителот и споменикот. Заради партиски ставови и недоразбирања не успејаа ни да се израдуваат на успесите на националната репрезентација во кошарка. И тука хејтање, исмевање. Еден Американец со Македонски пасош повеќе се радуваше.

Само преку овие три примери јасно се гледа дека кај голем дел од младата интелигенција, партијата и партиската агенда е поважна и поблиска до срцето одколку националното и  љубовта кон своите, кон сонародниците, кон нацијата. Во бившата заедничка држава, во нејзината армија, старешините имаа обичај за вакви случаи да речат…”У случају рата, стрељати”, затоа што едноставно ќе ти станат внатрешен непријател, ќе ја завртат пушката против тебе, во твојот грб. Мислите ли дека ако утре зарати, некој од овие ликови ќе застане на браникот на татковинтата? Дека некој ќе сака да го даде животот за Македонија? Да..?? Исто како и 2001-ва кога “татини синови” отидоа на кафе во Солун и останаа 6 месеци. Јас можам да се обложам дека нема тоа да го сторат дури ни ако нивната партија ги повика.  Едноставно, кај таквата младина не постои чуство за припадност и лојалност кон никого. Се ова е последица на повеќе од 60 години обезличување и поделба на Македонската нација. И повеќе од 20 години труење на нацијата со партиски поделби, говор на омраза и политичка нетрпеливост. И сега тие млади луѓе наместо да помогнат во обидот на власта да го зајакне националниот идентитет, тие хејтаат се што е во тој правец направено.

Инаку, обидите на оваа власт да се обнови и зацврсти националното чуство најмногу се минирани и сатанизирани токму од политичките ментори на тој дел од младината која секојдневно ја гледаме на социјалните мрежи. Младина која побрзо би прифатила плоштадите да ни наликуваат на соц-реалистичките бетонски грдотии како во Узбекистан или Казахстан , отколку на нив да има споменик кој ќе го изгради спротивната политичка опција, без разлика дали споменикот е на Александар Македонски, Цар Самоил или Гоце Делчев. И токму затоа што спротиставената политичка партија го изградила споменикот.

Можеби Тони не го понуди вистинскиот лек, но дијагнозата му е точна. Нашето национално ткиво е труло, и тоа таму кај што треба да е нај здраво, кај младите. Затварањето граници можеби е предрастично, но Тони никаде не напиша дека ние треба да ги затвориме границите, туку дека ако веќе се случи, може и да извлечеме некоја корист.  Можеби ако младите стручни и школувани луѓе останат дома, во Македонија, и ако престанат слепо да ги следат политичките елити и заради удоволување на суетите на истите не се закрвуваат со симпатизерите на другата партија, можеби еден ден ќе почнеме да среќаваме млади луѓе обединети и со силна национална самосвест. Луѓе кои и да заминат од Македонија, барем ќе заминат како Македонци, а не како аморфна не идентификувана  маса.

Можеби и можам да разберам да се бара објаснување или дури и одговорност ако некоја идеја предизвика реакции на јавноста или контроверзи, а доаѓа од политичар кој можеби е во позиција да реализира таква идеја која можеби за дел од јавноста е неприфатлива. Но ако заради колумна на обичен граѓанин се случува ова, тогаш не ме изненадува се поприсутниот говор на омраза на интернет. Што е следно…палење на весниците кои објавуваат колумни кои не ни се допаѓаат. Простете, кои не им се допаѓаат на политичките ментори. Или заседи за колумнистите и нестомислениците? Каде вака…..???

п.с. Да му порачам на Тони, да не се грижи премногу. Нападите не се кон него лично, туку кон подржувачите на владата и нејзината политиката која е во правец на зачувување на Македонскиот идентитет. Ситните души во твојата колумна препознаваат подршка на таа политика. А пак останатиот дел од јавноста во тие ситни души ја препознава нашата јадна, бедна и килава опозиција. Трагедијата е што таквата опозиција се обидува и нас да не направи такви. Ние секако нема да го дозволиме тоа.

Феникс или Миравци

Велат дека сеќавањата и носталгијата кон минатото не се основани на чувства кон нешто подобро од сегашното,туку емоциите се пред се заради сеќавање на младоста.Не е важно како и колку добро живееме сега,секогаш минатото ќе остане во нашите сеќавања како подобро,како поубав дел од нашиот живот.Затоа што сме биле помлади.

Од мојата 7-8 годишна возраст имам многу сеќавања и многу драги спомени.Еден од нив е секако и моето присуство на првиот фудбалски натпревар во мојот живот.Не сум сигурен ,некаде 1972-73 година, со мојот другар од детство и со татко му прв пат во живо го гледав Вардар на натпревар во Скопје. Вардар против Црвена Звезда  на стариот Градски стадион, на јужната трибина. Каков настан за седумгодишно дете. Иако половина од натпреварот не можев да го видам, чичковците пред мене постојано потскокнуваа, сепак сеуште го паметам и голот кој со удар со глава го даде Зоран Филиповиќ.

Не сум сигурен за резултатот, мислам дека Вардар загуби со 1:0. Ја паметам целата атмосвера,музиката на полувремето, мирисите околу мене. Ги паметам голубите кои на секој натпревар навивачите на Вардар ги пуштаа од центарот на игралиштето. Ја паметам “Ој Вардаре Македонски” која сите ја пеевме во еден глас. Потоа, се редеа годините и мојата страст кон фудбалот, посебно кон Вардар само се зголемуваше.

Ги паметам легендарните 5:0 против Партизан. Ги паметам головите на Вардаровото дете Дарко Панчев, 132 за Вардар и 37 за Црвена Звезда со што стана втор најдобар стрелец на сите времиња во Југославија. Ја паметам решавачката средба за влез во Првата лига против Трепча која ја добивме со 2:1, со гол на легендата Васил Рингов и тоа даден со удар со глава. Тоа за Васе беше преседан, но го однесе Вардар во Првата лига.Паметам дека на таа средба имавме најдолго знаме во историјата на Вардар. Цели 104 метри беше должината. Го носевме пеш од Лисиче до Градски ние педесетмина, заедно со една стара војничка сирена на навивање. Паметам одење на натпревар против Динамо од Загреб во Тетово,заради казната на Градски.

Ги паметам и Кочо Димитровски, Слободан Мутибариќ, Влатко Димитровски, Кичо Симоновски, Ванчо “Чифте”Мицевски, Сандре “Мацола” Маневски, Гордан Здравков, Мирко Петров, Ѓоре Јовановски . Паметам и лоши моменти…како моментот кога Самир Туце со остар старт му ја скрши ногата на мојот пријател од детството и сосед Љупчо Марковски Калц.

Го паметам и Вардар како шампион на Југославија во “Шајберовата” 86-87 година. Ги паметам, Тони Савевски, Бобан Бабунски, Илија Најдовски, Драган Канатларовски, Вујадин Станојковиќ, Чеде “Четка ” Јаневски, Јовче Џипунов, Драги Сетинов, Момчило Грошев… Го паметам и Порто во Скопје во првото коло на Купот на Европските Шампиони. Влезницата чинеше цело едно мало богатство. Но тоа не се пропушташе. Тоа беше историски момент. Паметам дека секоја сезона имав блок влезници за целата сезона за Јужната трибина. Го следев Вардар целата моја младост. Можам да кажам дека е нераздвоив дел од мојот живот. Како што вели слоганот на Комитите “Вардар во срце те носам”.

Транзицијата и последните петнаесетина години од нашата независност донесоа по некој радосен момент за Вардар. Во мала лига со далеку послаби противници Вардар освои три првенства и два Купа. Секако за паметење е и 2003 година кога за само еден гол Вардар не успеа да влезе во групите на Лигата на Шампионите. Големата ЦСКА беше мината, но Спарта Прага се покажа како посреќниот тим. Во тешки финансиски услови, Вардар сепак освои уште 2 титули и 3 национални Купа.

Економската криза, малиот пазар и слабата конкуренција го ослабнаа Вардар како колектив и економски и играчки. Сплеткарењето и борбата за преземање на клубот само го срушија Вардар на најниско можно ниво, што доведе до испаѓање на клубот во Втората лига. Последните информации говорат дека е можно да се случи фузирање на Вардар со новиот прволигаш Миравци, со што Вардар би се вратил во Првата лига. Јас лично не сум за тоа. Подобро клубот кој сите ние го носиме во срцата да се консолидира, и да добие вистински сопственик со чија помош би можел како Феникс да се издигне од сопствениот пепел. Се надевам дека и уште многу други генерации Вардар ќе го носат во своите срца.

У мое време…

Ете се случува и тоа.Како дете си мислев како ли ќе биде во 2000-та година,кога ќе имам 35 години.Гледајки ја Кјубриковата “Одисеја 2001”,си размислував каков ли ќе биде животот и се надевав дека на почеток на новиот милениум ке се случат драматични промени,големи технолошки и научни откритија.

Се случија,многу такви промени се случија,само ние сеуште не сме на доволна временска дистанца да ја процениме нивната тежина и вредноста на тие промени за следните поколенија.Дојде новиот милениум,и веќе втората декада од него,годините си течат,јас влегувам во “средните” години и веројатно со право можам на моите деца да им кажам….”ех….у мое време…”

  • #umoevreme Вардар играше во Лига на шампиони со Порто,сега ќе игра во Втора лига со Овче Поле
  • #umoevreme у диско се пушташе сентиш,и дамите бираа,и сега дамите бираат,ама според колата што си ја паркирал надвор
  • #umoevreme одевме на плажа во Дубровник,на Бабин Кук,и сеа има бабини кукови  ама само у петок у гратски автобус
  • #umoevreme “Флизери” им правеа “флизури” на  жените,сеа “флизерите” ги  викаат стилисти
  • #umoevreme од Силвиа Кристел во “Емануела” учевме анатомија на женското тело,сеа се е порно

  • #umoevreme во Скопје колите се движеа по улица,а пешаците по тротоар,сеа пешаци нема,а колите се движат кај ке стигнат
  • #umoevreme кола возевме секој втор ден,пар-непар,ама бар возевме,сеа висиме по семафори цел ден
  • #umoevreme Се викаше “дужиш као Грчка”,чудно,ама тоа важи и сега
  • #umoevreme ги немаше Бранко и Грујо,ама ги немаше ни А1 и Сител…раат
  • #umoevreme Трабант беше ауто на година,со најнова технологија,каросерија од картон

  • #umoevreme Снежец беше one and only,беше најдобар сладолед,не, беше ЕДИНСТВЕН,а сеа морам 15 минути да бирам кој да го купам
  • #umoevreme идевме у Кино Крапош да го гледаме Брус Ли во “У змајевом гнезду” ,сеа у Кино Карпош има живи змаеви од женски род
  • #umoevreme на Телевизија Скопје помеѓу две емисии имаше “мала пауза”,а на пола филм “менуваме лента” со кајрон… сум остарел???

  • #umoevreme се крадеа раткапни од колите,сеа се крадат колите
  • #umoevreme на А1 ја гледавме Амбра и згодни девојки од Италија,а сеа гледаме еден куп грди проститутки самонаречени новинари
  • #umoevreme Главни фраери беа Тихи и Прле од Отпишаните,а сеа децата се затупуваат со “Волци” и “Лисја”

  • #umoevreme PC-то ми имаше меморија колку сегашна електронска вага во месара,а ме кошташе 3500 германски марки,ама беше топ,стејt оф д арт
  • #umoevreme избори имаше на секои 4 години,сеа  нешто зачестија
  • #umoevreme Чак Норис не беше ваков фраер,не знам што му стана сеа
  • #umoevreme  за комуникација користевме уста(телефон),сеа за комуникација користиме прсти(тастатура)
  • #umoevreme политичарите немаа поима што е интернет,сеа  се на интернет као дете на цреша,не можеш да ги избркаш
  • #umoevreme излегувавме во Турист и висевме пред Ванила,сеа децава висат пред компјутер и не излегуваат нигде

  • #umoevreme Работнички играше Фајнал фор во Европа со Цинцано Милано,а населба Јане Сандански не постоеше,да не зборам за МЗТ Скопје
  •  #umoevreme Боки 13 ке го пратеа на лечење,по службена должност
  • #umoevreme  На кеј на Вардар што убаво си имаше ѓубре,запрежни коли,стари гуми и шпорети ,што сеа нешто палми и плажи ми праат
  • #umoevreme одевме во кино,сеа киното ни дојде дома
  • #umoevreme интернетот беше многу скап и не можеше секој да го има,штета,сеа више не е така
  • #umoevreme некои газди на телевизии беа пиљари,и сеа се,ама со многу пари,а со малку слобода
  • #umoevreme некои новинари беа спортски коментатори,сеа се неспортски
  • #umoevreme децата си легнуваа со Мечето Ушко и Калимеро,сеа си легнуваат со “Волци” и политичари

  • #umoevreme немаше Викиликс,комшиката знаеше се за секого
  • #umoevreme  имаше порничи као “Дубоко грло” или звезди као Тереза Орловски,а не као овие што се појавуваат сеа по телевизииве
  • #umoevreme не бев во пустелијава во Авганистан….некои други работи правев,не е за пред деца…
  • #umoevreme бев млад,паметен и згоден,сеа сум само паметен и згоден

Ех….у мое време…се у свое време….