Политика

Контаминирана нација

Што ни се случи? Каква проклетија не зафати? Како успеавме да дозволиме толку да се поделиме како нација, како обични луѓе, како роднини , пријатели и комшии, толку да се закрвиме и да се доведеме во ситуација да не можеме да се погледнеме во очи. Омраза и кавги на секој чекор. Проклетството наречено политика и политичка нетолерантност и нетрпеливост полека но сигурно не разјадува и уништува одвнатре. Како да не ни се доволни маките со соседите и нивната желба да не снема како нација туку и ние самите секојдневно додаваме по некоја шајка на ковчегот во кој полека но сигурно ќе не снема, сами ќе се закопаме.

Зла крв колку сакаш. Закрвени еден со друг новинари со јавни личности, умислени млади “интелектуалци” самите со  себе, професори со актери, “влијателни” онлајн активисти со колумнисти, а овие со сите други. За политичарите, посебно за нивните кондоми-новинарите и да не спомнувам. Да…на Фејсбук, твитер и по сите можни портали и форуми. Интересно? Одвратно и не етички?

Почнаа и стари пријатели и роднини да се гледаат попреку, да неможат нормален дијалог да почнат, а да не се замерат еден со друг, да не се испокараат. Максимална нетолерантност. Зошто? Заради Коце, Грујо, Заев, Сорос,Иванов, Пендаровски,  барок, “црни понеделници”, заради  Жерновски и Бранко, се разбира.  Заради педери и гејови, “у душа” или според сексуални афинитети? Заради бабите во вторник во ЈСП, заради 5 исечени дрва од кои џунглата не се гледа? Заради политика?

Ordinary-Evil-People

Ги следам медиумите и дискусиите по социјалните мрежи и форуми. Неколку теми се постојано  жешки за дискусија, која кај нас по правило по првите две реченици се претвора во кавга. Најчесто без валидни аргументи, или без никаква желба да се ислуша другиот а со директна и груба дисквалификација по правило проследена со навреди на лична основа. Како дојдовме до ситуација каде нормални цивилизациски прашања како основање на семејство и имање или не деца, абортусот или изборот на професија и работа или екстерно тестирање на успехот и знаењата на учениците станаа нај жешки политички теми .  Како тоа архитектурата и барокот или изгледот на фасада на некој објект  или некој споменик станаа прашања од животно значење за голем дел од јавноста. Прашања на кои се кршат копја помеѓу роднини и пријатели, колеги или сосема случајни ликови на некој форум или на фејсбук. А изборите? Ехеее..тие се приказна за себе.

Некои анкети  покажа дека за време на последната претседателската кампања во САД, 47 отсто од корисниците на социјалните мрежи признале дека избришале дел од своите пријатели заради “досадните политички статуси од спротивно политичко убедување”.

Искрено, јас мислев дека таквиот идиотизам, да бидеш “казнет” со недружење или изолирање заради искажан “погрешен” политички став само кај нас го има (шампион е секако Ванковска). Очигледно дека не. Овој феномен е присутен насекаде(тролс ар евривер). Aко ме избришеш од фејсбук пријатели, ако ме блокираш или одследиш заради мој политички став, тогаш:

1.Никогаш не си ми бил пријател (си мислел дека ќе имаш некаква корист од мене и затоа си ме додал на фејсбук или си мислел дека сум влијателен па си ме заследил на твитер или фејсбук – со еден збор дупелижач или ескисер по нашки)

2.Ти си ми роднина само по сила на природата ( тоа не можам да го сменам , а не може ни самата природа и тоа ја фрустрира па затоа од време на време збеснува преку разни земјотреси, цунами и урагани)

3.Ти си тотално политички неписмен (различните политички ставови се нормална работа за нормални луѓе, а ти тоа не си…најверојатно и жена ти ја нокаутираш секогаш кога ќе ја видиш дека гледа вести на “другата”, не “адекватна” телевизија)

4.Ти си арогантен, исклучив и немаш демократски капацитет (со други зборови, ти си трол, и девојка ти ја шамараш  дури и ако погледне во дечко на слика на билборд)

5.Неколку години си чекал да бидеш крстен (толку си грд/а  што твоите неколку години не можеле да најдат поп за да те држи гол додека те крсти…неколку попови дури биле исклучени од црквата заради тоа што одбивале да те крстат)

6.Татко ти како дете те кршел од ќотек (веројатно затоа што на брат ти никогаш не си му давал од сладоледот или намерно си му ги кршел играчките)

7.Другарчињата не си играле со тебе и те викале дебел (види точка 6 во делот за играчките и сладоледот, си го јадел сам и затоа си се здебелил. На ова само додади тужакање и стомак голем као тракторска гума)

8.Девојките/дечковците  те избегнувале како да си шугав (види точка 6 и точка  7, само додади природна грдост и дебилност…заради шо последна девојка/дечко со кој/а  си бил/а  од срам се одселија во Манитоба-Северна Канада-блиску до поларниот круг)

9.Навиваш за Манчестер Јунајтед (ова е само по себе објаснето)

Нашето секојдневие само ги потврдува овие точки погоре. Се повеќе луѓе влегуваат во кавга, или екскомуницираат свои познаници, пријатели па дури и роднини заради искажан политички став кој не е ист со нивниот. Луѓе….доста е….Научете да се почитувате. Научете да се сложите дека не се сложувате, ама потоа пак играјте NBA 2014 на твојот компјутер или заедно одете на Таксират. Научете да бидете џентлмени  и фер и почитувајте ги другите, иако не се сложувате околу фискалната политика или факинг споменици и барок.

Ако мене ми е убава жичарата, затоа шо можам мојата 80 годишна мајка да ја качам горе, на врв (а не затоа шо Коце или не знам кој ја направил, а не твојот) не мораш заради тоа да ме жигосаш или мразиш. Научете веќе да живеете како нормални луѓе со нормални активности, кои не зависат од политика и политичка определба. Хејтањето стана спорт број еден во Македонија, на социјалните мрежи посебно. Луѓе…почнавте сами себе да се мразите, зошто не ви остана друго…веќе се живо е исхејтано. Калм даун енд гет а лајф…Уште имате шанси да останете нормални луѓе…Додека не стане доцна…

Американците велат…”Да се согласиме дека не се согласуваме и да продолжиме понатаму”…Ние ако може прво би му ги скршиле рацете на неистомисленикот, колку за да не може да пишува статуси и коментари, а потоа на раат по сајбер просторов би истуриле реки отров, вклучувајки неаргументирани монолози и кавги сами со себе и клетви и псовки до седмо колено. И уште еднаш…зошто? Заради загорениот ручек и топлото пиво од вчера и Реал кој на спортска “ме заеба само за една”? Или заради “пусто турско”? Заради словените кои “со трски во уста” дошле од џенем и му додале малку “зачин” на нашиот антички ген? Заради исфрустрираност од немање работа или од неисполнување на детскиот сон “сакам се и сакам сега”, или “мене ми требаат пари, а не работа”? Заради гужвите и долгите семафори и краткиот фитил кој се чини е една од главните карактеристики на нацијата?

Или можеби заради недостаток на толерантност, отсуство на демократски капацитет да се прифати дека некој друг може да има и различен став и свое мислење? Заради недостаток на домашно воспитување? Зошто? Не…подобро да прашам до кога? И до каде ќе стигнеме со ваквото однесување?

Почнаа да ми недостигаат по фејсбук луѓе кои по цел ден постираат песнички од жанрови “што пие кафана”или како “мојата” и “нашата” или фотографии од типот… албум “Одмор со кумовите Грција 2013 – 280 фотографии, трет дел” и “Викенд во Старо Нагоричане со Жане”. Каде отидоа обичните луѓе со обични судбини, желби, потреби и животни ситуации? Сите станаа политичари?

Advertisements

Еден пример за политичко-новинарско-професорско-талибанско-предавничка толеранција и медиумска култура

Capturefb0a1

 

 

 

 

 

Нема спас

марти_wm