Скопје

Поплава од чувства

Емоционалната катарза која кај нацијата последниве две-три недели  се билдаше како охридски фраер а.к.а.  “галебот од влашка маала” пред почетокот на сезоната и налетот на  холандските “очајни домаќинки”од различни возрасти и облини,  конечно експлодира и се излеа врз нас како небото над Скопје некни. Оф топик…другар ми Зозо кога прв пат слушна за серијата “Очајни домаќинки” мислеше дека се работи за порно наслов. Со право, и јас такво име би му дал на порно од  МИЛФ карактер.

Значи, толку емоции помеѓу народот немам видено и почуствувано од времето кога Англија ја победивме со 2:2 a Аце Шакири на Дејв Симан му даде гол од корна и го прати во пензија. Толку наежен и исполнет со чуства народ немам видено од враќањето на Брат Љубе од Хаг и воведувањето на екстерното тестирање во училиштата. Значи навистина, последниве две недели човечноста и солидарноста кај нас се покажа и докажа уште еднаш. Несреќа ги погоди соседите и блиските ни по рестрикции, самоуправување, еурокрем, Голи Оток, вегета  и Тито балкански народи и ние едноставно подадовме рака.

1ApplauseCard

Добро, за воља на вистината во другата рака ни беа мобилните или камерите за да го овековечиме моментот на несебично помагање на браќата, ама тоа не ја намалува нашата хуманост. Само малку ја истакнува нашата “скромност” и фотогеничност. И нормално дека потоа сите бевме горди и исполнети со себе како по победа на предвремени избори или драматична епизода од Величествениот со хепи енд, додека се гледавме на фотографиите на интернет изданијата на балканските и светски медиуми. Колку само годеа написите од типот “Хвала брачо Македонци” и слични со по неколку илјади лајкови и коментари под нив каде комшиите се тркаа кој поголемо и поубаво и со повеќе срценца во коментарот  фала ќе ни каже. Да бидеме искрени, сите оние пораки за помош на Босна и Србија од светските фаци по малку ни предизвикуваа и некој необјаснив и збунувачки филинг. Некој микс од чувство на помала вредност и, Бог да чува, љубомора или завист. Зошто по ѓаволите Роналдо, Ноле и Тимберлејк не не спомнаа. ММЕ и во една поплава не можеме да бидеме рамноправни со браќата од север? Па до кога вака?

Но, катарзата со овие полнења на егото и суетата само се одложуваше се до денот Д и нашата поплава. Да драги мои,  скришно  толку многу посакуваната наша сопствена поплава и мини катаклизма. На разочарување на одредени ликови, веројатно ХААРП-от бил подиспразнет и при крај на смена па затоа добивме мини невреме и потоп. Како-така, 24 часовното висење на балкон со камерите и мобилните во рака и покрај здодевните и постојани  кавги  дома околу недоварениот грав, незавршеното домашно, неиспегланите кошули или неисфрленото ѓубре сепак некому му се исплатеше.  Повторно влеговме во фокусот на интерес на медиумите од регионот плус  Бранко Героски и Трифун Костовски. Да, Геро и Трифун ја искористија “трагедијата” за да ни кажат дека за невремето и поплавата виновни се Скопје 2014, барокот, лошата макроекономска политика, нарушените меѓунационални односи и нефер атмосферата на изборите. Веројатно кога ќе стоиме пред спомениците во барок сеќавајќи се на отровот на трујачите на меѓунационалните и смрдеата на илето од поразот на избори која само поразениот не ја чуствува сите почнуваме да плачеме од “радост” знаејќи дека се ова ќе продолжи да ни се повторува  како сите колективно да сме се телепортирале во билмарејовскиот граундхог деј. И така придонесуваме за поплавата. Плус, соседите многу ни се загрижија над тажната судбина. Како тоа братскиот македонски народ кој толку несебично праќаше толку многу помош а уште повеќе фотки од тоа како праќа помош сега да биде казнет од стихија.

Искрено, ќе бев разочаран и изненаден ако не се појавеа сите они фотографии со две поплавени коли под Стоковна Мост, “критичното”место кое за волја на вистината вистинските скопјани знаат дека се поплавува и секогаш кога има дерби на Филип Втори и навивачите поминувајќи тука вршат мала нужда, да не речам мочаат. Оф топик…оваа ситуација требаше да ја искористи некоја маркетиншки добро подготвена компанија кај нас  и редовно следејќи ги временските прогнози да предвиди ваква ситуација и да си постави рекламно пано на Стоковна Мост. Бум…невиден пи ар.  Цел Балкан ќе те има на дланка, по сите можни портали и на фејсбук твоето лого и оној поплавениот Форд  ќе се вртеа ко ударна вест. Добро за воља на вистината тајмингот на се ова не е лесно да се утврди  заради фактот дека нашите временски прогнози се прецизни како прогнозата на агенцијата “Рејтинг ” на последните избори. Но вреди да се обидеш. Бек ту топик.

Сепак, малку сум разочаран како никој не се сети да фрли 2-3 кучиња под Стоковна Мост. Голем пропуст. Па зар го заборавивте искуството од север. Бар со некое куче во вода и негово спасување, кога веќе крава и срна не се во конкуренција заради карактерот на локацијата(покрај се Скопје е град), ќе добиевме на драматика и чуствата ќе беа на левел “оооо…види го душиче” и сигурно дека ќе имавме поплава од реакции и лајкови на фотки од типот #PrayForMacedonia а може и Ноле ќе не спомнеше.

Но сепак интерес предизвикавме како на Балканот, така и кај нашите дежурни чувари на демократијата и промотери на мерки против барок, споменици и поплави. Според нив, освен ХААРП-от, за невремето и поплавата во Скопје виновни се и “мегафоните на власта” и нивниот говор на омраза, барокот, невработеноста, фиксниот курс на денарот, 24 Декември, малите плати во Дрекслмаер  и ниското ниво на новинарски слободи и човекови права. Добар обид за поентирање. Впрочем исто како она “ко рибар на Тиквешко” влегување на Коце со лопата в рака во вода до појас. Во ред, градската администрација се покажа подготвена и дури испрати понуда до граѓаните за пријавување на штетите од поплавата. Некои наши сограѓани се покажаа снаодливи како Даре Панчев во шеснаесетник и оваа “стопроцентна шанса” се обидоа да ја искористат за да си го сменат левото предно крило од аутото кое го искришија лани за Бадник превезувајќиги пијаните комшии.

Според последните информации, деновиве нашето невреме се префрли во Велес и околните општини. Одредени медиуми забележуваат дека ако во блиска иднина невремето не стигне и до Струмица, тој факт ќе ги потврди сомнежите на некои експерти дека ракувачот со ХААРП-от  најверојатно е припадник на опозициска партија. Огромни дози политикантство, чувства и поплави.  Држи се Македонијо.

Advertisements

А ти сепак се враќаш

Инспирирно од… “Почнаа убавите летни скопски утра…”

Запишано ли е во праисконскиот код, космички сили се или едноставно кармата така сакала? Кој ќе знае, можеби од се по нешто. Сите светски тајни мирудии, врелото сонце и мистичната месечина на Кокино, вонземските минерали од Алшар, божјиот нектар од гроздовите прачки од југот, злите црни и моќните бели магии вмешале прсти во рецептот на врховниот алхемичар кој работел на креирање на нашиот ген и врелата јужњачка крв и тука ние ништо не можеме да смениме. Тие сме и такви сме. Единствени. Фалангата и војните, царствата и кралствата, верата, победите и робствата се нашата вечна судбина. Тешкото, манастирите, зајди зајди, комитите, кирилицата и глаголицата, копаничарството и т`га за југ, пирејот, седум осминскиот такт и Ленка се нашиот одговор на таа судбина која никогаш и за ништо не би ја менувале со ничија друга. И печалбарството. Пусто да е, пусто да остане. Печалбарството и туѓината се врежани во македонскиот колективен дух, во генот на секој од нас и нашите предци низ вековите, всадени во традицијата, во нашиот начин на живот. Наша судбина.

Ги гледам старите слики. Деца бевме. Камо да останевме деца подолго. Во моето маало од пред триесетина-четириесет години, од времето на пар-не пар возењето, СВОЗ и Брус Ли во кино Карпош, па до денес, скоро од секоја куќа недостасува барем по едно дете. Од нашата две. Некои беа само првооделенци, џивџани кога се отселија преку големата вода. Недостасуваат моите другари, моите врсници. Генерации од педесетите и шеесетите. Врсници со како Феникс од пепелот  воскреснатото Скопје. Се распрснавме по светов кој каде, кој до каде му стасале парите позајмени од другар или тетка. Кој подалеку. Скоро на секој континент. Како да се такмичевме…како да сакавме да си докажеме еден на друг кој може подалеку. Како што се такмичевме на маалскиоткош кој од подалеку ќе даде кош или кој подолго ќе издржи да оди бос по вжештениот ко рингла асфалт по скопските маала.  Кој од мака, кој од гордост или со генијален план, некој од немајкаде, од многу инат или следејќи ја својата судба, во потрага по капка љубов и трошка среќа. Заминавме. Ама ако, таква е нашата карма. Така било пишано. Ах ММЕ на тој што пишувал…што не ја прескокна мојата генерација.  Не може, велат така бил редот. Некој непишан ред и правило.  Дедо ми бил печалба, татко ми не. На мене ми е редот. А јас ќе инсистирам кај мојата судбина, ќе ја потсетам за случајно да не погреши…на син ми и ќерка ми не им е ред, остави ми ги дома.

20120909_071313_Jean_Rain_Film

Заминавме за да се враќаме. Постојано и упорно. Се надевам…сакам…знам дека никој не се кае. Оти никогаш во животот немој да се каеш за нешто што си направил, туку за нешто што требало да го направиш а не си го направил. Знам дека барем некој успеал да ја докаже својата вистина, да си докаже себе си дека може, дека знае , дека не се плаши од неуспех или осаменост.  Оти да си сам не е страшно. Да си осамен е ултимативната казна.

Се распрснавме кој каде за да избегаме од себе, за да се најдеме со судбината. Се распрснавме по светот и талкаме ко зомби по аеродроми и патишта. Се среќаваме случајно, на паркинг за кој не знаеме ни кога и како е изграден, но во детали ги памтиме чешмичката, клупата и трафиката кои некогаш стоеја тука, во стариот крај. Се среќаваме во лаунџови чекајќи авиони, ама пустото…се некако во спротивни правци. А ти би сакал секогаш да си на пат во вистинскиот правец. Срцето каде што покажува, кон вистинската страна и кон домот кој ко магнет те влече.  Оти домот е еден. Ама ако…таква ми е кармата. Знам дека со моите деца ќе биде помилостива.

Бесценето е чуството кога некој  на крајот од светот, седејќи на масата карши ќе ти прозбори на твојот мајчин јазик. Ех, ко рајска песна ќе ти прозвучи она…”…десно пријателе…малку подесно…”. Да, за твоја среќа човекот од карши го слушнал твојот македонски збогатен со сочните скопски пцовки додека се обидуваш да го кренеш шишето со пиво од подот на некој белосветски аеродром кој луѓето обично го гледаат ко некоја атракција од филмовите а ти го мразиш повеќе и од полната дупла седмица на ЈСП во фамозните скопски шпицеви во осумдесетите од минатиот век.  Ма… го мразиш проклетиот аеродром повеќе од  колку што како седмооделенец ги  мразеше  “кариките” и “разбојот” на час по физичко. Но за твоја несреќа, ни првото пиво до крај нема да го допиете, и без шанса да се ракувате…а  пријателот веќе стана и замина. Авионот  не чека. Проклетиот авион во спротивен правец. А колку само  се израдува на свој човек , на човек кому можеш да кажеш “на здравје”. Но ти веќе си навикнат пивото да го пиеш осамен. Проклетија. Се распославме по меридијаните светски. Ех, колку сонував за тие меридијани. Колку мечтаев за патувања и авантури по светските меридијани. Ех, колку ги мразам тие меридијани сега. Ко решетки ми стојат пред очи.

Ама ти се би фрлил низ Вардар и  со полно срце и со две раце попрво би потпишал за макар 2 часа поминати на Водно или само онака бесцелно шпартајки по Партизанска или по Јане Сандански. Домот… мој пријателе, домот ти е таму каде што си сакан и каде што љубиш. Домот ти е таму каде што се чуствуваш удобно во својата кожа, онаму каде што чекорејки по улиците препознаваш дел од своето детство и младост. Сеедно дали тоа ќе го видиш во  некој лик кој ти доаѓа од спротива додека шеташ по Илинденска, или во очите на синот на твојот другар од детство кој си игра во школскиот двор во твое маало или пак тоа е некоја клупа под липата на булевар ЈНА карши Тропикана. Знам, знам…Тропикана одамна не постои, веројатно и клупата и липата ги нема, ама спомените не се бришат лесно…па дури ни со булдожери.  Домот мој пријателе ти е онаму каде се чуствуваш свој на своето. Каде што дури и воздухот зачаден од Желазара и од ауспусите на половните БМВ-а и Голфови увезени од Минхен во колоната на Рекорд ти е мил и вкусен исто ко роденденската торта за твојот шести роденден.

Се распрснавме по светот. Ама ако…секој кој го разбира и го почуствувал чемерот за кој пишувам знае дека од крвта таткова и од мајчиното млеко не се бега. Кога тогаш се враќаш…те влече грутката…те влече маалскиот кош и  комшиската цреша, фудбалот на мали голчиња со две цигли место голови и Марти Мистерија на багремот до школото или сликичките од светското во Аргентина. Те влече таа….една, твојата грутката од Библиската земја, а другата пак, проклетија те стега во грло и пече…пече ко јулското сонце по азбестните кровови во Лисиче или Тафталиџе. Ама ако, ти знаеш дека сепак се враќаш…кога тогаш. Секогаш се враќаш дома. Оти домот е еден.

Шопинг

И така додека ние со нашите комшии и пријатели се расправаме кој поголема штета или корист му нанел на македонскиот народ, Тито или Цар Душан,  и дали опасно заразниот комунизам од споменикот на Тито зрачи и влегува во нас низ се па дури и низ маиците со апликација на сонцето од Кутлеш, и додека србијанството од  споменикот на Душан страшно,  злобно и невидливо ама сигурно се шири и всадува во земјата та дури и преку Вардар, накај Чаир, забележаувам дека “трулиот капиталистички” запад се занимава со некои многу по прозаични и секојдневни теми.

Што шопинг? Аха…да, Амазон и летачкиот дрон што ќе ги испорачувал сите нарачки за 30 минути. Ехееее…каде бе мики. Па како тоа  Амазон сега излегува со ваква “генијална” идеја за полесен, побрз и по практичен шопинг? Па ние сега можеме да го тужиме за многу пари. Авторизација да платат, па како? Ееее…од кога го практикувавме ние ваквиот, па и посовршен начин на достава при купување. Па како каде? Во секое скопско маало. Па колку само  сме биле ние прогресивни и пред времето. Да бе мики. Истото ова со дронот.

Во принцип се работи за иста работа, само нијансите се различни, и името не е исто. Нашиот не се викаше ДРОН, туку имаше неколку имиња, кои имаа исто значење. Некаде беше нарекуван МАЛИ, во некои маала го викаа ДЕТЕ, додека најортодоксните скопјаништа го нарекуваа КОПИЉ. Функцијата му беше иста, посакуваните артикли од најблискиот маалски стор “Жане комерц” или “Центро”да стигнат до негово височество, маалскиот кингпин и бос кој пали и гаси, човекот кој одобрува фер тепачки еден на еден позади трафика и суди на истите или потврдува право на дипс на женската  од Тафталиџе која е дојдена на гости кај Саше од позади школо. Како функционира?

21

Па вака некако. Амазон нивниот дрон го праќа по воздушна линија да ги испорачува вашите нарачки до вашиот дом. Нашиот систем работеше многу посовршено, многу поевтино (постои можност за фри шипинг) и практично без ризик да не ја достави робата или да закасни. Еве неколку од најдобрите карактеристики на двата система.

Амазон ДРОН:

  1. Никогаш нема да ти побара гриз од сендвичот или голтка од коктата кои ги испорачува
  2. Никогаш нема по пат да застане на еден жетон на флиперите кај Карпа
  3. Никогаш нема да те опцуе кога ќе му мавнеш ластик зошто место бурек со месо ти донел баничка со сирење.

Маалско ДЕТЕ, МАЛИ, КОПИЉ:

  1. Секогаш знае каде точно си во моментот на достава и со најголема прецизност го наоѓа најкусиот пат до тебе, дури и да си на кафе кај Јасна или на партија бељот кај Јоцо во гаража.
  2. Никогаш нема батериите да му откажат или некој од маалските бандити да го собори со мрежа или камен и да го ограби.
  3. Секогаш можеш многу лесно по системот “клоца у г`з” да го вратиш да ја замени пратката без никаква надокнада или финансиски трошок.
  4. Нема потреба од пристап до интернет или компјутер. Се активира со едноставна усна наредба:
  • “КОПИЉ, трк да ми земеш една Дрина без филтер, ама сараевска”
  • “МАЛИ ај рипни да ми купиш четврт со месо и пола литро јогурт”
  • “ДЕТЕ, дојди да ти дадам пари да ми земеш београдски Спорт и две зидарски Скопски, глеј да бидат зелени флаши”
  1. По желба, побрзата испораката се мотивира со додатни инструкции изречени строго и со остар  поглед
  • “КОПИЉ, трк и немој да те сањам”
  • “ДЕТЕ, ја да те мислам дека идеш натака, а ти да се враќаш”

Од погоре изнесеното јасно е видливо дека нашиот маалски  КОПИЉ систем беше многу подобар и поефтин од амазонскиот ДРОН систем. И супер беше додека траеше, се додека не се појавија некои досадни луѓе кои тврдеа дека се работи за злоупотреба на детскиот труд и децата и почнаа да спомнуваат некакви човекови права. Разбрав дека овој систем е скоро комплетно исфрлен од употреба по скопските маала, најмногу заради тоа што ДЕТЕ или КОПИЉ во денешно време е тешко да се најде и ако има по некое, главно одбиваат да учествуваат во оваа традиционална маалска активност заради отсуство на чуството “почит кон маалскиот фраер”

Што дали сакам? Шопинг? Кој? Јас? Не дека сум многу голем фан на шопинг, но би издржал ако се мора. Не сакам да делувам локал патриотски, ама како скопјаничиште нормално дека го преферирам скопскиот шопинг, кој заради спецификите на Скопје и скопјаните е можеби по малку и необичен и неразбирлив за луѓето од страна.

Не дека на пример и охридскиот шопинг не е добар. Не викам не. Охриѓаните се надалеку познати по услужноста и љубезноста. Како на пример, кога некаде во Охрид ќе подзастанеш набрзинка да си купиш бурек, а продавачката отечена во прекрасните “ко водана кај биљанини” зелени  очи и не наспана и исцедена  од вчерашната журка во Кадмо нај љубезно ќе ти рече “…држ…” дур ти ги враќа парите да одиш да раситниш кај комшикана. Таа би отишла, ама не збори со неа зошто се скарале кога оваа почнала да зборува за неа дека сакала дечкото (оној де…од Швајцарија што доаѓа секое лето) да и го украде. Наводно ја виделе како 5-6 пати излегува во 3 по полноќ од кај него целата разбушавена. А не е вистина… Прво само двапати било, и тоа не во 3, туку после 5.  И не била разбушавена, мори сељанко една непрошетана…туку таква е новата фризура што е ин по сите светски модни кругови.

Ти секако ќе сакаш да и учиниш и да излезеш џентлмен. Посебно зошто ја примети пред некој ден во Градиште на третана како елегантно го шеташе новиот црвен бикини кој за беља и беше 3-4 броја помал и атрибутите се некако бесрамно и излегуваа на виделина и се брануваа ко езероно кај Трпејца во ноември. И така,  додека безуспешно се обидуваш преку белиот пекарски мантил да провериш дали  можеби атрибутите и се ок, случајно да не изгореле на прекрасното попладневно охридско сонце, ќе видиш дека бурекот и не е така евтин во Охрид. Посебно ако излегувајќи надвор го видиш чичкото полицаец кој озарен и окезен ко струмичанец кој по 3 месеци неуспешни обиди конечно ќе влезе на техно журка во Колосеум, ти ја пишува казната за непрописно паркирање. Нејсе…

Вистинските скопјани генерално многу не обожаваат шопинг, ама кога ќе решат да и удоволат  на страстите (не скокај, не се мисли на сексуални, зошто за тоа не треба решавање, туку само џаст ду ит ени тајм енивер) на поубавата половина и да го направат тоа, тогаш го прават во голем стил. Како? Еве…

Правиш план и програма на активности:

  1. проверуваш мапа на потенцијалната траса и околината  ја анализираш на Гугл `рт и мапс за евентуални измени од времето на последниот ивент (многу се гради човече)
  2. се консултираш со канцеларијата на Градоначалникот за локациите каде што во моментот работат багерите на Коце
  3. ги проверуваш новинските извештаи за политички и социјални проблеми
  4. за можни апансас штрајкови и протести бараш потврда кај другар ти Мики што иде со онаа плавата, високата од трет влез која има братучед во опозициската партија
  5. конечно ја трасираш рутата на движење

Планираш каде се оди прво, кој шопинг мол или трговски, каде се паркираш, дали другар ти кој работи во Градски паркинг на каса е на смена и ако не, како се избегнува плаќање паркинг. Проектот “шопинг со најмилата” го завршуваш со посебен безбедносен додаток-проверка дали безбол палицата е во гепек за во случај на непочитување на познатото скопско право на предимство на минување на раскрсница без светлосна сигнализација  кое вели…

”Прв поминува кој прв си каже, кој има појака сирена и браници или кој е нај нервозен, што се утврдува според брзината на изрекување пцовки, нивниот квалитет и сочност и нивото на децибели при изрекување на истите”.

Кој не го знае ова правило најчесто завршува како жртва на веќе споменатата безбол палица, која само кај нас се користи за се живо само не за безбол.

Самиот шопинг се одвива во три етапи.

Прва етапа

  • се закажува контакт во живо со стари другари од маало “на по една” на локација по можност во самиот  шопинг мол или во круг со радиус не поголем од 400 метра колку што е доволно во случај на потреба да се стигне на време за да се спречи катастрофа од евентуално несакано опуштање и прекумерна потрошувачка на значајни парични средства од страна на госпожата

Втора етапа

  • убедување на понежниот пол дека контактот е многу битен…”Ти ќе си гледаш сандалки, а ја морам да се видам со човекот. Па знаеш дека Мики има човек кој знае еден дечко  кој има братучед чија тетка работи во пошта. Е она има внука која има дечко кој може да ми најде муштерија за моторчето што сто години ми седи во подрум. После од парите  ќе купиме нови завеси”. Дитеилс бејб, дитејлс. Никогаш не заборавај дека лажгата наjдобро поминува ако е полна со информации и детали.

Трета етапа

  • понежниот пол пристапува  на извршување на самиот шопинг, а скопјанецот на извршуење на контактот…”на по една”

Епилогот е најчесто следниот….

Понежниот пол завршува со шопинг и најчесто купува сосема тринаеста работа која требало да ја купи прошлиот мај, ама ете дури денес ја имале вистинската боја, а скопјанецот завршува со контактот “на по една”  негде околу полноќ, ама следниот ден. Сметката  од двете социјално економски дешаванки вика дека овој случај не смее да стане пракса повеќе од два пати месечно, во спротивно следи финасиски крах на домашниот буџет како крахот на Милан годинава во калчо.