телевизија

Упорност

image

Advertisements

Топ левел мрза

мрза3_wm

ТВ Мијанмар

Во пазарно ориентирано општество и  економија и капиталистичко уредување на системот, приватната иницијатива е фундамент, спиритус мувенс на се` во општеството. Веројатно после дваесет години и ние го научивме тоа. Всушност…кој како.

Една приказна која е присутна во нашите медиуми, а која е слична кај повеќето од нив и ни се повторува веќе петнаесетина години, на кратко оди вака. Некој си уредник, кој во договор со сопственикот на медиумот, “генијално” се досетил да направи “невиден” бизнис потег и да обезбеди финансирање на телевизијата , а и профит за сопственикот, купува телевизиски производ, најчесто ТВ новела и бомбастично ја најавува како светски хит. Се активира машинеријата. Маркетиншки се покрива “хитот” комплетно. Се подготвува населението за нешто досега невидено. По правило, се работи за производ(серија) кој има 340 епизоди, кој е со под просечен квалитет на камера, монтажа, недоработено сценарио, празни дијалози и никаква приказна и заплет. Важно е дека производот е евтин, може добро да се спакува и да се продаде на публиката. Никаква уметнича вредност…никаква порака, нити е посебно забавен за гледање, но ете..поминува кај населението. Кога од секаде се бомбардира со не квалитет, нешто и ќе се гледа.

Најчесто се работи за Индиско-Турско-Латино Американски продукции, кај кои емоциите и интригата, љубовна драма и измамата се главните елементи кои ја привлекуваат публиката.  Со семејна драма, со невозвратена љубов, со измама и интриги најлесно се задржува вниманието на широките народни маси. И сето тоа поткрепено со ужасно лоши актери, кои патем кај нас се претставуваат како светски звезди.

Мала дигресија…ова ме потсети на деведесетите, кога некои наши големи “промотери” организираа настапи на диџејски “звезди” кои ги најавуваа како да се во најмала рака на ниво на Карл Кокс, а всушност нивните” звезди” беа комплетни анонимуси, нивни пријатели од  Лондон или Амстердам кои кај нас доаѓаа буквално за “џабе”, беше доволно само да им платиш авионска карта и ако добијат сендвич и пиво ќе беа одушевени. Е…ама спонзорите не знаеа ништо за ова и плаќаа дебело за лажните звезди. А публиката…па и таа главно немаше поима што се случува, најголем дел од нив само од помодарство и снобизам ги посетуваа тие ивенти. Впрочем, зарем понекогаш не е  слично и на Скопскиот џез фестивал?

Е таквата наша публика е многу лесно да ја изманипулираш и со третокласни, шунд серии. Само се надевам дека нема некој да почне помасовно да ги купува Индиските серии(ако веќе не почнале, малку сум одалечен од тој дел на телевизиските  програми). Овде на Индиската кабелска која ја гледам, имам можност да видам по некоја најава за големите Индиски хит серии. Верувајте, разните Волци и Лисја се Холивудска продукција за овие. Ако тоа ѓубре почне да се емитува кај нас, мислам дека ќе треба да го исклучам телевизорот од кабелска, и да ги оставам моите дома само со сателитска програма. Да е жив интернетот и Американските ТВ канали и серии се лесно достапни за гледање. Кој знае, разбира.

Но , зошто некој уредник, некоја телевизија не откупи некоја навистина хит серија,  некој светски хит. Зошто некој не ја откупи Хоумленд или Тера Нова, инаку продукција на Стивен Спилберг. Или Пацифик(Спилберг), Фринџ, Гејм оф тронс…или комедиите Биг Бенг Теори, Модерн Фамили, 30 Рок…кои последниве две три години освојуваат награди на сите светски фестивали? Зошто? Дали некој мисли дека не се интересни за нас , на Балканот? А зошто за нас би била интересна серија за Турски Султан?

Заради тоа што се скапи? Па нормално дека ќе бидат скапи, кога имаат скапа продукција и скапи актери. Колку пари толку музика, вели една наша стара. Но барем народот нема да го труете со евтин кич, не евтин…безвреден…повеќе одговара. Но скапите серии ќе имаат и скап марекитинг, односно нашите маркетинг агенции ќе мора да побараат од своите клиенти поголеми буџети ако сакаат да се присутни во термините на овие серии. Се разбира…престиж за секоја силна компанија, за секој бренд кај нас ќе биде да бидат присутни со своја реклама во таквите серии. И ете ја заработката за сопственикот на телевизијата.

Колку погрешно се прави се тоа кај нас видов утрово, кога во една емисија на наша телевизија која обработува теми од шоу бизнисот, се емитуваше прилог за една Турска ТВ серија која моментално се емитува на истата телевизија, и која,” нормално” е огромен “хит”. Веројатно гледаноста на “хитот” не е како што се очекуваше, па му треба малки пиар. Во прилогот, авторката (која според гласот нема повеќе од дваесетина години) се обидува да не “запрепасти” колку убава гардероба носеле актерите во серијата. Султанките и робинките во серијата носеле специјално дизајниран накит и костими само за нив. Сигурно костимите на актерите биле многу скапи и креирани специјално за оваа серија(инаку не го знаеше името на креаторот, ама морало да биде многу познат) и накитот сигурно бил многу скап и оригинален. Лелеее…се шокирав…И прилогот заврши со констатација дека меѓу другото и заради таквите костими и накитот серијата била толкав хит.

Значи…”новинарката” нема ниедна потребна информација за прилогот..ама таа смета дека костимите се многу убави и скапи и “мора” да е некој познат креатор.  А дали “новинарката” е моден критичар?  И како знае дали накитот е оргинален или е само добра бижутерија? Па добро…кој уредник го одобрил прилогот? Не прашувам кој го направил, затоа што не е ни битно. Кој го одобрил? И во таа емисија имате реклами од познати Македонски и светски брендови. Па добро… која маркетинг агенција договорила соработка со таква “квалитетна” емисија. И со вакви телевизиски “проекти” кои ги има по сите телевизии потоа се чудиме што нивото на критериумите за квалитетна програма е паднат најниско од кога и да е. И потоа не треба да не чуди што кај публиката лесно “поминуваат” третокласни телевизиски серии.

Медиумите треба да размислат што нудат на пазарот, пред публиката , а маркетинг агенциите треба да престанат да плаќаат минути во програма која ни во Мијанмар или Сомалија нема да има голема гледаност. Ете…кај нас сепак се гледа. Потоа ќе се чудиме какви генерации растат со телевизиска програма која нема никаков квалитет.

п.с. Во еден период од животот, како помлад, работев во приватни радио станици и по клубови како диџеј. Еден постар колега, во една прилика во еден клуб, кога имав проблем да направам журка, едноставно не можев да ја погодам публиката, по искусниот колега ми рече…”Диџејот е како просветител…како Кирил И Методиј…Ти ја одредуваш музиката која посетителите или слушателите ќе ја слушаат…ти им го формираш вкусот, ти музички ги описменуваш”…И прав е…диџејот, радио продуцентот, уредниот на телевизијата  и телевизијата како медиум има моќ да формира или надградува нечиј вкус. Престанете да го уништувате добриот вкус на народот, посебно на младите. Колку и да сакам син ми да го заштитам, сепак неговите другарчиња гледаат, и тој ќе се заинтересира. Не ме интересира колку газдата на телевизијата сака да заработи. Престанете да ги труете  нашите деца со неквалитетна програма. Државата треба да почне да забранува шунд во етерот.

И новинарството…се претера…

Добро, секој кој лично ме познава, знае дека може да се каже дека имам “некакво” искуство кога се во прашање медиумите. Искуство кое го имам стекнато  уште на почетокот на плурализмот, и почетокот на приватната иницијатива и независните медиуми. И не само како професионалец во браншата, туку сум се обидел и како инвеститор, односно како косопственик во еден медиум во средината на деведесетите. Значи искуството сум го стекнал во најважните, но и најтешките години за медиумите. Искуство кое ми дозволува да коментирам на ова тема.

Најголем дел од електронските медиуми во Македонија опстојуваат уште од почетокот или средината на деведесетите. Сите, исто како и јас ги поминале детските болести, финансиските проблеми, лошата законска регулатива, нелојалната конкуренција, малиот пазар, публика која во најголем дел не знае што сака, па и политичкиот притисок. Многу од нив преживеаа(за разлика од мене), и како така се уште функционираат.

И тоа е така, најмногу заради сопствениците и нивната умешност да одберат која страна кога да ја подржат. Велат нема вечни пријатели или непријатели,вечен е само интересот. И тој го движи медиумскиот бизнис,само интересот и ништо друго. Па најдобар доказ за тоа е самата програма на медиумите, односно уредувачката политика. Нај профитоабилните медиуми освен информативно-политичка програма и шпанско-турско-индиски серии и немаат ништо друго на програмата. И со цел да се добие што повеќе можност да се додвори на нарачателот, нашите медиуми и новинари пронаоѓаат нови начини за промовирање на “својата” опција или плукање по другата. Со таа цел измислија новинари презентери, наместо поранешните спикери кои само ги читаа вестите. Сега имаме дневник во кој новинарот презентер наместо да презентира вести цело време коментира и ја напаѓа другата страна,  што е сигурен сум единствен случај во Европа. Погледнете само едни вести на BBC  или CNN и ќе ја видите разликата.

Од друга страна пак имате новинари,репортери кои се користат да ја завршат задачата за оцрнување на противникот преку извештаите од некој настан. Е тука е дојдено скоро до перфекција.

Се ангажираат искусни новинари-коментатори кои одат на терен и прават вистинска мала гилотина од настанот за кој известуваат. Имате 2  минути извештај во кој 15 секунди се за самиот настан, а другото време се коментира најцрно што може. Како инаку да се оправда праќањето на искусен новинар да трчкара по прес конференции или други политички настани. Тој најдобро знае како да ја спинува веста во корист  на својот “газда”. Млад, не искусен новинар не може да ја заврши таа задача. Ако се ангажира млад новинар репортер, обично се праќа да известува од настани од црна хроника, Скопска рубрика,  за сообраќајни незгоди, или од некој музички настан. И тие јадните, одвај вчера го завршиле факултетот, не можат да состават две реченици без лапсус или јазични грешки. Не, кој да ангажира лектор, тоа е непотребен трошок. Подобро ќе купиме уште некоја епизода од разни “Волци” или “Лисја”. Да не е трагично би било смешно.

Потоа измислија ТВ колумна. Ете уште еден добар начин да се распали по противникот од сите раположиви орудија. Како инаку да се изведе тоа? Да се направи политичка емисија не е едноставно. Посебно ако противникот те игнорира,па ти мораш постојано да каниш едни исти самонаречени експерти и да си лаете заедно, сами во студиото. Вака, прочитај си ги блувотините за противникот, наплати си и уживај си.

Сето ова е многу провидно и ефтино направено, во нај мала рака навредливо за интелигенцијата на гледачите. Станува парадоксално, но толку многу е присутно по медиумите, што постепено стануваме зависни од таквите “мајстории” на нашите независни и слободни новинари. Едноставно, мазохистички уживаме во нив.

Но најлошо е што сето тоа се прави под плаштот на борба за независност и слобода на медиумите и спас на демократијата, а всушност нај бесрамно се одработува налогот на “газдата”. И заради таа наводна загрозеност се кодоши сопствената држава надвор и нејзините евро-атлански интеграции се доведуваат во опасност, односно се успоруваат.

Зборувањето дека независните медиуми се столб на демократијата, или дека “слободните” медиуми се спас за слободата на граѓаните е чиста демагогија и ништо друго. Затоа што не постои нешто што се нарекува независни медиуми или независно новинарство . Едноставно, сите се на некој начин, помалку или повеќе зависни. Тоа и самите тие го знаат, а и публиката го чуствува секојдневно преку етерот. На крајот, медиумите и сакаат да бидат зависни. Односно сопствениците го сакаат тоа . Многу сакаат да бидат во “врска”. Многу сакаат кога таа зависност ќе ја наплатат,и тоа со огромни суми, или уште поголеми привилегии.

Но проблемот настанува кога таа врска ќе пукне. Од било која причина, едноставно врската се прекинува. Е тогаш медиумот, како заљубена вереница која ја оставил вереникот, се пушта “во промет”, и легнува со кој ќе стигне, само за инат на бившиот.

Проблемот се продлабочува  кога таквите медиуми не сакајки да се декларираат дека се за една или друга опција и отворено да застанат зад неа, глумат неутралност и постојано се повикуваат на некаква загрозеност на независноста или слободата и разни политички притисоци. Се оди до таму што се напаѓаат и загрозуваат и виталните национални интереси, само да се “одработи” агендата на нарачателот. Не само како во народната “Да му умре козата на комшијата”, туку ако може да умре кошијата , па да му земеме се.

За жал, таква е ситуацијата со медиумите кај нас. Го спуштија квалитетот на програмата на најниско можно ниво, и со тоа ги затупуваат гледачите, а од друга страна а се продаваат за политички интерес нај скапо што може. Се продаваат како нај обични проститутки. Се проституираат пред очите на нивните гледачи, кои сигурен сум тоа го забележуваат и нема да им го простат.