SOPA

Од SOPA се спасивме, запознајте ја ACTA

Веројатно секој кој барем малку се интересира и има познавања поврзани со технологијата и интернетот до сега слушнал за SOPA, фамозниот закон кој треба да биде усвоен во Американскиот конгрес а кој се однесува на онлајн пиратеријата и заштита на авторските права на интернет. Накратко, овој закон практично би овозможил воведување на цензура во интернетот, под изговор на заштита на авторски права. Многу се пишуваше и се дискутираше на оваа тема последниве недели, и јас пишував во неколку наврати уште пред повеќе од 2 месеца.

Изгледа се спасивме од SOPA, барем засега. Најверојатно законот ја губи подршката во Конгресот, но како и да е Претседателот Обама го има последниот збор. Може без никакво образложение да не го потпише овој закон и најверојатно тоа ќе се случи. Ако предходно Конгресот воопшто го прифати овој предлог закон, со оглед на огромниот притисок на големите играчи во интернет бизнисот, кои би биле најмногу погодени од овој закон.

Но…сите знаемe за SOPA, а дали сте слушнале за ACTA. Е…да…Американците ја имаат SOPA а  ЕУ ја има ACTA. Anti-counterfeiting Trade Agreement или ACTA е договор кој ЕУ ќе го ратифицира наскоро, веројатно за неколку месеци. До сега овој договор го потпишале САД, Јапонија, Австралија, Канада, Сингапур, Кореа и Мароко. Наскоро и сите земји членки на ЕУ и Мексико и Швајцарија се очекува да го потпишат овој договор.

Основа на овој договор е заштита на интелектуалните и авторските права од фалсификување, пред се во текстилната, прехранбената, фармацевтската и слични индустрии. Но фактот дека преговорите околу ACTA, и најважните акти и документи се кријат од јавноста, па дури и од парламентите на некои земји предизвика интерес и загриженост во јавноста. Сепак, дел од преговарачките документи “протекоа” и од нив се добија индиции дека големите корпорации, иматели на интелектуални  и авторски права бараат во законските норми “интернет сервис провајдерите да се поттикнат да соработуваат со имателите на права во заштита на истите”, како и имплементирање на кривични мерки во тој правец. Иако се работи само за договор, кој нема тежина на закон, сепак тој овозможува рамка  во која ќе влезат законските одредби на секоја од земјите од ЕУ.

ACTA и не мора да значи цензура на интернетот или кршење на личните слободи, но дава можност на секоја земја потписничка да донесува закони кои би биле во рамките на овој договор. Значи законодавецот може да донесе закон кој би наметнал ограничување на слободата на интернет и санкции во тој правец, се додека законодавецот истите ги смета за “разумни”. А кој утврдува што е разумно?

Реакции веќе има. За некој ден Полска треба да го ратифицира договорот ACTA. Полската Википедија најави гаснење на својот сајт, исто како што реагираше матичната Википедија во случајот SOPA. Полските хакери ги нападна и ги срушија веб сајтовите на Полскиот Парламент и Премиер.

 

п.с. Дали оваа приказна со ACTA значи дека дуваме на јогурт затоа што сме се изгореле на млеко(SOPA), или сепак каде што има чад има и оган. Времето ќе покаже.

Не грижете се за интернетот, Марк Фејсбукмен е тука!!!

Морам да прекршам едно правило кое се обидувам да го применувам на блогов. Не би сакал од личен блог каков што е Авгантура да направам њуз портал кој секојдневно ќе ги следи настаните и ќе пишува за актуелни теми. Едноставно, не сакам кога е Божик и сите блогери пишуваат за Божик, или за Нова година сите пишуваат на 31 декември, кога има земјотрес сите пишуваат за земјотресот или кога ќе има хаварија на брод, сите пишуваат за бродови и хаварии, или никогаш не следат спорт, а кога има Европско првенство во ракомет, сите за тоа пишуваат. Нека си пишува кој сака за што сака, негово право е, но јас не сум за тоа. Јас барем се обидувам да не следам некаков тренд и да коментирам само актуелни настани , туку едноставно си пишувам за теми кои ме провоцираат и инспирираат.

Сличен случај имаме деновиве кога цела светска јавност е окупирана со случајот SOPA, и  се што е поврзано со настаните околу донесувањето на овој закон во Американскиот законодавен дом. Во врска со SOPA и какви импликации може да има врз нашиот секојдневен живот јас веќе пишував овде пред  два месеца во два наврати. Сега гледам дека сите се заинтересираа за SOPA и PIPA, па дури и оние кои пишуваа само лични дневници или поезија и не знам што, сега одеднаш пишуваат за ова.

Овој пат сакам само еден апдејт да додадам на оваа тема. Имено, се прошири вест дека Википедија и некои социјални мрежи или онлајн сервиси(Фејсбук, Твитер,Гугл, Јаху, Амазон, иБеј) ќе ги затворат своите сајтови барем на еден ден  со цел да протестираат и да покажат дека не се сложуваат со SOPA и PIPA законите кои треба да се изгласаат. Настана паника по нашите медиуми и онлајн портали. Се рашири дезинформација, базирана на не знаење, не професионалност и не информираност на нашите генијални “новинари”. Апсолутна дезинформација.

За што се работи? Википедија е не профитна организација која работи на база на чист не профитен ангажман,  односно ништо не заработува од својата дејност, освен што добива некои донации за да може да функционира од технички аспект. Википедија како таква лесно може да си дозволи и да протестира, затоа што практично ништо не губи финансиски кога е во прашање не работење во траење од 24 часа. Токму тоа и го направија.

Но што е со другите споменати сервиси и социјални мрежи, најголемите играчи во интернет бизнисот? Еве маку информации(посебно за полуписмените “новинари)” околу нив и колку тие заработуваат, и колку би ги чинело неработењето од само 24 часа.

Google: Според  написот на Wired од пред некој месец, Гугл заработува окол 3 милијарди долари месечно, најмногу од рекламите кои ги има на сајтовите и од текстуалните пораки кои се појавуваат. Значи дневната заработка на Гугл е 100 милиони долари, што значи дека толку и би загубил ако на еден ден ги згасне своите сервиси. Можеби заради тоа, Гугл се одлучи само да го покрие своето лого во знак на протест против SOPA.

Facebook: Според анализата на  Блумберг, Фејсбук во 2011 заработил 4.27 милијарди долари. Според ова, ако го затворат “дуќанот” на еден ден, Фејсбук ќе загуби 11,7 милиони долари. Да не спомнувам колку само збеснати корисници ќе останат без својата омилена он лајн играчка.

Amazon: Според некои податоци, гигантот во електронската  трговијата Амазон во 2011 заработил повеќе од 30 милијарди долари, но според  успехот на нивниот производ Kindle, и продадените повеќе од 14 милиони производи само во 2011, таа заработка е и поголема. Еден ден не работење Амазон би го чинело околу 82 милиона долари.

eBay: Во 2010 година заработил околу 9 милијарди долари.  За 2011 година се проценува дека заработиле повеќе од 10 милијарди долари. Значи само eBay би загубил околу 28 милиони долари ако не работи еден ден. А да не зборуваме за секој поединечен продавач.

Yahoo: Само во третиот квартал од 2011 година Јаху заработил повеќе од една милијарда долари. Според ова, еден ден неработење би ги чинело скоро 12 милиони долари.

Twitter: Со годишна заработка од околу  140 милиони долари, Твитер за еден ден неработење би загубил околу 400 илјади долари а би добил стотици илјади нервозни корисници.*

*Користени податоци од The Next Web

Еве да им олеснам на сите кои се заинтересирани(пред се мислам на приучени вонаби новинари) за SOPA, еве едно “SOPA For Dummies”, чисто информативно. Кога некој од нашите генијални “новинари” малку би се заинтересирал, да дознае што е целата приказна околу SOPA и PIPA, и да се информира пред да пишува глупости, тогаш сигурно нема да имаме онакви  небулози дека сите најголеми интернет играчи ќе прекинат со работа на 24 часа.

п.с. Инаку, Фејсбук официјално не коментираше ништо во врска со SOPA, но затоа лично Марк Цукерберг се огласи на својот Фејсбук профил. Неговиот статус за 10 минути доби 75 илјади лајка, а досега има скоро пола милион.

The internet is the most powerful tool we have for creating a more open and connected world. We can’t let poorly thought out laws get in the way of the internet’s development. Facebook opposes SOPA and PIPA, and we will continue to oppose any laws that will hurt the internet.

Толку го изнервираа Марк да човекот твитна на таа тема прв пат по 2009 година. “Tell your congressmen you want them to be pro-Internet,” Порача Марко наш. Така. Марк Фејсбукмен е тука и немојте да се грижите околу Фејсбук и некаква си таму SOPA и PIPA. Никој нема да ве “пипа”. Интернет ќе си остане каков го знаеме, се додека големите играчи сакаат така, и додека ние им ги полниме џебовите.

Дајте им храна на девојчињата

Лут заради глупавиот, а веројатно и неправеден и нелегален(последниот шут на Лазаров требаше да биде признает гол) пораз на нашите ракометари од Германија, листав по  каналите на Индиската кабелска која ја гледам овде. Обично гледам некоја од топ светските серии(The Event, Big  Bang Theory, Terra Nova), кои овде редовно се емитуваат или гледам  некој меч од Италијанската, Шпанската или Премиер лигата или можеби Дискавери-Нејшнал Џиографик комбинацијата од документарци. Немаше ништо интересно( или јас бев многу лут за да забележам) а од спорт освен некакви крикет “дерби мечеви” помеѓу сите 6-7 нации кои го играат овој за нас смешен спорт имаше само реприза од последниот дуел на Наполи со Болоња, а тоа го гледав веќе и подобро да не го гледав со оглед на (не)квалитетот.

Нејсе, листајќи така по каналите налетав на Fashion TV. Што ми требаше тоа? Малку ли ми беше нервозата од ракометот(згора на се само радио пренос следев, што е двојно поголема нервоза), па и уште ова ми фалеше. Дали скоро сте следеле некоја модна ревија. Да? А дали пријавивте во полиција? Како зошто?

Па заради злосторството против човештвото кое се прави на модните ревии и воопшто во модната индустрија. Па ова ме налути и ме шокираше уште повеќе и од поразот на ватерполистите од Грција, и од неписменоста на самонаречените новинари по нашите онлајн медиуми.

Добро, како се вика ова?  Мора да има некоја болест или психичко нарушување кај луѓето на кои вакво нешто им е убаво. Може ли некој да ми објасни кому(освен на Хитлеровите Гестаповци во Конц-логорите) може ова да му е убаво и зошто?

Каков ли дегенеричен ум можеше да помисли дека овие јадни  тинејџерки кои изгледаат како да излегле од Треблинка, можат да се наречат модели? До каде може да оди болниот ум? Девојките се премлади и навистина е жално, и вистински стресно да се гледаат вакви.

Зарем навистина никој не им кажал на луѓето од овој бизнис  дека ова е одвратно и срамно, дека ова е болест. Девојките треба да се заштитат и да се лекуваат а оној кој ги ангажирал, или можеби ги натерал да се претворат во креатури да се уапси и прати на задолжително лекување.

Не можам да разберам. Кој ли само им кажал на овие луѓе дека нешто вакво може да е некому убаво. Дали навистина мислат дека девојките кои ова го гледаат пред телевизор веднаш ќе го купат производот кој е презентиран преку овие живи скелети. Моделот би требало да го прикаже производот, креацијата во што по убаво светло, да им се допадне на потенцијалните консументи на конкретната модна линија. Што презентираат ваквите изгладнети девојчиња. Нечија болна фантазија?

Дали некој од овие луѓе од модната индустрија некогаш прашале некого од мажите дали им се допаѓа нешто вакво. Колку ли само тинејџерки се изгладнуваат до изнемоштеност само за да изгледаат како овие модели и манекенки. А зошто? Дали е таквиот изглед убав, дали се привлечени  некому овие јадни девојки. Прашајте ги мажите.

Дали не е поубаво и за модната индустрија и за консументите на модата да производите бидат презентирани преку нормално ухранети девојки на нормална возраст од двесетина години, а не девојчиња од 16 години кои кога ќе ги видиме на модната писта предизвикуваат само одбојност, жалење и желба да не ги гледаме повеќе.

А за разлика од нив, моделите кои изгледаат “нормално”, а не како да биле на пуст остров 6 месеци,предизвикуваат погледи и внимание. Дали некој би рекол дека овие таканатечени   real size модели се не соодветни за модна ревија? Зошто? Па најголемиот дел девојки во светот така изгледаат, мислам со толкава тежина и такви облини. И на крајот, не можам да разберам зошто некоја девојка би сакала да изгледа така, освен ако не е болест анорексија во прашање. Инаку не гледам причина. Нити е добро за здравје, нити изгледа убаво и секако не им се допаѓа на мажите. Модната индустрија нуди производи за изгладнети и болни девојки или за широката потрошувачка публика?

Навистина, зошто моделите да бидат слаби и грди? Дали некоја мајка би сакала да има таква ќерка, дали некој би сакал да има таква девојка или сопруга, со која би засновал семејство(без деца, затоа што се толку слаби што не можат да раѓаат). Јас само ги жалам и апелирам да престане оваа глупост, а Fashion TV го избришав од мојата листата на канали кои ги гледам. Не ми требаат шокови од тој тип.

п.с. Гледам многу забуни и дилеми донесе вчерашната вест дека заради отпор кон SOPA, наводно денеска пола интернет нема да функционира. Дезинформации и неинформираност. Само Википедија заради протест денеска е оф лајн. За SOPA, јас овде пишував  пред точно 2 месеци , ама нашите генијалци наместо да  се заинтересираат да добијат некоја информација повеќе која навистина ќе им користи, тие се занимаваат со квази активизам, политикантство и тресење глупости по социјалните мрежи.

Update за талентите и за пиратеријата

За денес имам два апдејти на мои веќе објавени постови . Настани за кои сум пишувал а кои сметам дека заслужуваат внимание. Се работи за нашите млади фудбалски таленти и за пиратеријата на интернет.

Во написот “Талентирани браќа” од август 2011, пишував за браќата Дориан и Давид Бабунски, инаку синови на нашиот поранешен фудбалски репрезентативец , а сега селектор на нашата младинска репрезентација Бобан Бабунски. Дориан е помладиот, има 15 години и настапува за младите категории на Реал Мадрид, а постариот Давид (17)неколку години настапува за Барцелона. Пред неколку дена Давид Бабунски , настапи за Барцелона во второто полувреме на мечот против Селтик кој Барцелона го доби со 5:1. Браво за Давид.

Вториот апдејт за денес е поврзан со написот “SOPA или дали лекот е полош од болеста” од пред десетина дена. Се работи за закон кој треба да биде изгласан во Американскиот Конгрес, а кој се однесува на пиратеријата и заштита на авторските права на интернет. Законот треба да овозможи Владата директно да блокира сајтови или веб сервиси кои имаат забранети содржини, или да им наложи на интернет провајдери или платформи да користат DNS филтри за да ги блокираат сите обиди за пиратирање.

Одговорот на ова дојде од Европскиот суд на Правдата, кој одлучи дека издавачите на содржина не смеат да бараат од интернет провајдерите да филтрираат нелегална содржина. Оваа одлука доаѓа по барање на забавната индустрија да се спречи пиратеријата со интервенција на провајдерите.  Браво и за Европскиот суд на Правдата.